По информацијата од Државната изборна комисија (ДИК) дека на избирачкото место 0816 во село Зајас, за само 2 часа гласале зголемен голем број на граѓани, до општинската изборна комисија Кичево доставена е информација дека избирачкиот одбор од ова гласачко место е разрешен и на нивно место именувани се нови лица, на кои во текот на следната недела ќе им бидат врачени решенија.
Од ОИК Кичево се изненадени од оваа информација, бидејќи ниту во записникот на избирачкиот одбор, ниту од страна на посматрачите, имало некакви забелешки за изборни нерегуларности.
– И ние како општинска изборна комисија бевме изненадени од информацијата што ни беше доставена за големиот број гласачи за кус период, на избирачкото место 0816 во село Зајас. Бидејќи ниту во записникот од комисијата од ова гласачко место, ниту од посматрачите присутни на истото, не постоеше никаква забелешка за можни нерегуларности на неделните избори. Бидејќи досегашниот избирачки одбор е разрешен, на нивно место наименуван е нов, на кого во вторник ќе му бидат врачени решенија, за да го спроведе вториот круг претседателски избори што ќе се одржат на 5 мај – истакна Антигона Сефери, претседателка на ОИК за Општина Кичево.
Таа додаде дека во тек е пријавувањето на болните и изнемоштените лица кои не успеале тоа да го сторат за првиот изборен круг. Така за вториот избирен круг се пријавиле дополнително 13 болни и изнемоштени лица, а конечната бројка ќе биде позната утре во 24 часот.
Инаку, во првиот изборен круг во општина Кичево за домашно гласање беа пријавени вкупно 74 граѓани. З.А.