Промената на изборниот модел со отворени листи и една изборна единица со или без изборен праг несомнено ќе доведе до нов квалитет во македонскиот плурализам, кој има насушна потреба од нови луѓе без никаков багаж, нови идеи, концепти, кои ќе ја турнат земјата напред. Тоа треба да донесе и поголем одзив на граѓаните на избори, поквалитетно застапување на нивните интереси, поголем избор, но истовремено ќе ги мотивира и поголемите партии да почнат и самите да се реформираат и да нудат квалитетни и конкурентни идеи во полза на целото општество
ПРЕКУ НОВ ИЗБОРЕН МОДЕЛ ДО НОВА ЕНЕРГИЈА ВО ОПШТЕСТВОТО
Безидејноста на двете најголеми партии во земјава и нивното континуирано сменување од власт во опозиција изминатите речиси 30 години создадоа голема маса незадоволни граѓани, кои бараат нивниот глас на изборите повеќе да се почитува и да се ефектуира, а не да се прелева на конто на други партии во согласност со некакви формули од изборниот модел.
Незадоволство од актуелниот пропорционален модел со шест изборни единици искажуваат и помалите партии, кои сметаат дека многу граѓани гласаат за нив, а сепак поради актуелниот изборен модел нивните гласови не се еднакво вреднувани.
Со измените на Изборниот законик, кои сега повторно се предлагаат, се очекува составот на парламентот да биде реален одраз на определбата на граѓаните, да се зајакне владеење на правото, да се развиваат демократските процеси и да се создадат услови за системски промени во државата.
Иако и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ начелно даваат согласност за оваа иницијатива, влезот на помалите партии во Собранието во голема мера зависи и од дефинирањето на изборниот праг, што деновиве е тема на разговор меѓу партиите.
Европските искуства, но и во соседството познаваат ваква практика на изборен праг. Имено, изборниот цензус од пет отсто се применува во рамките на германскиот федерален парламент, како и за покраинските парламенти, кој дозволува распределба на мандатите само на оние партии и кандидатски листи што ќе освојат пет отсто од гласовите. Во земјите од соседството, пред сè Србија и Хрватска, цензусот изнесува пет отсто, кај првата на државно ниво, додека кај втората по изборна единица. Во Црна Гора цензусот изнесува четири отсто на ниво на држава. Воведувањето на цензусот се објаснува со потребата да се спречи влез на екстремистички партии во парламентите, а на сметка на тоа да се овозможи учество на умерените опции.
Како и да е, промената во една изборна единица со или без изборен праг несомнено ќе доведе до нов квалитет во македонскиот плурализам, кој има насушна потреба од нови луѓе без никаков багаж, нови идеи, концепти, кои ќе ја турнат земјата напред.
Тоа треба да донесе пред сè до поголем одзив на граѓаните на избори, кој сега од избори на избори се намалува, поквалитетно застапување на нивните интереси, поголем избор, но истовремено ќе ги мотивира и поголемите партии да почнат и самите да се реформираат и да нудат идеи што ќе бидат во полза на целото општество.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека на земјава дефинитивно ѝ е потребна нова енергија за да излезе од зачмаеноста и безидејноста во која запаѓа од ден на ден.
– Кога станува збор за една изборна единица, не е основното нешто дали малите или новите партии ќе влезат во Собрание. Главната поента е да се разигра политичката карта во Македонија, да се разигра политичкиот систем со нови политички визии, да се поттикне творечкиот потенцијал на нацијата да промислува од поинакви перспективи отколку од овие зачмаени и залегнати 30 години црно-бели идеолошки матрици. Потребно е да го разбудиме народот од заспаноста – вели универзитетскиот професор Љупчо Ристовски и лидер на Интегра.
Според него, со една изборна единица автоматски ќе се поништат предизборните коалиции, кои не го прикажуваат вистинскиот одраз на политичката тежина на партиите меѓу гласачите.
– Ние како општество ќе мора да размислуваме за законско, дури и за уставно решение со кое ќе се забранат какви било предизборни коалицирања, оти тоа не е отсликување на вистинската демократска волја на граѓаните. Албанија тоа го внесе во Уставот. Ние мора да размислуваме во таа насока. Предизборните коалиции на овој начин со една изборна единица ќе ги обессилиме и ќе видиме кој колку тежи на политичката сцена и со тоа ќе ја тргнеме фамата на големи и мали партии, бидејќи ќе се види кој колку реално вистински тежи кај гласачкото тело – категоричен е Ристовски.
Тој додава дека она што сега ни е потребно е ослободување на творечкиот потенцијал на нацијата да ги промислува политичките случувања со нови визии и идеологии од повисока или поинаква перспектива.
– Ние станавме политичко мочуриште на ваков начин кога имате црно-бела застојана, зачмаена и мувлосана политика изминатите 30 години и имаме сè едни исти ликови, сè едни исти идеолошки матрици, постојано народот се краде, постојано се лаже во политиката, постојано се обвинуваат меѓу себе, постојано е измамата на сцена, народот е сè посиромашен, не се отвора нова перспектива – констатира Ристовски.
Според него, промената на Изборниот законик ќе донесе нова енергија, која ќе ја придвижи земјава, но и регионот.
– Ова е издувен вентил за да може системот да дише, да профункционира и да понуди нешто ново. Тоа ќе даде импулс и во регионот, ќе биде еден бран што нема да може да се запре, во спротивно тонат и Македонија и регионот. Вака не може повеќе. Секој глас ќе добие на тежина, секој ќе се чувствува значајно, ќе го поттикнеме гласачкото тело да излегува на избори и да гласа, бидејќи ќе си најде своја опција. Ќе поттикнеме многу независни кандидати да влезат во процесот, што ќе биде нова вредност во политичкиот систем, во политичкиот дискурс ќе видиме нова реторика, можеби ќе се појават нови идеологии. Ослободуваме една нова енергија во општеството – заклучува Ристовски.
За директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, една изборна единица носи одредени ризици, но и предности ако се примени соодветен модел.
– Според мене, ако се оди на моделот на една изборна единица, тогаш тој треба да биде комбиниран со отворени листи, што на некој начин ќе гарантира дека идните кандидати за пратеници и градоначалници ќе бидат попосветени во работата. Од друга страна, отворените листи носат и ризици при спроведувањето на изборите, оти листите се долги, луѓето не се навикнати, ќе има многу неважечки ливчиња. Лично заговарам фазно воведување на отворените листи, поточно на почетокот 20 отсто од пратениците и советниците да се избираат со отворени листи, па подоцна тој процент да се зголемува – вели Трошановски.
Тој додава дека ако не се направи ваквата комбинација на една изборна единица со отворени листи, повторно ќе се задржи статус кво состојбата, односно поделба на власта меѓу најголемите партии во државата, што ќе продолжи да го задушува демократскиот простор и да иницира постојани политички кризи.