Актуелната кампања за парламентарните избори, која се одвива под превезот на пандемијата на ковид-19, со сигурност станува препознатлива по партиско-политичкиот приод на дистанца. Според политичките аналитичари, ваквиот „приод од далечина“ во голема мера ќе влијае врз гласачите и врз изборните резултати
Партиско политичката пропагандна што се одвива на дистанца се чини дека станува главна одлика на партиите во оваа кампања. Аналитичарите со кои се консултиравме велат дека пропагандата на дистанца во голема мера ќе влијае врз определбата на гласачите и на изборните резултати.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека во актуелните услови, кога класичното водење кампања е неможно поради опасностите од пандемијата на ковид-19, може да се очекува дека пропагандата на дистанца ќе биде најсилниот адут за трка во овие собраниски избори. Според негови сознанија добиени од голем број анкети на оваа тема, моќта на традиционалните медиуми сѐ уште е најголема во земјата, па оттука може да се разбере зошто партиите најчесто во овие моменти се одлучуваат на овој вид пропаганда.
– Во овие моменти кога сѐ уште кампањата е во почетна фаза, може да се забележи дека партиите до овој момент имаат заеднички наратив преку спотовите да го претстават контрастот на политичката сцена. Односно со видеопораките и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се фалат себеси, а го оцрнуваат конкурентот. Јас верувам дека како што ќе се развива изборната трка, можеме да очекуваме и содржината на наративот да се промени, односно преку нив да се понудат и конкретни делови од изборната програма, кои ќе објаснат зошто токму таа партија треба да биде гласана од гласачите – вели Арсовски. Тој подвлекува дека ако се зборува за продукцијата на видеопораките на партиите во Македонија, тие во суштина ги следат светските трендови и во принцип не заостануваат по ништо од она што во политичкиот спектар е актуелно во ЕУ или во САД.
– За жал, пристапот во кои се истакнуваат негативностите на опонентот, како што во моментов се случува во земјата, се во мода или во тренд и кај поразвиените демократии од нашата, па оттука може да се заклучи дека битката на партиите во кампањата барем е во тек со овие светски движења – вели Арсовски.
Аналитичарот Јове Кекеновски говорејќи на темава додава дека ако се изанализира актуелната состојба поврзана со видеоспотовите на политичките партии, ќе се забележи дека најголемиот простор го користат таборите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, оваа состојба е таква затоа што имаме проблематичен Изборен законик, кој предност им дава на двете најголеми партии, а другите ги запоставува.
– Од вкупно 18 минути на ден наменети за политичка пропагандна програма 16 им припаѓаат на двете најголеми партии, а по една на помалите партии од Собранието и оние што се надвор од него. Во една ваква констелација на состојбите може да се види дека луксузот со политички спот единствено можат да си го дозволат најголемите политички играчи. Помалите партии мораат краткото време на емитување наместо со видеоспотови да го заменат со други креативни начини за добивање симпатии кај гласачите – вели Кекеновски.
Тој истакнува дека доколку во земјата имаме чувство и потреба за мултиполарен политички систем и ако сакаме во иднина да го видиме сето политичко шаренило во некои идни политичко – пропагандни приоди, треба да го промениме актуелниов дискриминаторски Изборен законик.
Видео спотовите на политичките партии во оваа кампања се според светски стандарди. Голема е веројатноста дека и нивната цена е според светските стандарди. На крајот од секои избори се поставува прашањето која партија колку пари потрошила во кампањата, особено колку за изработка и за емитување на спотовите.
Во секој случај можеби средствата наменети за масивна политичко партиска пропаганда во иднина би било најдобро партиите подлабоко да размислат и средствата да ги пренаменат во продуктивни инвестиции во функција на граѓаните.