Проф. д-р Митко Б. Панов подготви стручна анализа во четири продолженија, која ексклузивно ја објавуваме на страниците на нашиот весник. Во анализата, насловена „Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето“, се даваат научно објаснување и анализа на сите аспекти што се однесуваат на македонскиот национален идентитет, историја, јазик, култура… и обидите за нивна негација, оспорување и бришење
Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето (4)
Португалскиот предлог и позицијата на бугарското министерство за надворешни работи, се наполно комплементарни со бугарските национални интереси и директно навлегуваат во македонската идентитетска посебност. Нивната имплементација ќе значи целосно исклучување на историската и геогрaфска содржина на името Македонија во државата, што историски ќе ги делегитимира македонскиот народ и македонски јазик, како конструкт на Титова Југославија, исто како и македонската нација. Името Македонија и македонскиот јазик во „Северна Македонија“ ќе станат само технички „термини“, без никакво значење што го определува македонскиот идентитет. Ќе остане „политичкиот субјект Северна Македонија“ да го определува новиот „северномакедонски идентитет“. Тоа е сегашната „реалност“ за која Бугарија вели дека би ја признала. На тој начин, конечно ќе се реши и македонското прашање, процес што го иницираше Грција со Преспанскиот договор, а треба да го финализира Бугарија со имплементирањето на Договорот за добрососедство.
Идеолозите на владејачката елита и креатори на Преспанскиот договор, сега тврдат дека наспроти претрпените понижувања, државата станува објект на клоцање и бодење пред контејнерите на европската надворешна политика. Точно е дека „море мастило и небо хартија“ се потрошени на Балканот, но тоа е направено за докажувањето на историското право на Македонија, а во функција на наметнување на националната свест на Македонците, чиешто идентитетско оспорување е константа на балканските национализми од втората половина на 19 век сѐ до денес (Mitko B. Panov, The Blinded State, Leiden/Boston: Brill, 2019). Причината за нанесената „рана во поновото колективно самоприфаќање“, не е Бугарија, туку македонската владејачка елита поради недоволното разбирање на македонското прашање, што резултира со погрешното антиципирање на последиците од историското редефинирање на македонскиот идентитет.
Либералната интелектуална елита погрешно процени дека Бугарија ќе се задоволи со бугаризацијата на средновековието, како и на историското ВМРО (а преку тоа ќе се дискредитираше ВМРО-ДПМНЕ) и нема да ги засегне придобивките на Народноослободителната борба и АСНОМ, а кои елитата ги претставуваше како темел за новото национално колективно самоприфаќање. Како да заборавија дека самите тие го проблематизираа и тој дел од македонската историја, согласувајќи се на ревидирањето на асномските историски одлуки во Уставот! Тоа што сега го прави Бугарија е директен напад на одлуките на АСНОМ, засновани на вековните историски и културни традиции поврзани со Македонија, кои го сочинуваат македонскиот идентитет, а кои со леснотија владејачката елита ги избриша од Уставот.
Некои либерални интелектуалци, дури продолжуваат да ги убедуваат граѓаните дека македонското прашање е веќе решено и дека поради реалполитиката македонскиот народ треба да се помири со фактот дека немал историја пред 1945 г., односно дека дотогаш не постоел, или поточно бил измислен.
Оттаму, предложената резолуција во Собранието би требало да ги оневозможи ваквите и слични интерпретации, кои наоѓаат рефлексија и во преговарачките позиции на државното раководство. Во таа смисла, резолуцијата повикува да се почитуваат „достоинството на македонскиот народ“, неговата автохтоност и „историски, јазичен, културен и религиски идентитет“. Притоа се бара да се уважи дека „македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет“ и дека „македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции“ и од „наративот за припадноста на одреден географски историски простор“ (се мисли на Македонија!). Наедно, една резолуција се спротивставува на каков било „културен и историски хегемонизам“ во однос на Република Македонија и бара целосно респектирање на меѓународното право.
Од текстот на резолуцијата произлегува дека истата претендира да ги дефинира државните позиции во преговорите со Бугарија, што би требало да резултира со национално обединување во однос на категоричното одбивање за преговарање околу идентитетските прашања, директно поврзани со вековната историска, културна и духовна посебност на македонскиот народ и на македонскиот идентитет.
Во тој контекст, резолуцијата не треба да остави простор за поинакви интерпретации. Истата таа, во рамките на црвените линии треба да го зацрта и неприфаќањето на какви било политички декларации што претендираат да ја појаснат, односно ја оспорат географската и историска содржина на терминот Македонија во името на државата, како и на македонскиот јазик, што со португалскиот предлог и позицијата на Бугарија се сведуваат на технички термини без идентитетско значење и историска посебност. Во спротивно, Република Македонија би се претворила во современ „политички субјект“ и продукт на договорите со соседите, без никаква географска или историска врска со името и територијата Македонија. Со тоа ќе бидат раскинати историските и културните традиции произлезени од Македонија, од кои македонскиот народ ја црпи својата, како и државната и националната идентитетска посебност.
Државното обединување во заштитата на самобитноста на историскиот процес на градењето на македонската нација во крајна линија ќе ги оневозможи идните поделби во македонското општество. Обединувањето на нацијата околу црвените линии во одбраната на македонскиот идентитет е неопходност, бидејќи во спротивно македонскиот идентитет ќе се претвори во илузија на себесоздавањето и ќе ја изгуби смислата на постоењето, како и државата и нацијата!
„А Вие еј! На што сте смислиле да ја сведете“ татковината Македонија?! (Блаже Конески, „Татковина“.