Решавањето на македонското црковно прашање преку Вселенската патријаршија е единствениот пат за меѓународно признавање на автокефалноста на нашата црква. Наедно, тоа бездруго е и суштински национален интерес на Македонија, затоа што признавањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија значи и признавање на македонската посебност, не само на црковната посебност
Познавачите на состојбите во православниот свет велат дека токму на крупното прашање за меѓународното признавање на самостојноста или т.н. автокефалност на Mакедонската православна црква треба да има поддршка не само од црковната туку и од државната власт, која ја обликува општествената реалност во нашата држава. Во истиот контекст, познавачите со кои се консултиравме тврдат дека и широкиот општествени консензус по прашањето за автокефалноста на Македонската црква е битен фактор, кој праќа јасна и недвосмислена порака до меѓународната (црковна) јавност.
Во таа насока беше и завчерашната посета што македонската државна делегација, составена од бившиот премиер Зоран Заев и премиерот во техничката влада Оливер Спасовски, ја имаше со патријархот Вартоломеј во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул, Турција.
Во очекување конкретни чекори кон автокефалност
Првичните реакции на експертската и на црковната јавност се дека македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем во православието.
На ваков заклучок посочуваат експертите и ја наметнуваат дилемата дали следните месеци ќе бидат очекувања за МПЦ за признавање на нејзината автокефалност.
Премиерот во техничката влада Оливер Спасовски на вчерашната прес-конференција изнесе заклучоци од средбата со вселенскиот патријарх и посочи дека оваа средба се случи како иницијатива што започнала минатата година од страна на Владата и која има за цел да воспостави една динамична и непосредна комуникација со Вселенската патријаршија.
– Имавме пријатни и долги разговори со патријархот. Изразив надеж дека и оваа година тој ќе продолжи во духот на толеранцијата и разбирањето да поттикнува дијалог за да се наоѓаат решенија за проблемите што ги имаат верниците во православниот свет. Охрабрени сме од зборовите дека оваа наша комуникација ќе продолжи и понатаму и дека ќе почне еден динамичен дијалог во рамките на ВП за да се надминат проблемите што ги има МПЦ. Го поканив патријархот да ја посети нашата држава, што е чест за верниците и за МПЦ – нагласи Спасовски.
Владиката Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ-ОА вели дека црквата очекува решение за нејзиното прашање во православниот свет.
– Очекуваме и се надеваме на позитивни реакции и решение, како и веќе следниот месец да бидеме повикани на средба во Вселенската патријаршија. А, со Српската црква секако дека би разговарале, тоа нема да ни биде ниту прв, ниту последен пат – посочи г. Тимотеј.
Да не се заврши само на иницијативи и декларации
Инаку, во официјалното соопштение од Вселенската патријаршија пишува дека патријархот Вартоломеј ја примил делегацијата на Македонија на нејзино барање, за да се реши проблемот на непризнаената МПЦ. Оттаму соопштуваат и дека патријархот одлучил да се поканат во седиштето на Вселенската патријаршија претставници од Српската православна црква и од МПЦ-ОА, во насока на советување и на обид за наоѓање на заеднички прифатливо решение меѓу двете страни.
Засега во Македонија само премиерот Зоран Заев имаше иницијатива за поддршка, со писмото што го испрати до вселенскиот патријарх и во кое побара решавање на статусот на МПЦ-ОА.
Пред десетина години и Собранието имаше слична иницијатива, кога беше изгласана резолуција за поддршка на автокефалноста на МПЦ. Но токму сега, како што истакнуваат аналитичарите, е момент кога државниот врв треба поизразено да ја демонстрира својата поддршка, односно кога државата, премиерот, претседателот, Собранието не можат да останат рамнодушни и треба да обезбедат одреден степен на поддршка за црквата, пред сѐ поради потребата да се релаксираат односите меѓу верниците, но и да се постигне крајната цел – затворање на ова прашање, што ги оптоварува и политичките односи меѓу државите.
Сепак, сега МПЦ е исправена пред еден силен предизвик, кој ќе опфати спектар на прашања што ќе навлегуваат не само во световните прашања туку ќе се рефлектираат и во сферата на националните интереси.
И исклучително е битно во кој правец во иднина ќе се движат ваквите предизвици, не само за нашата црква туку и за најголемиот број граѓани во нашата земја, а тоа ќе биде и наш понатамошен тежиштен предизвик како медиум со најдолга традиција и камен-темелник во македонската државност.
Што значи автокефална МПЦ?
Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.
Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.
Во овој период Вселенската патријаршија и Руската патријаршија се во битка за превласт во православието. Според експертите, постапките на Руската црква се со намера да го спречи признавањето на автокефалноста на МПЦ, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност. На страната на РПЦ е СПЦ, а на страната на Вселенската патријаршија е дел од блокот на грчки цркви, како Грчката и Кипарската црква.
Автономија, автокефалност, самоуправност
Православието во практика познава два типа црковна хиерархија, како автокефална и автономна. Под автокефална црква во православието се подразбира самостојна помесна црква, административно и канонски независна од сите други. Автокефалната црква има свој самостоен помесен или архијерејски собор и е рамноправна со другите. Автономна црква, пак, е зависна помесна црква, која има територијална и административна независност, но се наоѓа во состав на автокефалната црква. Поглаварот на автономната црква се избира на собор, со тоа што изборот мора да го потврди патријархот на црквата од која потекнува. Зависноста на автономната црква од автокефалната е во тоа што автономната го добива светото миро и поглаварот се потчинува на највисоката судска инстанца.
Терминот самоуправна или самостојна црква го користи Руската православна црква, што во основа е термин што означува пониско ниво на црква од автономната. Изборот на владици на таа црква го потврдува и претходно дава согласност поглаварот на црквата под чија јурисдикција е самоуправната црква.