Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПАНДЕМИЈАТА И ИЗБОРИТЕ

Политичките партии ја почнаа кампањата за локалните избори со најави за митинзи во поголемите градови, но и средби со граѓаните во помалите населени места низ државата, со што и тие се ставени на тест како да одржат безбедна кампања од здравствен аспект, заштитувајќи го здравјето и на граѓаните, но и на партиските членови во екот на пандемијата на ковид-19. Со оглед на топлото време, засега митинзите и средбите со граѓаните се најавени на отворен простор, а во согласност со последните препораки од Комисијата за заразни болести, при манифестации и на отворен простор на кои се вклучени поголем број граѓани е потребно почитување на сите епидемиолошки мерки.
Сите политички партии од власта и опозицијата најавија дека изборната кампања е осмислена да биде во насока на заштита на здравјето на граѓаните што ќе присуствуваат на самите политички настани.
Некои од партиите најавуваат дека поради актуелната здравствена ситуација, ќе се концентрираат на кампања од типот одење од врата на врата, без поголемо собирање на луѓето.
За микробиологот Никола Пановски, митинзите за време на кампањата не се толку ризични колку што е групирањето во затворен простор.
– Сега е топло времето, така што мислам дека ако се почитуваат мерките, нема преголем ризик од ширење на заразата меѓу учесниците на партиските митинзи. Поголем проблем беа настаните во затворен простор и се надевам дека времето ќе послужи и сите тие настани предвидени со партиските кампањи ќе се одвиваат на отворено, каде што е многу побезбедно – нагласува Пановски.