Фото: Игор Бансколиев

Актуелните превирања во македонскиот дел од комисијата отворија простор за повеќе дилеми во јавноста. Некои од нив се дали некој намерно внесува раздор во македонската комисија за историски прашања (при утврдување на фактите), за да ја ослабне македонската преговарачка позиција. Се подготвува ли терен за функционирање на комисијата, во согласност со испорачани политички барања?! Притиска ли политиката наспроти фактите за решение со Бугарија, со далекосежни последици по македонската историја?

Работата на мешаната историско-образовна комисија меѓу Македонија и Бугарија повторно се соочи со еден обид „со политички алатки да се издејствуваат одредени историско-научни решенија, во функција на акутни политички потреби“. Барем таков впечаток доби јавноста, откако членот на македонскиот дел од комисијата, професорот Ванчо Ѓорѓиев, ја напушти работата, по 15-от состанок на оваа комисија, кој се одржа на 21 и 22 октомври. Тој во писменото обраќање и оставката потврди дека „имало политички притисок врз членовите на комисијата“ и во тој контекст „обиди за промена на учебниците“… Случајот понатаму се развиваше со изјави и деманти, како од другиот дел од македонската комисија, но и од МНР (чиешто, всушност, стручно тело е комисијата) поврзани со тврдењата на професорот Ѓорѓиев.

Историчарите со комисијата дополнително добија и „политичка
одговорност“?!

Со ескалацијата на аферата, тензијата се рефлектира и во политичкиот амбиент. Дополнителен „зачин“ на настанот беше и лиферуваната информација дека „имало и закани за професорот Ѓорѓиев од страна на висок функционер на МНР за лична одмазда“. Токму специфичната тежина на работата на мешаната историско-образовна комисија во основа е поврзана со фактот што таа е произлезена од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Во таквиот контекст, рака на срце, улогата на историчарите дополнително доби и зголемена „политичка одговорност“(?!). Во речиси тригодишното функционирање на оваа комисија, заменети се двајца членови од македонскиот дел: еден по сопствено изземање, додека на другиот член не му беше продолжен договорот. Професорот Ѓорѓиев би бил третиот член од македонска страна што ја напушта работата на комисијата, при сѐ уште активен договор за соработка.

Историска комисија потврдува историски факти, а не прави политички компромиси

Актуелните превирања во македонскиот дел од комисијата по бугарското вето за преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, отворија простор за повеќе дилеми. Некои од нив се дали некој намерно внесува раздор во македонската комисија за историски прашања (при утврдување на фактите), за да ја ослабне македонската преговарачка позиција? Се подготвува ли терен за функционирање на комисијата, во согласност со испорачани политички барања?! Притиска ли политиката наспроти фактите за решение со Бугарија, со далекосежни последици по македонската историја?
– Неформалното правило во работата на македонскиот дел од комисијата, додека бев нејзин член, беше сите решенија да се носат консензуално. Верувам дека тој принцип на консензуалност во работата на комисијата треба да биде сѐ додека таа функционира, зашто би бил обесмислен нејзиниот научен кредибилитет ако се почне со надгласување за какви било факти за научни прашања. Во текот на работата имало различен интензитет на дискусија, но сѐ во рамките на нормална научна дебата. Додека бев дел од комисијата, не можам да кажам дека имало директно влијание на политичарите во нејзината работа, но моето искуство не би сакал да го ставам во залог за какви било заклучоци во однос на актуелната одлука на професорот Ванчо Ѓорѓиев да ја напушти работата на комисијата. Сепак, сметам дека не е добро секое интерно случување во работата на комисијата да се решава во медиумско-политички контекст, зашто бугарската страна го толкува тоа како раздор во македонскиот дел од комисијата за прифаќање на нивните позиции – вели историчарот Александар Литовски, поранешен член на македонскиот дел од мешаната историско-образовна комисија со Бугарија.

Во нашиот дел од комисијата има луѓе со интегритет што не прифаќаат политизација на науката

Универзитетската професорка, историчарката Наде Проева, смета дека чинот на оставка на професорот Ванчо Ѓорѓиев од работата на историската комисија не претставува чин на слабост, ниту ја ослабнува македонската позиција во дебатата за историските прашања со бугарската страна.
– Напротив! Реакцијата на професорот Ѓорѓиев можеби покажува дека во нашиот дел од комисијата има луѓе со интегритет што не прифаќаат политизација на науката, но и алармира дека процесот на работата на комисијата е политизиран. Но од друга страна, сепак напуштањето на комисијата, на веќе тројца нејзини членови (иако можеби од различни причини), може да остави впечаток дека на македонскиот дел од комисијата може да се влијае со политички притисок, што, секако, ја ослабнува конзистентноста на нашата позиција во однос на бугарската страна – вели професорката Наде Проева, која потсетува на оцените на некои странски историчари, кои укажуваат дека бугарскиот дел од комисијата е составен од членови со конзервативни историски гледишта, додека македонската страна се обидува да најде решение за различните гледања на историските прашања и личности преку помодерен научен пристап.
– Работата на комисијата не може да ги подобри целокупните македонско-бугарски односи, кога другата страна (бугарската) има неприфатливи барања, не само за Македонија туку за глобалниот политички концепт на 21 век. Самото постоење и функционирање на комисијата е дискутабилно. Таа е составена од научници, но формирана како административно тело на МНР, која треба да дава отчет за својата работа на политичко тело. Тоа создава импликации дека е инструирана да донесе решение што е однапред политички договорено. Не може административна комисија да дава оцена за историски настани и личности, нешто за што се расправа и се носи оцена од историчари на научни конференции – вели професорката Проева.
Како споредба, Проева го наведува примерот на француско-германската историска комисија, која била формирана за разбирање на историјата, во учебниците, но немало рокови во нејзината работа и не им давала отчет на политичарите и политичките институции.

Во 21 век тешко може да се спроведе политичка цензура на историјата

Александар Литовски се надоврзува на согледувањата на професорката Проева, укажувајќи дека во 21 век тешко може да се спроведе политичка цензура на историјата.
– Оваа историска комисија меѓу Македонија и Бугарија е производ на политички договор и е стручно тело формирано од Министерството за надворешни работи. Иако е составена од научници, штом се дава отчет пред политичка институција, вграден ризик во функционирањето на комисијата е обидот за политичко влијание. Но нашето блиско искуство со Преспанскиот договор покажа дека политичарите можат и порадикално да настапат, да седнат и да потпишат договор со намера да регулираат однос спрема одредени историски прашања, без да се консултираат со историчарите. Тоа се направи со Преспанскиот договор во однос на античката историја. Но што се постигна? Беа поставени некои табли пред спомениците во Македонија, кои веднаш беа искршени и на тоа остана. Никој не седна да пишува нова античка историја во Македонија. Со политичко решение, можеби може да се интервенира во учебниците, но и таму се појавува проблем. Учебниците се авторско дело и подлежат на научна рецензија. Во 21 век, постои проблем да се спроведе политичка цензура на науката. Можеби, формално-политички изгледа како некакво решение комисиско усогласување на историските прашања и на историската наука, но реално, тоа е нефункционално решение – вели историчарот Александар Литовски.