Фото: Игор Бансколиев

Иако одамна се ветуваше дека Македонија ќе добие вакцини против ковид-19 преку меѓународната заедница и механизмот „Ковакс“, досега не се случи тоа. Едноставно, државата повторно е оставена на цедило, без ниту една единствена вакцина добиена според препораките на СЗО и заложбите и ветувањата на европските лидери. Некои во оваа неодговорност и лажните ветувања гледаат и можен заговор за дотолчување на Македонците, по сите удари што како држава и нација ги претрпевме изминативе години

Минатата 2020-та е најсмртоносна година во историјата на државата

Минатата 2020 година ќе остане запишана како година со најголема смртност во поновата историја на Македонија.
Државниот завод за статистика измери рекорден број на смртни случаи во една година, што во основа ѝ се припишува на пандемијата на ковид-19.
Минатата година имало 25.049 смртни случаи, што е зголемување од 25 отсто во однос на просекот на смртност во споредба со изминативе години кога на годишно ниво умирале околу 20.000 луѓе.
Заводот за статистика објави дека само во последното тримесечје, од октомври до декември, умреле 9.465 лица, што е рекорд, иако во извештајот пишува дека поради пандемијата доцнеле извештаите за претходните тримесечја за некои од смртните случаи.
Овие бројки, според експертите, треба сериозно да ги алармираат институциите, особено што и во 2021 година продолжува трендот на пандемија и раст на смртните случаи.
Ако во 2020-та светот немаше вакцина против ковид-19, сега, во 2021-та, вакцината е достапна, но за Македонија сѐ уште далечна.
Вакцината, според експертите, е единствениот начин за превенција и намалување на смртноста и затоа причините зошто македонските граѓани сѐ уште се без вакцина треба да се бараат кај домашните надлежни органи, но и кај Светската здравствена организација и Европската Унија, особено што механизмот „Ковакс“ за достапност до вакцини рамноправно за сите држави сѐ уште не профункционира. Иако одамна се ветуваше дека Македонија ќе добие вакцини преку меѓународната заедница и механизмот „Ковакс“,досега не се случи тоа.

Едноставно, државата повторно е оставена на цедило од страна на меѓународната заедница. Некои во оваа неодговорност и лажни ветувања на странските фактори гледаат и можен заговор за дотолчување на Македонците, по сите удари што како држава и нација ги претрпевме изминатите години.
Според податоците на Државниот завод за статистика за минатата година, објавени на крајот на февруари годинава, бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2020 година бележи зголемување од 89,1 отсто во споредба со истото тримесечје од 2019 година и изнесува 9.465 лица, а од нив, 12 починати се доенчиња.
– Природниот прираст изнесува минус 4.530, што значи дека за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица – велат од Државниот завод за статистика.
Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар, вели дека белата чума долго време е присутна кај нас, а тоа значи дека од година на година нѐ има сѐ помалку.
– Особено е за обележување што во 2020 година коронавирусот си го зеде данокот, па затоа податоците се загрижувачки. Според претходните податоци за 2020 година, за периодот јануари – декември 2020 година, умрени се 4.603 лица повеќе од истиот период во 2019 година, што покажува дека продолжува негативниот демографски тренд – објаснува тој.
Според него, во 2020 година живородени се 18.863 деца, а умрени се 25.049 лица и природниот прираст на населението е намален за 6.167.

– Појавата на зголемениот број умрени лица секако ни е позната и со појавата на пандемијата, односно на ковид-19, и не само кај нас туку и во целиот свет. Доколку направиме длабинска анализа или анализа за период од пет години, од 2016 до 2020 година, за умрените лица, ќе се констатира дека има зголемување за 4.628 лица, или за 22,7 проценти, или за само една година бројот е зголемен за 4.603, или за 22,5 проценти (тоа е 2020-та во однос на 2019 година). Оваа состојба покажува дека бројот на умрените лица во подолг временски период бил константно околу 20.000. Но се проценува дека и во натамошниот период бројот на умрените лица ќе продолжи да расте, а наталитетот да опаѓа – додава Герасимовски.
Тој посочува дека е потребна подготвеност на државата да почне да се занимава со решавање на сите нивоа на демографските прашања и проблеми.
– Секоја земја што ќе се најде во ваква демографска состојба, веднаш ги презема сите мерки и активности преку назначување или формирање соодветно министерство, изработка на стратегија со акциски план и други мерки и активности што се преземаат за да не се доведе во крајно лоша демографска состојба – заклучува Герасимовски.
Покрај стандардниот проблем со малиот наталитет, оваа година клучен проблем е пандемијата, а таа, според здравствените експерти, може да се превенира само со вакцинација.

Здравствените експерти изминатиот период алармираа и апелираа што побрзо да се почне процесот на имунизација со вакцини.
Двајцата најгласни епидемиолози изминатава година постојано ја посочуваат итната набавка на вакцини како спас од моменталната состојба со ковид-19 во земјава.
Епидемиологот Драган Даниловски веќе неколкупати досега истакна дека при набавката на вакцините треба да се употребат сите средства, сите методи, па дури да се употребат и луѓе што играат и голф со газдите на фармацевтските компании или оние што пијат кафе со нив еднаш неделно.
– Мора да се излобира на сите страни за да дојдеме до вакцини – рече тој.
Микробиологот Никола Пановски истакна дека вакцини не се наоѓаат од канцеларија, туку преку долгогодишни врски создадени во професијата, приватно, и забележа дека Македонија нема амбасадори во периодот на пандемијата во клучни земји.


Починати во 2020 година по тримесечја

Вкупно 25.049 лица
Прво тримесечје 5.101
Второ тримесечје 5.064
Трето тримесечје 5.419
Четврто тримесечје 9.465

Статистика за претходните години

2019 година Вкупно 20.446 лица
2018 година Вкупно 19.727
2017 година Вкупно 20.318
2016 година Вкупно 20.421
2015 година Вкупно 20.421
2014 година Вкупно 19. 718
2013 година Вкупно 19. 208
2012 година Вкупно 20.134

Извор: Државен завод за статистика

[email protected]