Официјално, од 10 септември, со одлука на Собранието на РМ, во Македонија тече кампањата за референдумот што ќе се одржи на 30 септември, а на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција. Сепак, неофицијално, кампањата за овој референдум веројатно почна уште на денот на потпишувањето на спогодбата во Мала Преспа, на 17 јуни, годинава, уште пред да почнат собраниските процедури за ратификација на спогодбата и за распишување референдум.

Својот дел од улогата во поддршка на референдумот, односно на спогодбата од Мала Преспа, активно го игра и меѓународната заедница. Така во деновите околу 8 Септември, кога се одбележуваа 27 години од независноста на Македонија, во Скопје имаше вистински метеж од евроатлантски лидери.

Но се чини дека поддршката од странските лидери за референдумот на 30 септември, како да предизвикува повеќе спротивен ефект кај македонските гласачи од оној посакуваниот – постигнување одзив. Колку повеќе се вложува труд вниманието да биде фокусирано на делот за членство во ЕУ и во НАТО толку повеќе се истакнува дека главната цел е всушност менување на името на државата, што потоа повлекува промени во уставното, државното, па и општественото уредување.

Методот за создавање контекст на промени во македонското општество што се случуваа (и сѐ уште течат), а предизвикани со објавување доверливи документи, односно прислушувани разговори, се чини дека се применува и во една паралелна кампања за референдумот. Токму пред почетокот на официјалната кампања, со одредена динамика, а од различни страни, во македонската јавност преку „Викиликс“ „протекуваат“ доверливи документи од комуникацијата на американски дипломати со македонски политичари, токму за прашањето за името на државата. Првото „протекување“ во македонската јавност стигна преку грчкиот весник „Катимерини“, кој го објави извештајот на амбасадорката на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, од 2007 година, за разговори за решавање на проблемот за името, со тогашниот претседател Бранко Црвенковски и премиерот на Владата, Никола Груевски. Поентата на тој „откриен документ“ е дека тие уште пред 10 години сметале дека предлог-името Северна Македонија е прифатлив како опција за влез во НАТО и преговори со ЕУ.

Вториот документ, разоткриен од „Викиликс“, е мислењето на првиот македонски претседател Киро Глигоров, искажано во 2008 година, по самитот на НАТО во Букурешт, на поранешниот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер. Глигоров, во тој неофицијален разговор со Рикер, верува дека Македонците ќе прифатат компромис за името, но црвените линии и за Глигоров се јазикот и идентитетот да останат македонски.

За сите овие 27 години беше јасно дека се преговара за географска одредница (главно за билатералните односи со Грција), но севкупната употреба со уставни промени со кои се менува целокупниот државен и национален идентитет на Македонија, не биле прифатлива опција за македонската страна.

Уште по првата објава на „Викиликс“, премиерот Зоран Заев го искористи моментот, коментирајќи дека уште во 2008 година било прифатено името „Република Северна Македонија“ изјави дека тоа е уште една причина повеќе да застанеме сите заедно и да ѝ обезбедиме сигурна иднина на државата.

– Јасно е дека документите од „Викиликс“ протекуваат во режија на актуелните партии на власт, во соработка со странските амбасади, а се во функција на постигнување одзив на референдумот. Тоа е еден од методите да се убедат гласачите во Македонија дека претходната власт не сакала да го реши прашањето за името, иако преговарала.

Сметам дека ефектот од ваквите методи и постапки ќе биде незначителен, со оглед на тоа што содржините на досега објавените документи ѝ беа познати на македонската јавност, па не верувам дека ќе влијаат на одлуката на оние што веќе изградиле став во врска со референдумот. Претпоставувам дека и викиликс-документите се обид да се придобијат неодлучните – смета професорот Јове Кекеновски. 


Возбуда и забуна за твитот на руската амбасада

Во денот на почетокот на референдумската кампања, извесна возбуда во јавноста предизвика објавата на Твитер на Амбасадата на Русија во Македонија.
– Деновиве не е реткост странски лидери да им сугерираат на граѓани на Македонија како да гласаат за референдумот. Интересно, што би било вакви „совети“ да дели официјален претставник на Русија – пишува во твитот на руската амбасада.
Првичното толкување беше дека твитот се однесува на посетите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц, на шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн, и на американскиот сенатор, Рон Џонсон, на Македонија во пресрет на референдумот на 30 септември. Сепак, подоцна од Амбасадата на Русија укажаа дека твитот се однесува на веста „Мета ги повика Албанците во Македонија да излезат на референдумот и да гласаат ’за’“, објавена на 28 август на МИА.