Фото: Игор Бансколиев

АНАЛИЗА

Европскиот совет за надворешни работи објави анализа за досегашните случувања во Македонија и во Грција, како и за можните импликации на договорот од Преспа врз изборните резултати, но и за влијанието на изборите врз самиот договор

Европскиот совет за надворешни работи објави анализа за досегашните случувања во Македонија и во Грција, како и за можните импликации на договорот од Преспа врз изборните резултати во двете земји.
Во текстот се наведува дека она што како предизвик сега им претстои на двете земји е прашањето, до каде ќе оди противењето за договорот од страна на опозициските партии внатре во самите држави, сега кога двете земји се соочуваат со избори.
Во текстот се наведува дека договорот е добра основа за опозициската партија, Русија и другите противници на истиот тој дополнително да ги поткрепуваат своите аргументи против него, но и дека договорот им помага во тврдењата дека Западот не ги почитува законите.

– Актуелниот претседател Ѓорге Иванов ѝ помага на Русија со тоа што се обидува да го отфрли договорот на секој можен начин, посебно со тоа што сега одбива да ги потпише законите што произлегуваат од договорот – се вели во анализата.
Понатаму, во неа се наведува дека случувањата се покажале како непосакувани кај народот.
– Како и да е, многу случувања се покажаа како непосакувани кај народот. Самиот Преспански договор од страна на народот се смета за поткопувач на македонскиот идентитет. Во наредниот период ќе се види ефектот од обидите на премиерот Зоран Заев да воспостави рамнотежа помеѓу проширените барања на неговите албански партнери и загриженоста на неговите македонски колеги.

Европската Унија има одлучувачка улога во периодот по склучувањето на Преспанскиот договор. Доколку Северна Македонија демонстрира заложба со тоа што ќе го следи договорот, во интерес на Грција е да обезбеди позитивен став од страна на земјите-членки на Унијата како што се Франција и Холандија, за на својот сосед да му обезбеди датум за почеток на преговорите за пристап во Унијата. Како и да е овој период ќе ѝ овозможи на Атина да изврши дополнителен притисок врз Скопје за целосна имплементација на договорот. Европската Унија и земјите-членки треба да знаат дека секое одложување ќе им даде дополнителни аргументи на противниците на договорот за напорите на Северна Македонија за влез во европското семејство. Овие трети страни дополнително ќе ја искористат разочараноста на граѓаните. Покрај тоа, тука е и Бугарија, која исто така има свои причини за противења на пристапот на Северна Македонија во ЕУ, а тоа го поткрепија и со јавни ставови дека ќе стават вето на барањето за влез во Унијата – се вели во анализата.

Како што е наведено, околу 60-70 проценти од Грците се противат на договорот од Преспа. Народот се противи на користењето на името „Македонија“, иако Северна Македонија има монопол за користењето на ова име веќе 27 години. Во Грција владее ставот дека договорот е наметнат од страна на надворешни играчи, посебно Западот, и дека името е „дадено“, а земјата за тоа не добива ништо за возврат.

– Грција се соочува со четири гласања: два круга локални избори, европските избори и општи избори. Последните се закажани за октомври, но постојат сценарија дека истите тие ќе се случат порано. Кога и да се случат, името ќе остави голема трага на овие избори и ќе ја игра главната улога во одлуката на гласачите. Во северниот дел од Грција, каде што народот многу повеќе се противи за договорот, се очекува Владата да доживее изборен пораз или казна поради тоа. Во севрозападна Грција, пак, граѓаните се чувствителни на прашањата поврзани со Албанците. И ова може да има свое влијание на изборниот резултат. Во другите делови на Грција не се очекува поголемо влијание на Преспанскиот договор врз изборниот резултат. Противниците на договорот ќе го искористат него за да го потврдат нивниот став дека Преспанскиот договор е штетен за државните интереси на Грција. И покрај фактот што октомвриските избори ќе имаат силно влијание врз економијата, премиерот на земјата се надева дека дотогаш ќе бидат надминати негативните чувства за договорот – наведено е во анализата.
И најголемата опозициска партија ќе мора да им даде некаков одговор на разочараните избирачи.

– Критичната маса ќе очекува откажување од договорот, иако опозицијата никогаш не нагласи дека истото тоа и ќе го направи. Таквиот развој би ги растерал гласачите во екстремно десничарските и националистички партии, иако и опозициската партија може да се најде во ситуација да ги следи договорот и неговата имплементација. Сепак, пристапните преговори на Северна Македонија ќе одземат многу години, а притисокот за Северна Македонија за да го имплементира Преспанскиот договор ќе остане – се вели во објавениот текст.

Како заклучок се вели дека, сепак, договорот може да биде катализатор за доближување помеѓу двете страни, при што Грција позитивно ќе влијае на напорите на нејзиниот сосед да се доближи до Западот. Д.Т.


Ципрас доаѓа во Македонија на 2 април

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, и официјално ќе ја посети Македонија во вторник на 2 април, соопштија од кабинетот на премиерот Зоран Заев и истото го потврдија властите од официјална Атина. Како што напиша претходно „Нова Македонија“, пред средбата да биде официјализирана од двете страни, при посетата на Македонија, предвидено е грчкиот премиер Ципрас да оствари билатерална средба со неговиот колега Зоран Заев, а подоцна премиерите и делегациите на двете земји ќе одржат и меѓувладина седница, по што ќе следува и заедничка прес-конференција на премиерите во Владата. На агендата, како што соопштија грчки извори за „Нова Македонија“, е и средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Според нашите информации, Ципрас во Скопје ќе биде придружуван од алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катрагалос, министерот за енергетика Георгиос Статакис како и од поголем тим од бизнис-заедницата од соседството, при што се планира да биде формиран и висок совет за соработка меѓу двете соседни земји. Ваков тип соработка Грција засега има единствено со Израел и со Турција. Всушност, таквиот совет претставува владино тело, кое ќе има задача економски да ги поврзува двете земји преку проекти и соработки. Инаку, според протоколот, на крајот на посетата е предвидено премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да го отворат бизнис-форумот што ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“. Д.Ср.