Практиката одредени спорни политички прашања меѓу две држави да се решаваат и надминуваат со договори, комисии, па и со формирање културно-историски институти, воопшто не е иновација во современата политика. Сепак, колкава е ефикасноста од нивното дејствување и колку тие се подложни на политичко влијание? Искуствата во Европа и од Балканот се различни
Политичката тензија што ја создава бугарската страна врз работата на мешовитата експертска историско-образовна комисија, а формирана како дел од договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, секако не оди во прилог на привидно декларираната желба за надминување на разликите во гледиштата за одредени историски процеси, во име на заедничката европска иднина. Бугарскиот државен врв и официјално донесе заклучок и јавно го објави, дека поддршката за Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат не е безусловна, туку тие ќе постават црвени линии, односно ќе го искористат своето „европско право“ да ги блокираат евентуалните преговори со ЕУ, доколку не бидат прифатени нивните историско-национални гледишта. Поедноставено, тоа значи дека Бугарија очекува, односно инсистира, македонската национална историја да биде своевиден „подлисток“ на бугарската. Или со други зборови Македонија да прифати сѐ што Бугарија ќе ѝ издиктира, и покрај тоа што таквиот диктат, не само што е на штета на македонските национални интереси туку се коси и со сите релевантни историски факти и докази.
– Почнавме да се сомневаме дали нашите колеги го разбраа договорот за добрососедство. Самиот договор јасно дава на знаење дека постои заедничка историја и дека анализата мора да биде строго професионална. Очекуваме нашите колеги да преземат поголема одговорност, не само како историчари, туку и како граѓани заради политичкиот контекст на нашата работа – изјавил Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот дел од мешовитата комисија, во интервју за бугарски медиум, по објавувањето на официјалниот став на бугарскиот политички врв за црвените линии на Бугарија за македонските евроинтеграции.
Мешовитата македонско-бугарска историско-образовна комисија досега имала шест средби, а научните усогласувања се во криза за прашањето на националниот идентитет на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Научните разидувања се толкави што повторно доаѓаат под прашалник и некои веќе наводно утврдени и усогласени теми од т.н. заедничка историја, како на пример средниот век.
– На Бугарите им одговара да гледаат површно на историските прашања, односно т.н. заедничка историја да ја гледаат, толкуваат и наметнуваат низ политичката диоптрија.
И самите знаат дека научноисториските факти и аргументации не се во полза на нивното гледиште, па затоа настојуваат политички да го наметнат тоа. Во однос на „спорната тема“, националниот идентитет на македонскиот револуционер Гоце Делчев, историски факт е дека неговиот живот и дејствување биле во времето на Османлиската Империја. Османлиската држава дозволувала нејзините граѓани да се определуваат верски и културно. Тоа значи културно-политичка идентификација, но не и национална. Според османлиската категоризација на населението, Гоце Делчев можеби верски припаѓал на Бугарската егзархија, но јасно е дека национално бил и се изјаснувал како Македонец – вели Наташа Котлар, историчарка од македонскиот Институт за национална историја.
Практиката одредени спорни политички прашања меѓу две држави да се решаваат и надминуваат со договори, комисии, па и со формирање културно-историски институти, воопшто не е иновација во современата политика. Сепак, идејата за нивното формирање е преку научна дебата и аргументација да се надминат одредени спорови, кои пред сѐ се предизвикани од поделба на територии, а не расчистување и наметнување национална перцепција. Освен тоа, таквите форми на научна дебата и соработка решавајќи определени прашања на научна основа, треба да дадат придонес во развојот на добрососедските односи, без да наметнуваат политички уцени.
– Во Европа постојат и се активни повеќе комисии, кои дури и прераснале во институти, како инструменти за спроведување одреден договор за решавање некој соседски спор. Можеби најпознати се договорите меѓу Франција и Германија, но нивниот спор е околу териториите на Лоран и Алзас, а никогаш не се спорел националниот идентитет на населението што живеело таму. Веќе педесетина години функционираат институтите произлезени од слична комисија меѓу Германија и Полска, или Германија и Словачка. Исто така постојат и руско-полска комисија, како и соседска комисија меѓу Русија и Белорусија… Сепак, овие комисии работат и спорат со научни аргументи, а политичарите никогаш не се мешаат во нивната научна работа.
Постојат големи дебати и во овие комисии, на пример во германско-полската комисија, во одреден период Германците се обидуваат да релативизираат одредени моменти од Втората светска војна, а Полјаците не го дозволуваат тоа… Но ниту Меркел, ниту полскиот претседател никогаш не интервенирале во работата на комисијата. Улогата на политиката завршува со моментот на манифестирање добра волја да се формираат такви институти и комисии, кои ќе ги подобрат добрососедските односи, а не потоа да се користат како политички инструменти – вели историчарката Наташа Котлар.
Искуства од работата на историските комисии
– Илустративен пример од работата на германско-словачката комисија е оној со словачкиот писател Јан Колар, кој пишувал на германски јазик. Сепак, никому од германска страна не му паднало на памет да го спори неговиот словачки национален идентитет. Творештвото на Јан Колар е создадено во времето на политичка и територијална доминација во Европа на Австро-Унгарија. Словачка во тој период била дел од Австроунгарската Империја, а носител на германизмот до крајот на 19 век, била токму Австро-Унгарија. Со обединувањето на Германија под Бизмарк во 19 век, направен е премолчан договор за германско културно обединување (време во кое се образувал и творел Јан Колар). Под плаштот на такво културно обединување, кое го прават и Бугарите спрема Македонците, настојуваат да ја наметнат идејата на бугаризмот. Сепак, македонизмот е автентичен историски процес и појава – вели Наташа Котлар.