Членовите на Иницијативата за вонреден втор конгрес на ВМРО-ДПМНЕ велат дека 17-от вонреден конгрес на партијата ќе биде конгрес на обединување и нов почеток. 17-от вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на соочување со грешките и пропустите и нивно надминување. 17-от вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на кој ќе донесе нова енергија и верба дека партијата знае и умее да победува.
Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува „слуги“, а ликови како Сафет Бишевац кои го навредуваа членството на ВМРО-ДПМНЕ дека немало мозок, ги поставува на кандидатски листи за пратеници.
Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги навредува дека некој им бил стопан, а од друга страна за кандидат за Претседател на држава предлага кадри кои биле министри во владите на СДСМ.
Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува „криминалци“, а ликови како Воислав Зафировски кои немаат ниту „В“ од ВМРО ги фаворизира во партиските структури, иако истите барале максимални казни за осудените од 27 април.
Нездрава политичка атмосфера е кога на сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот им се заканува и ги колне, а од друга страна бара поддршка од антинато структури како Јанко Бачев и Солза Грчева.
Нездравата политичка атмосфера овие три години резултираше со губење на 150 000 гласови и неколку изборни порази во континуитет. Слабо ВМРО-ДПМНЕ значи и слаба Македонија.
Затоа се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски не смее да калкулира. Треба да дојде и да се појави пред делегатите во Скопје, да даде отчет за сработеното и да ја побара нивната поддршка доколку смета дека ја заслужил. Личните интереси не смеат да бидат пред државните и партиските. 17 Вонреден Конгрес во Скопје на 28 Март му е неопходен и на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија“ се наведува во соопштението.