Фото: Маја Јаневска-Илиева

До Обвинителство неколку пријави за изборни нерегуларности

За текот на вчерашниот изборен ден, од Основното јавно обвинителство соопштија дека до Комисијата за следење евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, заклучно со 15 часот, пристигнале помал број известувања за случени евентуални изборни нерегуларности.
Дежурните јавни обвинители од основните јавни обвинителства будно го следат изборниот процес и со приоритет постапуваат во насока на утврдување на фактите во предметите.
Основното јавно обвинителство – Скопје оформи предмет за настан пријавен на 30.10.2021 година во МВР БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција, како кривично дело поткуп при избори и гласање од членот 162 од Кривичниот законик, во општината Шуто Оризари. За настанот во текот на денешниот ден беше доставено писмено известување до ОЈО-Скопје.
Предистражната постапка трае до обезбедувањето на доказите, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Основното јавно обвинителство Кочани постапува по повеќе пријави од две политички партии дека различни лица вршат притисоци, влијание и агитирање врз гласачи како да се изјаснат. За сите поднесени пријави се оформени предмети и дадени се наредби и насоки до ОВР-Кочани за проверка на наводите. Доколку бидат обезбедени докази за кривично дело, обвинителството ќе постапи во согласност со своите надлежности.
Кочанското обвинителство, постапувајќи по кривична пријава, ги проверува и наводите дека една новинарска екипа од интернет-портал извршила кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од членот 394-г од Кривичниот законик.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Кичево бил известен дека гласач на едно гласачко место го фотографирал ливчето, додека на друго гласачко место еден гласач искинал гласачко ливче. Се постапува за утврдување на фактите.


Цивил: Вториот круг е потензичен

Вториот круг од локално е малку потензичен, што е очекувано, но, сепак, има слободен, фер и демократски изборен натпревар. Изборниот ден, глобално гледано, се одвива во позитивна атмосфера, оцени претседателот на здружението „Цивил“, Џабир Дерала, во извештајот за текот на изборите до 17 часот.
Тој на прес-конференција посочи дека и во овој круг има проблеми со отчитувачите на отпечаток од прст и оти се зголемуваат притисоците кон набљудувачите на „Цивил“, иако во вториот дел од денот, како што рече, „тоа само повремено може да се забележи, има и кршење на изборниот молк“.
– Во изминатите два часа во Кочани се бележи случај на агитација во корист на една политичка партија од едно лице со возило, чии регистарски таблички му се познати на мониторингот. На една фејсбук-страница со јасна политичка ориентација позната по ширење на говорот на омразата и дезинформации има објавено видео според кое наводно македонски граѓани од дијаспората пристигнуваат во земјата за да гласаат за еден од кандидатите – рече Дерала, посочувајќи дека сѐ уште не е утврдено дали тоа се случува, а во видеото има говор на омраза кон невладини организации и кршење на изборниот молк.
Во општината Аеродром, како што додаде тој, во градинката „Срничка“, полицијата интервенирала во случај со агитација од две лица и ги отстранила од пред гласачкото место. На избирачкото место 2.760 во Аеродром, член на Избирачкиот одбор носи дуксер со обележје на политичка партија.
Дехран Муратов од „Цивил“ посочи дека од извештаите на набљудувачите се забележува грубо кршење на избирачкиот молк, во што се вклучени „партиски активисти, лидери на партија во комбинација со медиумски екипи, кои јавно го прекршуваат избирачкиот молк и во тоа дури и не се кријат“.


МВР: Изборите генерално мирни

Изборниот ден се одвива главно во демократска атмосфера, без поголеми нерегуларности. Ова вчера го соопштија од Министерството за внатрешни работи, од каде што посочија и дека во текот на гласачкиот ден биле забележани два одделни изборни инциденти во Кичево и еден во Тетово. Дополнително, жена од радовишко село излегла на гласање и покрај тоа што имала решение за самоизолација, а и во Кочани се забележани два изборни инциденти. Првиот го регистрирале полициски службеници, кои презеле мерки против едно лице што се однесувало агресивно, а вториот бил регистриран околу 11 часот, кога маж ѝ кажал на својата сопруга за кого да гласа, а откако бил предупреден од страна на избирачкиот одбор јавно кажал за кого гласал и не го свиткал уредно избирачкото ливче.
– Имаме гласач во Кичево што го скинал гласачкото ливче, а како што изјавил тоа го сторил затоа што згрешил при заокружувањето. Имаме и еден друг случај, исто така во Кичево, од каде што ни е пријавено дека гласач го фотографирал гласачкото ливче со мобилниот телефон – изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Според него, во два града имало засилена полициска контрола, во Кратово и во Кочани, бидејќи има дојави за наводно попречување на изборниот процес.