Дури и ако македонската страна ги спроведе сите обврски преземени со Преспанскиот договор и ги направи уставните промени (па и тие да бидат усвоени со двотретинско мнозинство во Собранието), а договорот не биде ратификуван во грчкиот парламент – спогодбата од Нивици пропаѓа, но промените во македонскиот устав – остануваат?!
Иако во преговарачкиот процес за надминување на проблемот околу името меѓу Македонија и Грција, кој резултира со Преспанскиот договор, македонската страна, односно премиерот Зоран Заев, влезе со ставот за „отвореност за сите опции“, јавноста очекуваше дека (не)менувањето на Уставот ќе биде црвената линија.
Како што одминуваа преговорите, од грчката страна стигнуваа информации дека се бара примена ерга омнес за новото име на македонската држава, односно тоа да биде и за внатрешна и за надворешна употреба. Тоа веќе наведуваше на сомневање дека „новото име на државата сепак ќе биде потврдено и со редефинирање на македонскиот устав“. Тоа јасно и гласно го изговори уште во текот на преговорите и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, тврдејќи дека „Заев би требало да оди во затвор кога би дошла некоја нова влада, ако договорените промени не бидат потврдени и во Уставот на државата“.
Македонските правни експерти, уште пред потпишувањето на спогодбата во Нивици, различно ги толкуваа максималистичките барања на грчката страна, сметајќи дека тоа се само нивни тенденции за засилувања на своите преговарачките позиции, а не нивни реално прифатливи позиции. На пример, професорот Фрчковски правеше јасна дистинкција, толкувајќи го грчкото барање за промена на Уставот како само „промена на насловот на нашиот устав, а не на содржината“. Тој дури тврдеше дека Уставот како текст нема да се менува. Или ако се менува, тоа би било при влез на Република Македонија во ЕУ, во 2025 година, при хармонизирањето на македонското законодавство со европското.
– Во врска со промената на Уставот имаме два односа. Едно е промена на насловот на Уставот, а друго е промена внатре во Уставот. Тоа се двете позиции што паралелно, порадикално или помалку радикално ги споменуваа во Грција. Споменуваа и некои членови, ја споменуваа преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот. Јас мислам дека тој дел од промените внатре во Уставот нема да се отвора, дека Уставот како таков, како текст ќе остане кохерентен. Промената ќе се адресира на насловот на Уставот и таа ќе биде во формулата, со која двете страни на некој начин ќе се најдат во решението. Уставот, веројатно, нема да се менува веднаш, туку при влезот на Република Македонија во ЕУ. Тоа е 2025 година, или можеби нешто малку порано ако успееме сѐ да совладаме. Тогаш и така ќе се отвора Уставот за чл. 118, односно тоа е важењето на европските договори директно во законодавството на земјите-членки. Тогаш се менуваат сите устави на земјите кога стануваат членки на ЕУ. Веројатно тогаш ќе се искористи моментот да се адресира насловот. Веројатно тоа ќе биде компромис што е поднослив и за двете страни – ги толкуваше барањата на Грција пред спогодбата во Нивици професорот Љубомир Фрчковски.
А во конечната спогодба, уште во првиот член, став 3, стои запишано: „Втората страна ќе го прифати името ’Република Северна Македонија’ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка, која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба“.
Понатаму, во чекорите што треба да ги спроведе македонската страна, според договорот, децидно е наведено дека по одржувањето референдум (доколку така одлучи), „втората страна ќе ја започне постапката за усвојување амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба“. Дури по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот и завршувањето на сите внатрешни постапки, потребни за влегување во сила на спогодбата, првата страна (Грција) ќе ја ратификува спогодбата.
Според логиката на нештата, тоа би значело дека дури и ако македонската страна ги спроведе сите обврски преземени со Преспанскиот договор и ги направи уставните промени (па и тие да бидат усвоени со двотретинско мнозинство во Собранието), а договорот не биде ратификуван во грчкиот парламент – спогодбата од Нивици пропаѓа, но промените во македонскиот устав – остануваат?!
Дека барањата за уставни промени според Преспанскиот договор се недвосмислени како обврска за македонската страна, доволно јасно говори формулацијата во ставот 12, на членот 1, во кој е наведено: „Името и термините наведени во член 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, втората страна ќе пристапи кон усвојување соодветни амандмани на преамбулата, член 3 и член 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот“.
Што се однесува до менувањето на наведените членови на Уставот и на преамбулата, уште пред спогодбата да биде конечна, професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, ценеше дека таквите барања се нелогични.
– Целосно е нелогично Грција повторно да бара менување на нашиот устав, зашто и во Резолуцијата на ОН и во Привремената спогодба од 1995 година е нотирано дека Република Македонија има направено измени во Уставот, за да добие меѓународно признание. Понатаму, со повелбата на Обединетите нации се забранува мешање во внатрешните работи на друга земја. А нема повнатрешна работа на една земја од донесување и менување на Уставот – велеше професорката Силјановска-Давкова.
Покрај тоа, професорката по уставно право уште посочува дека меѓународните договори имаат поголема правна сила од законот на една земја.
– Во секоја држава Уставниот суд има надлежност за оценување на законитоста на постапката за донесување на некој закон. И да се склучи еден меѓународен договор, тој треба да биде потврден во земјата со закон за ратификација, а законот се прогласува со указ, кој го потпишува претседателот на државата – објаснува Гордана Силјановска-Давкова.
Додека потписниците на договорот од Нивици, всушност најмногу од македонската страна, оптимистички и ентузијастички се обврзаа дека ќе ги спроведат сите обврски наведени во Преспанскиот договор, опозицијата и во Македонија, и во Грција смета дека исполнувањето на сите преземени задачи до крајот на годинава (како што е наведено во спогодбата) е невозможно без груби прекршувања на позитивните законски и уставни одредби, кои сепак сѐ уште се во сила во Македонија.