Собранието попладнево со 97 гласови „за“ и ниту еден „против“ ги изгласа замениците и дополнителните заменици-министри во техничката Влада.
Славјанка Петровска за внатрешни работи, Санела Шкријејљ за труд и социјална политика, Цветан Трипуновски за земјоделство, Гордана Димитриеска Кочоска за финансии и Невенка Стаменковска Стојановски за информатичко општство, се новите дополнителни заменици-министри.
Во ресорите остануваат досегашните заменици-министри кои на собраниската седница беа исто така именувани.Мандатот на замениците-министри, како и на претходно именуваните министри во техничката влада, ќе трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени парламентарни избори избори.
Претходно Собранието со 101 глас „за“, без ниту еден „воздржан“ и „против“ ја избра новата техничка Влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април во согласност со договорот на политичките партии. Премиер во техничката Влада е Оливер Спасовски.