Фото: Игор Бансколиев

Какви се искуствата на другите земји што спроведоа избори во ек на пандемија и какви поуки може да извлече Македонија? Според аналитичарите, ако се почитуваат препораките на надлежните, ако не се прават метежи пред избирачките места, ако се држи пропишаната дистанца и ако се употребува дезинфекциско средство, тогаш изборите ќе бидат многу помалку опасни од седењето во кафеана

ГЛАСАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА,ТУЃИ ИСКУСТВА И ПОУКИ

Во време кога епидемијата на коронавирусот во земјава се шири со несмалено темпо, Македонија од денеска влегува во предизборна кампања во пресрет на изборите закажани за 15 јули, со уверување од надлежните дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за да не се загрози здравјето на граѓаните, како и на членовите на избирачките комисии и посматрачите.
Прва од соседството избори во период на пандемија организира соседна Србија. Српските власти претходно објавија дека епидемијата ја ставиле под контрола и дека бројката на новозаразени на дневна основа е многу мала, така што тамошните партии ги водеа кампањите како и претходно, со политички митинзи, средби со граѓани и дебатни емисии во медиумите, без употреба на маски и други заштитни средства, ниту, пак, применувајќи посебни безбедносни протоколи.
Сепак, на денот на изборите се постапуваше според владиниот заклучок со кој на сите избирачки одбори, како и на гласачите им се препорача примена на одредени мерки на заштита.

Имено, во неделата повеќето членови на избирачките одбори носеа заштитни маски и ракавици, додека гласачите немаа таква обврска, туку им беше препорачано кој сака да носи, иако поголемиот дел не ги носеа.
Со заштитни со маски и ракавици беа и претставниците на ОБСЕ\ОДИХР.
Нешто што остави посебен впечаток на изборите во Србија беше исклучително малиот одзив, нешто над 50 отсто од регистрираните гласачи, што делумно се припишува на стравот на граѓаните за своето здравје.
Во Македонија здравствената ситуацијата воопшто не е слична со онаа во Србија, со оглед на секојдневните трицифрени бројки на новозаразени, како и големиот број на починати, така што надлежните најавуваат посебни безбедносни протоколи за заштита на здравјето на сите на денот на изборите.
Според професорот Јове Кекеновски, Македонија има доволно време да се подготви до изборите и да спречи секаква можност за ширење на вирусот, без да се потпира на искуствата од северниот сосед.

– Не можеме да користиме никакви искуства од изборите во Србија. Тие таму се однесуваат како воопшто да нема епидемија. Па и на спортските натпревари имаа по 20 до 30 илјади луѓе, па сега им се зголемува бројот на новозаразени и се предлагаат некакви рестриктивни мерки – вели Кекеновски.
Тој додава дека кога има доволно простор и време за организација, тогаш изборниот процес може да помине без последици по здравјето на луѓето.
– Ако се почитуваат препораките на надлежните, ако не се прават метежи пред избирачките места, ако се држи пропишана дистанца и ако се употребува дезинфекциско средство, тогаш изборите ќе бидат многу помалку опасни од седењето во кафеана – нагласува Кекеновски.
Според него, дополнителна мерка во насока на зачувување на здравјето на граѓаните би било и избегнување на партиските митинзи и собири во предизборието.
И преостанатите аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека Македонија нема што да користи како искуство од изборите во Србија, бидејќи и состојбите со пикот и бројката на новозаразени не е иста.

– Нема што да се користи како искуство од таму. Во Србија сите се однесуваа како да нема епидемија, но наскоро ќе се види дали од таквиот однос ќе произлезат нови кластери – велат некои од аналитичарите со кои се консултиравме.
Според нив, нашите здравствени власти треба да препорачаат како најбезбедно да се одвиваат изборите на 15 јули, за да не се дозволи никаков ризик по здравјето на луѓето.
Она што засега е препорака за изборниот процес во земјава, тоа е зголемување на деновите за гласање, од еден на три, гласањето ќе биде од 7 до 21 часот, задолжителна употреба на маски, ракавици и дезинфекциски средства на избирачките места, забрана за групирање, како и држење дистанца од 1,5 до два метра.


Во јужна Кореја одвоени кабини за гласачите со зголемена температура

Јужна Кореја е меѓу првите држави во светот што ги одржа националните избори откако започна пандемијата на коронавирусот, а строгите безбедносни мерки и физичкото дистанцирање одеа во полза на гласањето.
На денот на гласањето, сите гласачи мораа да ги дезинфицираат рацете со гел, да носат маски и заштитни ракавици, како и да седат на растојание барем од еден метар, а им беше мерена и телесната температура.
Сите со температура повисока од 37,5 степени мораа да гласаат во одвоени кабини, кои потоа беа дезинфицирани.
Тие што беа тестирани позитивно на коронавирусот можеа да гласаат само во одредено време во посебно направени гласачки места.
Исто така, им беше забрането да го користат јавниот превоз и на гласање можеа да дојдат само пеш или со сопствен автомобил.