Дебатата за минималната плата денес ги скара пратениците од власта и опозицијата. Сепак, измените за предлог-законот беа изгласани со 59 гласови „за“. Минималната плата ќе изнесува 14.500 денари.
Опозицијатра обвини дека покачувањето на платата не е доволно за да го достигне потребниот минимум за преживување на едно семејство, како и дека решението е донесено несистемски и набрзина, без анализа за штетата која ќе биде предизвикана врз економијата и бизнисот, како и тоа дека периодот на носење на измените е сомнителен, пред избори.
Од опозицијата на крајот рекоа дека иако не се согласуваат со мерката што се носи пред избори, во име на граѓаните од загрозените социјални категории, ќе го поддржат законското решение.
Според пратениците од власта, покачувањето на платата е исполнување на она што е ветено во нивната програма со која дошле на власт.
– Не гледам ниту конфузност, ниту контрадикторност. Зголемувањето на минималната плата е решение коешто ќе ја зајакне социјалата, ќе го подигне стандардот и не е популистичка мерка, туку мерка согласно програмата. Доколку не се покачеше минималната плата, би ве запрашала дали 9.000 денари, колку што беше платата, ќе беа доволни да се наполни потрошувачката кошничка – изјави пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска.