Расправата за владеењето на правото во некои земји-членки на ЕУ го подрива моралниот легитимитет на европскиот блок
Кога Бојко Борисов ќе се поздрави со допир на лактите со неговите колеги лидери од ЕУ на претстојниот самит во Брисел в четврток, неговото лице ќе биде едно од најпрепознатливите во просторијата.
Ветеранот на самитите на ЕУ, на кои учествува уште од 2009 година, бугарскиот премиер ќе седи покрај лидерите меѓу кои се, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон за да дискутираат за тема која го подели европскиот блок и отвори прашања за неговата одржливост.
Поголемиот дел од членките на ЕУ сакаат да воведат нови правила што ќе му овозможат на блокот да ги ограничи финансиите за државите кои ги кршат законските принципи на владеењето на правото. Но Унгарија и Полска се противат на легислативата и ставија вето на 1,8-те милијарди евра потребни за закрепнување на Европа од пандемијата.
Борисов не се приклучи на блокадата. Но Бугарија, која се соочува со тврдења за корупција на владата, е една од групата држави во ЕУ опфатена од проблеми, со кои предложените прописи на Унијата треба да се справат.
Бугарија ги прикажува опасностите од инертноста, кога станува збор за принципите на кои е основана ЕУ. Загриженоста за бугарското владење стана актуелна летоска кога беа објавени фотографии од заспаниот Борисов, покрај кого имаше пиштол, како и оние кои покажуваа златни прачки и купишта пари покрај него, а за кои бугарскиот премиер тврдеше дека претставуваат фото-монтажа.
Бугарија и нејзиниот сосед Романија се соочија со строг ЕУ-мониторинг на владеењето на правото откако се приклучија на Унијата пред речиси 14 години. Ваквата практика беше создадена за нив поради загриженоста дека не се подготвени за полно членство. Но други кризи го оттргнаа вниманието на ЕУ од Бугарија и нејзините нерешени проблеми за владеењето на законот. Владата во Софија тврди дека ја има довербата на Брисел и дека помина низ период на стабилност и развој.
А Борисов главно избегнуваше да има проблеми со Брисел или други земји-членки на ЕУ, се до избивањето на протестите во Бугарија летоска. Потоа партијата на Борисов поддржа контроверзни законски амандмани кои ја зголемуваат моќта на јавниот обвинител, а ги ограничуваат претседателот и министерот за правда.
Наведени се примерите од Полска за кршење на европските стандарди за независно судство и на Унгарија која промовира идеи кои Брисел ги смета за нелиберални. Сето тоа е директен предизвик за вредностите и правните принципи за кои ЕУ тврди дека се залага и кои станаа главна алатка за нејзината надорешна политика и мека моќ. Како резултат на оваа ситуација, ЕУ се почесто се соочува со обвиненија за лицемерие кои го нарушуваат нејзиниот морален легитимитет и кои создаваат сомнеж за компаниите околу тоа дали можат да веруваат во правните системи на Унијата. Сегашното кршење на нормите на ЕУ ја разоткри немоќта на институциите на ЕУ, додека се обидуваат да ги заштитат нивните основни вредности.
Во изминатите неколку години ЕУ се обиде да го прошири арсеналот за справување со кршењето на владеењето на правото. Но уште е нејасно дали воведените механизми ќе помогнат на претстојниот самит на Европскиот совет (на 10 и 11 декември) при ќорсокакот за владеењето на правото што ги блокира седумгодишниот буџет на ЕУ и фондот за закрепнување.