Во пресрет на утрешната онлајн средба на мешовитата комисија за историски и образовни прашања, македонската и бугарската страна се со различни ставови. Атмосферата стана особено тензична по интервјуто на премиерот Зоран Заев за „БГНЕС“, кое беше осудено од неколку македонски членови на мешовитата комисија.
Заев рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија нѐ разделуваше… Тој истакна и дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија ослободила неколку града во Македонија.
Професорот д-р Ванчо Ѓорѓиев и член на комисијата во своето соопштение до јавноста истакна дека скандалозното интервју пред странски новинар е на пат да го потврди токму она што тој го кажал пред тринаесет години.
– Ова не, е и не може да претставува притисок врз македонскиот дел од Експертската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија – зашто таа многупати покажа дека не подлегнува на политички притисоци и не прифаќа ултиматуми. Напротив: ова е минирање и поткопување на досегашната работа на македонскиот дел од комисијата – според Ѓорѓиев.
Ангел Димитров, копретседател на македонско-бугарската комисија за историски прашања и еден од авторите на „Бугарската политика спрема Република Македонија“ за Бугарската национална телевизија (БНТ) изрази песимизам за работата на комисијата.
– Не сум оптимист, особено имајќи предвид што се случува во Скопје во последно време. Зборовите на премиерот Заев, кои ги предизвикаа одредена надеж дека ќе има нов поглед кон минатото, од можноста да се излезе од создадената непријатна состојба и за двете држави, наидоа на сериозни критики дури и од членовите на заедничката комисија. Тоа е сигнал дека не очекува доста напрегната и не сосема резултатна работа. Тешко се работи со нашите колеги – изјави Димитров за Бугарската национална телевизија (БНТ).
Професорот Драги Ѓоргиев во изјавата за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот бугарски колега Ангел Димитров.
– Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како одек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо – вели Ѓоргиев во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Што ќе разговара комисијата?
Оваа средба ќе се одржи утре и задутре, меѓутоа поради пандемијата ковид-19 таа ќе биде онлајн. Копјата ќе се кршат околу Гоце Делчев, евентуалното заедничко чествување, македонските учебници за средниот век и раниот период… Мешовита комисија за историски и образовни прашања веќе ги помина бугарските учебници за овој период.
На последната средба која се одржа во Скопје немаше значителни резултати во работата, односно беше постигнат мал напредок за македонските учебници, но не и за македонскиот великан Гоце Делчев.