Првиот круг од претседателската трка во државата и добиените резултати од гласањето разбирливо се во фокус на домашната и на странската јавноста. Во тој контекст интересно е да се споредат изјавите и анализите на политичките аналитичари и експерти, кои професионално ги следат сите политички случувања како и нивните предвидувања пред вториот круг.
Aналитичарот и директор на МЦМС, Александар Кржаловски, смета дека важна порака од овие избори е малиот одзив, тоа е повеќе неочекувано од самиот резултат, што го прави неизвесен и цензусот во вториот круг од претседателските избори.
– Малиот одзив е казна за сите политички партии, порака дека нешто треба да сменат во своите перформанси, но сепак изборите минаа мирно што е за голема пофалба, бидејќи тоа беше еден од критериумите за почеток на преговори со Европската Унија – вели Кржаловски.
Според него, тесната разлика од 4.600 гласа меѓу Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова, во корист за кандидатот, поддржан од СДСМ и коалицијата не е многу неочекуван, бидејќи анкетите, направени непосредно пред првиот круг прогнозирале разлика од два до три отсто, во корист на кандидатот на власта.
Кржаловски анализирајќи го првиот круг истакнува дека овој пат ДУИ одела на картата на тивок бојкот, односно се стремела да има што помалку гласачи Албанци, вклучувајќи и свои поддржувачи, токму од страв својот глас да не го дадат за Блерим Река.
Тој во вториот круг очекува пожестока кампања бидејќи самиот резултат наложува многу поголема мобилизација на самите партии и смета дека резултатот од првиот круг ќе мобилизира повеќе луѓе да излезат во вториот круг и тоа е аргумент дека е можно да се постигне цензус од 40 отсто, иако вообичаено во вториот круг одзивот е помал од првиот круг. Универзитетскиот професор Јове Кекеновски оценува дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски наметнуваат изнасилена еуфорија по првиот круг од претседателските избори.
– Заев сигурно дека е губитник, ама вие не сте победници. Победници се граѓаните, кои не ви веруваат ниту на едните, ниту на другите. А вие бесрамно на штета на партијата продолжувате и понатаму да одработувате за политичкиот противник и за еврокомесарите во заминување – пишува професорот.
Според аналитичарот Агим Јонуз, гласовите на Блерим Река ќе одлучат кој ќе биде новиот претседател на државата, и дека тој е главниот играч на овие избори.
– Ова ќе бидат интересни избори, засега гледаме дека разликата не е многу голема меѓу двајцата главни кандидати. Но, според мене, играчот на овие избори ќе биде Блерим Река. Тој ќе одлучи кој ќе биде новиот претседател на земјата – смета Јонуз.
Политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор, Арсим Зеколи, во свој статус на Фејсбук ѝ ја честита убедливата победа на опозицијата на првиот круг од претседателските избори. Зеколи констатира дека во понижувачкиот пораз на власта најголем губитник е премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, бидејќи на парламентарните избори ќе излезе со тежок камен околу вратот – ДУИ. Во свој осврт на случувањата на Фејсбук, пак, Ивор Мицковски пишува дека плитка и неоснована е тезата дека на ВМРО му се простувало, а СДСМ се казнувал.
– Прво, на ВМРО му прости власта, не народот. Второ, ВМРО си ги задржа своите тврдокорни гласачи. Трето, СДСМ доби на локални и на референдум огромна поддршка што ја прокоцка. Така што, не секакви оправдувања, соочете се со реалноста и почнете граѓаните да ги третирате како мислечки субјекти – пишува меѓу другото Мицковски.
Граѓанската активистка Мирјана Најчевска во свој статус на Фејсбук истакнува дека македонскиот народ секогаш бил на маргините на историјата и секогаш каскал некаде на опашката на случувањата. Според неа, тој последен се дигал на револуции, последен формирал држава, последен исчекорувал од еден во друг век и сѐ некој друг му бил крив, некој однадвор.
– Последните претседателски избори покажуваат дека ништо не сме научиле од грешките на минатото и дека и понатаму ќе бидеме последен приврзок на некои пошироки процеси – пишува Најчевска.
На својот фејсбук-профил актерот Сашо Тасевски, по резултатите за претседателските избори, истакнува дека на првиот круг од изборите СДСМ го повампирило ДПМНЕ и го вратило во живот.
– Стево имаше луда среќа што не загуби со неколку илјади гласа покрај сета логистика и поддршка што ја имаше од внатрешните полтрон-пајтон партии, малцинства, владејачката СДСМ и надворешните моќни играчи како НАТО и ЕУ. Затоа неговата предност е пелин на усните. ВМРО од клечење му зададе кроше и аперкат – пишува Тасевски.
За Александар Новаковски, долгогодишен член на ДИК, по првиот круг на претседателските избори може да се констатира дека голем дел од народот е иселен.
Тој смета дека граѓаните не гласале масовно на претседателските избори имајќи ја предвид позицијата претседател, која, според него, за граѓаните не била функција што е предизвик да излезат и да гласаат.
– Мислам дека ова е добро што ѝ се случи на државата, да се види вистината, дека народот не е тука, голем дел се иселени – рече Новаковски.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу заклучува дека на терен се забележува послаба мотивација во поглед на одзивот и апелира до сите граѓани да се вклучат во вториот круг.
– Градовите ни се испразнети, тоа е факт и треба да е поттик за политичарите. Мислам дека ако се анализира по изборни места ќе се види дека или некој дел е слабо сработен или мотивацијата е послаба – смета Муслиу.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека нискиот одзив, а и полошиот перформанс на власта во урбаните средини, особено во Скопје е порака дека граѓаните иако можеби го поддржуваат генералниот правец во кој се движи државата, не ја поддржуваат динамиката со која се спроведуваат реформите.