Министерството за внатрешни работи (МВР) информира за забележани нарушувања на гласачкиот процес во Радовиш и во Кочани.
Во Полициската станица Радовиш денес било пријавено дека Г.К. од радовишко село излегла на гласање и покрај тоа што имала решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Двајца полициски службеници пријавиле дека при вршење на редовна служба на Избирачко место 858 во Кочани преземале мерки и активности против едно лице кое се однесувало агресивно кон нив и одбило наредба да не го попречува изборниот процес. По расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Претседателот на избирачкиот одбор на избирачко место 835 во Кочани пријавил дека околу 11 часот, С.М. го нарушил избирачкиот процес, кажувајќи ѝ на својата сопруга за кого да гласа. Згора, кога бил предупреден од страна на избирачкиот одбор, јавно кажал за кого гласал и не го свиткал уредно избирачкото ливче. За настанот изготвен е записник од страна на избирачкиот одбор, запознаен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „повреда на тајноста на гласањето“.