Ѓорге Иванов: Очекувам идниот претседател да има помирен мандат
– Како и сите граѓани, и јас очекувам изборниот ден да помине во најдобар ред. На идниот претседател му посакувам да ги исполни ветувањата, бидејќи граѓаните го очекуваат тоа, и да го зачува достоинството на институцијата претседател – изјави претседателот Ѓорге Иванов откако гласаше на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз-Тито“.
Иванов очекува идниот претседател да има помирен мандат, да се справи со предизвиците и да наоѓа решенија со сите институции за добросостојбата на земјата, на граѓаните и за остварување на стратегиските цели што ги имаме поставено.
Стево Пендаровски: Очекувам поубедлива победа во вториот круг
Кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски очекува мирен изборен ден и, како што рече, уште поубедлива победа во вториот круг на претседателските избори.
– Денешниот изборен ден во вториот изборен круг почна мирно. Јас искрено се надевам и верувам дека така и ќе заврши. На тој начин ние ќе покажеме дека како држава сме подготвени да организираме фер, демократски и транспарентни избори, како што ѝ прилега на земја што наскоро очекува да ги почне преговорите за членство во Европската Унија. Што се однесува до изборниот резултат, очекувам уште поубедлива победа во вториот круг, затоа што оние категории на луѓе што останаа дома во првиот круг или оние што гласаа за противкандидатот Река, кој ја заврши својата изборна трка во првиот круг, еден дел од нив очекувам дека ќе излезат на избиралиштата и ќе гласаат – изјави Пендаровски за медиумите откaко гласаше на избирачко место во Автокоманда.
Се надева дека најголем број гласачи ќе го препознаат концептот за кој се залагал во изминатиот месец во рамките на изборната кампања и дека ќе сакаат, како што рече, „да го поддржат концептот што значи одење напред за сите граѓани што живеат во Република Северна Македонија, сите етнички заедници, сосема независно од нивната верска, национална или партиска припадност“.На новинарско прашање дали е оптимист за одзивот, Пендаровски рече дека не гледа причина одзивот да биде помал од 40 проценти. Одговори дека иако е врнежливо, резултатите за истиот период од денот (10 часот) покажуваат ист процент на одзив како и во првиот круг пред две недели, а очекува помасовно гласање попладне, особено во урбаните средини и во главниот град.
Зоран Заев: Верувам дека ќе продолжиме со забрзано темпо напред
Најважно е да успеат изборите, да имаме успешен избор на претседател на нашата земја. Истовремено од одлуката ќе зависи во кој правец и со какво темпо ќе продолжи да се движи земјата. Јас верувам дека ќе продолжиме со забрзано темпо да се движиме напред, да бидеме рамо до рамо со современиот западен развиен свет, рече премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, по гласањето на избирачкото место 1.730 во Струмица, каде што гласаше заедно со сопругата Зорица. Очекува по изборите да се продолжи со процесите и унапредувањето на квалитетот на живот на нашите граѓани.
– Се надевам дека изборите ќе бидат успешни и ќе се движиме напред заедно како што нѐ личи – додаде Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање кои се опциите доколку нема цензус на вториот круг претседателски избори, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, рече дека постојат повеќе опции што јавно се коментираат од страна на аналитичарите.
– Една од опциите што мене прво ми паѓаат напамет, што не значи дека е и конечна, бидејќи тоа зависи од сите политички чинители, на крајот и од експертите и од граѓанскиот сектор, е брзо да се организираат втори избори, заедно со парламентарни избори, за да се покрене цензусот. Се надевам дека нема да дојде до тоа. Јас верувам дека трендот на одзив ќе биде поголем и, еве, сега е 11 часот, кога ја давам изјавата, процентот е поголем во споредба со првиот круг, а тоа дава гаранции за успешност на изборите – смета Заев.
Втора опција е во парламентот, со промена на Уставот, да се тргне цензусот и да се оди повторно на избори, додека, пак, третата, како што рече Заев, третата или втората подопција, е промена на Уставот со избор на претседател на државата во парламентот.
– Но сите овие опции се помалку демократични и се дефинитивно проблематични за државата, затоа што ќе нѐ вратат неколку месеци назад – кажа Заев.
Гордана Сиљановска-Давкова: Денот почна со зима, мислам дека ќе заврши со сонце
Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Сиљановска-Давкова, на вториот круг гласаше во основното училиште „Коле Неделковски“ и изјави дека очекува поголем одзив и победа.
– Мислам дека таргетот на кој се концентрирав, односно групите граѓани за кои мислев дека треба да се инспирираат или да им се разјаснат дилемите дали да излезат или не, дека успешно го завршив и денов почна како со зима, тоа е политичката зима во Македонија, мислам дека ќе заврши со сонце накрај – рече Силјановска.
На новинарско прашање таа одговори дека ги очекува албанските гласови оти, како што рече, претходно имала зборувано со нив и сфатила дека имаат многу заеднички интереси.
– Новото име сега се користи во нашите институции и јас официјално ќе го почитувам, но нема да го користам и ќе дадам сѐ од себе во иднина да покажам дека процедурите и договорот од Преспа имаат неколку проблеми со нашите и меѓународните закони. Како правничка и како професорка по право ќе го користам новото име, но лично не – изјави Сиљановска.
Додаде дека кога ќе зборува за нашата земја, лично, ќе го користи името Македонија.
– Не значи дека ако во Уставот е нешто напишано, дека јас морам тоа така да го употребувам. Јас можам лично да го употребувам името Македонија. Морам да потпишувам документи, морам да го почитувам тоа име на згради, или во меѓународни односи, но не морам да го употребувам и не би го употребувала и за тоа не постои уставна или правна одговорност – изјави Сиљановска одговарајќи на новинарско прашање.
Христијан Мицкоски: Граѓаните треба гласно да зборуваат со пенкалото во рака
По пет недели кампања во првиот и во вториот круг, по поминати повеќе од 13.000 километри, можам да заклучам дека денеска граѓаните треба гласно да зборуваат со пенкалото во рака зад гласачката кутија дали се за ова секојдневие, кое денес, за жал, е власт предводена од Заев Зоран или, пак, за сето она што ние изминативе пет недели, но и изминатиов период, исто така, го зборуваме, а тоа е правдата што треба да ја победи целокупната неправда што денес се случува во Република Македонија.
Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по гласањето на вториот круг од претседателските избори. Посочи дека е свечен ден и покрај сите случаи на неправилности и нерегуларности за кои бил информиран денеска од терен. Најави дека партијата ќе има и неколку вонредни прес-конференции.
– Очигледно карактерот на властодршците на Зоран Заев не мирува. Сакаат на насилен пат да се избере претседател на Република Македонија. Имаме неколку случаи во Источна Македонија што ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција ќе ѝ ги соопшти на јавноста. Но, и покрај сите тие злоупотреби и покрај сите тие притисоци и покрај сето тоа што се случуваше изминатите денови, особено полициската опсада што беше реалност во Охрид и во Ново Село, изминатите неколку дена, ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска-Давкова ќе победат денеска. Македонија денеска ќе ја добие првата жена за претседател на Републиката – додаде Мицкоски.
Талат Џафери: Заокружување на процесот на евроатлантските интеграции
Со изборот на претседател ќе го заокружиме процесот на евроатлантските интеграции, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој утрово, во родното Форино, придружуван од сопругата, гласаше во вториот круг од претседателските избори. Џафери очекува изборниот процес да мине мирно, исто како во првиот круг, бидејќи, како што нагласи, нема причини да не биде така. Смета и дека ќе има цензус.
– На крајот на денот очекувам да биде исполнет цензусот од одзивот на граѓаните на избирачките места и да се избере новиот претседател. На тој начин ќе се обезбедат и функционалност на оваа државна институција и нормален тек на државата во контекст на евроатлантските интеграции. Со тоа би го заокружиле и тој процес – изјави Џафери.
Доколку цензусот не биде исполнет, Џафери ја нагласи неговата улога како претседател на Собранието и, според должноста, рече, ќе распише нови избори за повторување на постапката за избор на шеф на државата. П.О.