Која е историската вистина? Во оваа пригода ние би ја одвоиле руската дипломатска кореспонденција, која изобилува со информации за Македонците и македонскиот народ, и би им препорачале на сите оние што шират невистини за македонскиот идентитет и историја да ги проверат руските државни архиви во Санкт Петербург и во Москва. Документите потекнуваат од првата деценија на 20 век и се кореспонденција на руските конзули во Македонија со руското министерство за надворешни работи

СВЕТСКИТЕ АРХИВИ ИЗОБИЛУВААТ СО ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ИДЕНТИТЕТ, ЈАЗИК И ИСТОРИЈА

И покрај најавите дека е можен договор со Софија, бугарската политичко-општествена елита продолжува со својата антимакедонска реторика, антиисториски тврдења и провокации што не треба да бидат дел од вокабуларот на држава што е членка на Европската Унија. Ние би одвоиле два момента.
Цочо Билјарски, кој е поранешен агент на бугарската државна безбедност и познат по своите антимакедонски изјави, во своето последно интервју за „Фактор бг“ истакнува дека Македонците од архивите ќе ги дознаат фактите за нивната припадност кон бугарскиот народ. Билјарски исто така забележува дека не е сигурен дали досиејата што се наоѓаат во македонските архиви некогаш ќе излезат на виделина. Според него, досиејата ќе бидат уништени и „нашите западни соседи ќе можат да ја „преработат“ вистината, која многу успешно ја демонстрираа во последните децении. Со други зборови, Билјарски ги обвинува македонската држава и македонските историчари дека ја фалсификуваат историјата и на тој начин вештачки го создаваат македонскиот национален идентитет преку присвојување туѓи дејци и револуционери.
Речиси истовремено, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во својата колумна, објавена во германските медиуми, истакна дека Македонија ќе ги започне преговорите со Европската Унија кога Скопје и Софија ќе ги надминат билатералните прашања.

Според Захариева, посебниот македонски идентитет бил формиран во првата половина на 20 век, Бугарија го признава овој посебен идентитет и ги поддржува европските интеграции. Владата во Скопје се обидува да ја негира нашата заедничка историја пред тоа. Заедничките национални херои, како Гоце Делчев, кој како македонски Бугарин се борел за независност од Отоманската Империја во 19 век, се прикажани само како Македонци. Македонските верзии на познати бугарски песни и романи се препишани за да се избрише сѐ што е бугарско во нив. За да се реши спорот, беше формирана заедничка комисија за историја, напиша Захариева.
Во својата колумна, Захариева, и покрај тоа што се обидува да користи дипломатскиот речник, како и во минатото, продолжува со својата антимакедонска реторика и провокација. Доколку внимателно анализираме, бугарското вето за Македонија не е предизвикано поради одредени билатерални прашања, туку станува збор за наметнување апсурден проблем. Имено, бугарската политичко-општествена елита продолжува со својата антиисториска теза дека македонскиот народ не постои, со што се негираат сите македонски особености, како што се јазикот, културата, обичаите итн. Во овој контекст е и искажувањето на Захариева дека бугарската држава го признава посебниот идентитет што настанал во првата половина на 20 век. Станува збор за повторување на старата националистичка теза дека македонската нација е творба на Јосип Броз-Тито и Коминтерната. Со други зборови, македонскиот народ не постои како одделен етникум, кој има свои културолошки и историски особености, затоа се тврдењата за заедничка историја, во смисла историја на еден ист народ, во овој случај бугарскиот народ.

Захариева исто така не заборава да истакне дека била формирана комисија за историски прашања што требало да го реши спорот. Мора повторно да забележиме дека, всушност, станува збор за негирање на македонските особености од бугарската држава и, всушност, од македонските членови во историската комисија се бара да ги прифат бугарските антиисториски и апсурдни негирања на македонскиот народ.
Но која е историската вистина? Ние би ја одвоиле руската дипломатска кореспонденција, која изобилуваат со информации за Македонците и за македонскиот народ, и би им препорачале на сите они што шират невистини за македонскиот идентитет и историја да ги проверат руските државни архиви во Санкт Петербург и во Москва. Документите потекнуваат од првата деценија на 20 век и се кореспонденција на руските конзули во Македонија со руското министерство за надворешни работи.
Според рускиот конзул во Солун, А. Петрјаев, голем дел од населението во Македонија било погодно за национални агитации, бидејќи немало изградено силно национално сознание. Кнезот Г.Н. Трубецко истакнал дека населението во Македонија е тесто кое може да се измеси и во Срби и во Бугари.
Рускиот конзул А. Петрјаев, во својот извештај од 1907 година до Министерството за надворешни работи на Русија, истакнал дека неколку села во Костурската каза се откажувале од сите други етнографски самоопределувања и упорно се нарекуваат себеси Македонци. Истиот конзул истакнува дека жителите во седум села во Дебарската каза се именувале како македонски Словени. Според конзулот, сѐ до изградбата на македонските училишта наставата се одвивала на руски јазик, со помош на учители од Русија. Конзулот забележува дека месното население сакало да живее во согласност со своите обичаи и да говори на своето родно наречје, а не по програмите на бугарските или српските комитети.

Рускиот конзул во Битола, В. Кал, истакнал дека месниот јазик пред сѐ е типичен, карактеристичен и чуден и, покрај различните влијанија на кои се нашол, заслужува меѓу словенските јазици одделно самостојно да се именува како македонско наречје.
Рускиот конзул во Скопје, А. Орлов, истакнал дека македонското славјанско наречје има неколку блискости со бугарскиот и српскиот јазичен дијалект, но со него не можат да говорат ниту Србите од Србија ниту Бугарите од Бугарија. Во зависност од соседството на населението, говори по српски или по бугарски, македонското население го приспособува својот јазик кон јазикот на соседите и го прави разбирлив за нив.
Рускиот конзул од Солун, А. Петрјаев, во своите белешки за националностите во Македонија истакнал дека со исклучок на Турците, Евреите, Циганите, сите други претставуваат македонски тип, кој не може да се вброи во познатите етнографски групи. Даваниите називи: Бугарин, Грк, Србин, Албанец, Романец (Куцо – Влав) се јавуваат како политички етикети дофрлени од соседите на Македонија или, пак, од заинтересираните за нејзината судбина.

(Извор: А.Н. Сквозников, Македония в конце XIX – начале XX века – яаболко раздора на Балканах, Монографија, Россйская академия наук, Институт российской истории РАН, Поволжский филиал, Негосударственное образовательное учредждение вьісшего профессионального образования Самарская гуманитарная академия, Самара, 2010)