Граѓани што ги нема во избирачкиот список, повеќе гласачи запишани на иста адреса, ист број на зграда еднаш со нула пред бројката еднаш без, нелогичен голем број избирачи регистрирани на иста адреса, но и немање точна евиденција за македонските државјани, кои подолго време живеат во странство и нивната адреса во Македонија. Ова се некои од проблемите, кои низа години наназад речиси стандардно пред секој изборен циклус се адресираат до Државната изборна комисија и постојано се повторуваат и провлекуваат. Ваквиот тренд, според домашната стручна јавност, укажува дека секогаш кога е во прашање избирачкиот список, кој е динамична материја, ќе има проблеми од процедурален карактер во земјава, а надлежните без оглед кој е на позиција, а кој во опозиција не сакаат да го надминат овој проблем бидејќи и на едните и на другите им одговара да има хаос во избирачкиот список. Тука веднаш се поставува прашањето како да се дојде до фер избори за кои меѓународната заедница инсистира, со намера земјава на јунскиот самит во Брисел да добие зелено светло за датум за почеток на преговори. Од Државната изборна комисија тврдат дека не се надлежни за бришење гласачи, но не ја објаснија конкретната методологија како би се носеле заклучоците кои гласачи треба да бидат отстранети од избирачкиот список. Тие во исто време велат дека по одржувањето на референдумот во септември минатата година надлежните работеле за елиминирање на тогашните пропусти и слабости, притоа информирајќи дека ДИК е целосно подготвен за претстојните претседателски избори в недела.
– Избирачкиот список е хранет со податоци од други институции. За да може да се изврши бришење, мора да имаме акт од друг правен орган. Ние не можеме да бришеме. Нашите наоди ќе ги пратиме до МВР и до Управата за водење матични книги – вели Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК.
Гугучевска дообјаснува дека избирачкиот список редовно се ажурира при што тие редовно упатуваат повици до граѓаните да си ги подигнат новите лични карти за да им се овозможи правото на глас на претстојните претседателски избори.
– Во меѓувреме по одржувањето на референдумот и тогаш забележаните проблеми за време на гласањето работевме на елиминирање на пропустите во однос на избирачкиот список. Направени се речиси сите анализи, процени и оцени во однос на недостатоците и тие се отстранети. Имаше околу 60.000 луѓе што направија увид во списокот со нашите служби и сега тој проблем е отстранет. Списокот е затворен на 24 март и со него беа направени сите настанати промени кај лицата што се соочуваа со проблеми во евиденцијата. Оттука можам да заклучам дека сите реакции во јавноста на оваа тема се беспредметни, а изборите можат да се одржат без никаков проблем – истакна Гугучевска.
Од ДИК во исто време информираа дека од утре веќе ќе се носи изборниот материјал до општинските изборни комисии. Според роковникот на комисијата, материјалот се предава најдоцна во рок од 72 часа пред денот за определување на изборите. Денес на полноќ истекува и рокот во кој избирачите, кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, можат да се пријават до општинските изборни комисии. Тие, како и болните и изнемоштени лица, внатрешно раселените и лицата што се наоѓаат во казнено-поправните установи гласаат на 20 април, ден пред одржувањето на изборите. На 20 април гласаат и избирачите, кои на денот на изборите се на привремена работа или престој во странство.
Инаку, за потсетување пред предвремените парламентарни избори во 2016 година се направи прочистување на избирачкиот список, но сепак повторно во јавноста имаше реакции поврзани со него. Бројките на избирачи во ИС, од година на година се разликуваат, а во него се содржани сите полнолетни државјани на Република Македонија. Слична беше состојбата и за референдумот на 30 септември 2018 година, ДИК го заклучи избирачкиот список и констатира дека вкупниот број на избирачи изнесува 1.806.336. Сепак и покрај прочистениот список тогаш, повеќе политичари на денот на референдумот не беа во можност да гласаат бидејќи ги немаше на списокот.
Меѓу нив беше и спикерот на собранието Талат Џафери. Ваквиот феномен со проблемот со лицата без документи и со непрочистениот список политикологот Милан Стефановски го образложува со тезата дека овие непрележани „болести“ ѝ одговараат на секоја партија што е на власт без оглед од која политичка провениенција припаѓа.
– На секоја влада и на секоја власт им одговара да има одреден број гласови што ќе можат да се искористат во своја полза за секои избори. Немојте да мислите дека избирачкиот список е исчистен како што уверуваат од власта. И на минатите и на овие сегашни структури им одговора да има хаос од позиција на власт, да има лица што не се евидентирани и да има проблеми на гласачките места, со што во одреден момент ќе бидат употребени за иста цел, а таа е повеќе гласови на нивното конто – вели Стефановски.
Политикологот додава дека проблемот со лицата без документи, лица фантоми, но и непрочистениот избирачки список се провлекува многу години и, според неговата процена, станува збор за 50 до 70 илјади лица, кои секоја власт ги преметнува на своето гласачко конто.