Полека влегуваме во предизборна кампања за претседателските избори, кои треба да се одржат пролетва поточно во втората половина од април, и повторно како пред секој избирачки циклус во земјава се наметнува дилемата каква е состојбата со лицата без документи, односно со правно непостојните лица, и кој е всушност нивниот официјален број.
На последната дебата за овој проблем, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, најави дека Владата треба да донесе одлука за следните чекори на извршната власт за во првиот квартал од 2019 година овие лица да бидат впишани во евиденцијата, со што ќе се отвори патот тие да ги остварат нивните граѓански права.
– Низ системот овие лица ќе се стекнат, ако ништо друго, со граѓанските права за здравство, образование, градинка, социјална заштита… Тие 650 евидентирани лица се веќе во посебен регистар – рече Царовска.
Паралелно на сево ова премиерот Зоран Заев уште пред една година најавуваше решение за овие лица со само еден документ. Тој лани истакна дека сите граѓани што се родени и живеат во Македонија, а заради нерешен статус немаат лични документи ниту државјанство, само со докажување дека учеле во некое од училиштата во земјава или со кој било друг документ со кој може да докажат дека функционираат во Македонија, ќе може да добијат лични документи и државјанство. Премиерот тогаш најави дека до крајот на 2017 треба да се реши проблемот. Експертската домашна јавност смета дека проблемот што се провлекува низа години со оваа група луѓе тешко дека ќе се реши во пресрет и на овие претседателски избори. Професорот Јове Кекеновски објаснува дека проблемот со лицата без документи и со непрочистениот список ѝ одговара на секоја партија што е на власт без оглед од која политичка провениенција припаѓа.
– На секоја влада и на секоја власт им одговара да има одреден број гласови што ќе можат да се искористат во своја полза за секои избори. Немојте да мислите дека избирачкиот список е исчистен како што уверуваат од власта. И на минатите и на овие сегашните структури им одговора да има хаос од позиција на власт, да има лица што не се евидентирани и да има проблеми на гласачките места, со што во одреден момент ќе бидат употребени за иста цел, а таа е повеќе гласови на нивното конто – вели Кекеновски.
Професорот додава дека проблемот со лицата без документи, лица фантоми, но и непрочистениот избирачки список се провлекува многу години и, според неговата процена, станува збор за 50 до 70 илјади лица, кои секоја власт ги преметнува на нивното гласачко конто. Инаку, Државната изборна комисија (ДИК) во пресрет на претстојните редовни претседателски избори во 2019 година веќе има изработено детален оперативен план, а усвоени се најголем број од подзаконските акти што се потребни за спроведување на изборите. Во таа насока, во согласност со Изборниот законик, МВР е должно наредниот ден од денот откако ќе се распишат изборите до ДИК да ги достави податоците на граѓаните, кои потоа ќе бидат запишани во Избирачкиот список. Инаку, според шпекулациите, бројот на лица фантоми, без документи, во Македонија е многу поголем од официјалниот 650. Според неофицијалните информации, таа бројка се движи од 1.500 до 2.000 лица и нивното пронаоѓање оди многу тешко.