Германската Влада препорача отворање преговори со Македонија за членство во ЕУ. Во писмо упатено до Бундестагот, германската Влада оценува дека реформскиот биланс на македонската Влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ на претстојниот Самит на Унијата следната недела.
– Одобрувањето (одредувањето датум за почеток на преговори) ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана – се наведува во писмото што го пренесува Дојче веле на македонски јазик.
Во делот на условите кои Македонија ќе мора да ги исполни пред да ги отвори преговорите се наведуваат: јасно видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, натамошни напори за реформа на јавната администрација, на пример во делот на кадровската политика; како и давање приоритет на борбата против организираниот криминал и корупција.
Германската влада во препораките притоа прави и јасна дистинкција меѓу Македонија и Албанија. За Тирана се препорачува условно отворање на преговорите, дури откако ќе се спроведат цела серија реформи.
Поддршка за Македонија денеска стигна и од најголемата пратеничката група во германскиот парламент, ЦДУ/ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел како и од нивниот коалициски партнери во владата- Социјалдемократите (СПД).