Предлог-одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија (ДИК) е изгласана со девет гласа „за“ од страна на Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на денешната седница.
Александар Даштевски, кој е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, е предложен за претседател на ДИК, а Дитмире Шеху од ДУИ е предложена за потпретседателка. Таа е актуелна потпретседателка на Комисијата.
СДСМ, пак, ги поддржа кандидатурите на актуелните членови на ДИК, Борис Кондарко и Радица Ристеска, како и онаа на Оливер Ристовски.
Правникот во Собранието, Бобан Стојановски, е втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, а Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива, ја поддржа кандидатурата на правникот од Струга Кренар Лога.
Новиот состав на ДИК треба да биде изгласан на пленарната седница закажана за напладне, за што е потребно двотретинско мнозинство. Мандатот на актуелниот состав завршува в петок.