Во најлошото сценарио, со топењето на глечерот наречен Твејтс, со големина колку Британија и длабок еден километар, нивото на морето би се подигнало за 65 сантиметри

Исцртувањето нови граници стана тренд во
пандемијата

Како последица на темпото со кое напредува глобалното затоплување, би можело да дојде до почеток на брз и незапирлив раст на морското ниво поради топење на огромниот леден слој на Антарктикот.

Најновото тематско климатско истражување гласно предупредува

Како што пишува „Гардијан“, доколку не се намалат емисиите на гас што ја загреваат планетата, со што би се исполниле целите на Парискиот климатски договор, приближно во 2060 година светот ќе се соочи со ситуација во која ќе дојде до ненадеен скок во динамиката на топење на мразот на Антарктикот, а тоа ќе предизвика покачување на морското ниво, при што приморските градови ќе бидат подложени на голема опасност, се наведува во студијата.
– Доколку светот се загрева со брзината што ја диктираат актуелните политики, ќе видиме како Антарктикот исчезнува некаде околу 2060 година. Кога еднаш ќе внесете доволно топлина во климатскиот систем, ќе ги изгубите ледените плочи, а откако тоа еднаш ќе се покрене, процесот е иреверзибилен.
Океаните би морало повторно да се изладат пред да заздрави ледената покривка, а таквиот процес би траел многу долго. Гледано од аспект на општествена временска рамка, во основа тоа би значело трајна промена – изјавил Роберт Деконто, експерт за поларни климатски промени на Универзитетот во Масачусетс и главен автор на студијата.
Оваа пресвртна точка за Антарктикот би можела да биде активирана со глобалниот пораст на температурата за 3 Целзиусови степени над прединдустриската ера, што, според актуелните политики на владите, би можело да се случи до 2100 година, сметаат голем број научници.

До крајот на овој век, нивото на океаните би се покачило од 17 до 21 сантиметар

Новото истражување, објавено во списанието „Нејчр“, открива дека доколку се случи губење на мразот на Антарктикот, тој би бил „неповратен со векови“, со што нивото на светските океани до крајот на овој век би се зголемило помеѓу 17 и 21 сантиметар. Меѓутоа, доколку светот успее да ги исполни обврските од Парискиот климатски договор, до крајот на веков Антарктикот ќе придонесе за подигање на морското ниво од 6 до 11 сантиметри, што е во согласност со сегашната стапка на ледена загуба. Имено, според Парискиот договор, владите ветија дека ќе го ограничат опасното глобално затоплување на 2 Целзиусови степени над прединдустриската ера и дека наедно ќе настојуваат порастот да го задржат на 1,5 Целзиусов степен.
Следниве неколку децении навистина ќе го одредат порастот на нивото на морето во однос на антарктичкиот мраз. Овие ледени плочи нема да можат тукутака повторно да се создадат – рече Деконто.
Научниците сѐ почесто излегуваат со предупредувања за судбината на огромните количества мраз складирани на Антарктикот, кои, доколку целосно би се стопиле, би го подигнале глобалното морско ниво за 57 метри, потопувајќи ги во целост светските брегови. Иако тоа нема да се случи во засега ниту една предвидлива временска рамка, дури и мал пораст на светскиот мраз би бил почувствуван во рамките на глобалното морско ниво. Постои особена загриженост во однос на западниот дел од ледената антарктичка покривка, а научниците во моментов ја испитуваат стапката на топење на глечерот Твејтс, познат и како глечер на судниот ден. Во најлошото сценарио, со топењето на глечерот Твејтс, голем колку Британија и длабок еден километар, нивото на морето би се подигнало за 65 сантиметри.

Антарктикот се топи поради сѐ потоплата атмосфера, но и поради океаните, бидејќи во текот на загревањето, морската вода навлегува во пукнатините и го подјадува глечерот на „точките на прицврстување“, кои ги одржуваат стабилни огромните парчиња мраз. Забрзаното топење би можело да резултира со каскаден ефект, при што огромни количества мраз и вода незапирливо истекуваат во Јужен Океан.
По започнувањето на овој процес, влијанијата на ваквото драматично губење мраз ќе траат и ќе растат со години.
Во периодот по 2100 година, ова е потенцијално катастрофално. Доколку не преземеме нешто за да ги намалиме емисиите, до 2200 година морското ниво би можело да порасне за 5 метри, а тогаш би морале да направиме нова мапа на светот. Тоа би било незамисливо – вели Деконто.
Моделот на Деконто вклучува зголемување на температурата и загуба на мраз, како и динамични процеси на Антарктикот, кои претставуваат предизвици во предвидувањата за тоа што точно ќе се случи со дополнителното загревање на планетата.

Уште една сериозна студија ги потврдува последиците од глобалното затоплување

Една друга студија, објавена деновиве во списанието „Нејчр“ од страна на научниците од лондонскиот Кралски колеџ, откри дека, доколку глобалниот пораст на температурата достигне 3 Целзиусови степени, до 2100 нивото на морињата ќе се зголемува за 0,5 сантиметри на годишно ниво. Деконто оваа студија ја нарече „импресивно дело“, но истакна и дека се разликува од неговата, во која е додаден и дел за влијанието од загубата на ледените „полици“.
Ниедна од овие студии не е последен збор, сето ова сѐ уште трае. Во суштина, ќе мора да се справиме со постојаниот пораст на морското ниво. Основното прашање е дали ова ќе биде контролиран или нескротлив процес – вели Деконто.
Орин Пилки, експерт за покачување на морското ниво од универзитетот „Дјук“, кој не беше вклучен во истражувањето, рече дека студиите се „важен обид за поврзување на Парискиот договор со реалноста“.

Ова го сметам за осмислен, дури и застрашувачки, но веродостоен придонес, кој би требало да обезбеди една многу силна основа за продолжување на примената на Парискиот климатски договор -додаде Пилки.
Андреа Датон, експерт за покачување на морското ниво од универзитетот „Висконсин-Медисон“, која е коавтор на студијата, изјави дека документот се занимава со „важното и неодложно прашање“, кое се однесува на тоа што во суштина ќе значат париските климатски цели за идното покачување на нивото на светските мориња.
– Ние веќе се бориме со количеството на покачено морско ниво што се случи во текот на минатиот век – рече Датон.
Тој додаде дека забрзаното топење на Антарктикот ќе доведе до повлекување на крајбрежјето и миграции во размери што досега не се забележани.
Нема да можеме тукутака да се приспособиме, зашто е невозможно да се најде само инженерски излез од сево ова. Заклучокот на студијата е силен потсетник за итноста од длабоко и трајно намалување на емисиите на стакленички гасови – нагласи Датон.