Фото: Игор Бансколиев

Познавачите на регионалната политика велат дека најавите за обединување на Косово и Албанија се продукт на една неодговорна политика, која не ги дели европските вредности. Се добива впечаток дека политичарите од Брисел по навика ја вртат главата за да не го забележат албанскиот национализам, кој го дестабилизира целиот регион. Ако навистина се дозволи развојот на овие политики на Балканот, тогаш можеме да кажеме дека меѓународната заедница отворено допушта одвивање на процеси за мегалодржавни амбиции, кои излегуваат од границите на меѓународното право, тврдат аналитичарите

СОНИШТАТА ЗА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА КОШМАР ЗА БАЛКАНОТ

Соништата за голема Албанија деновиве повторно беа актуализирани преку ударните вести на „Евроњуз“, кој во својата анализа напоменува дека заморот и апатијата од проширување на ЕУ може да ги поттикнат Косово и Албанија да ги здружат силите.
„Евроњуз“ потсетува дека Косово е предводено од тамошниот премиер Албин Курти и неговата партија Самоопределување, кои пропагираат левичарски националистички политики, чија цел е обединување на двете балкански држави.
Според медиумот, оваа партија има свој разгранок и во Албанија, но иако нејзините шанси за победа на претстојните избори во земјата се мали во споредба со моќта на социјалистите на Еди Рама и демократите на Љуљзим Баша, сепак, политичката агенда на разгранокот е слична со онаа од Косово.
Медиумот потсетува дека откога Косово ја прогласи својата независност од Србија, во 2008 година, воспостави заеднички дипломатски мисии со Албанија и потпишаа дури 140 билатерални договори, а за време на војната со Србија, во 1998 и 1999 година, Албанија ги отвори вратите за стотици илјади косовски бегалци.
– За многу Косовци обединувањето со Албанија ќе обезбеди сигурност против експанзионистичката политика на Србија и во тој процес ќе му го отежни на Белград мешањето во политиката на Приштина. На овој начин дополнително ќе се ослаби и моќта на српско малцинство на Косово. Дополнително, обединувањето со Албанија во Косово се гледа како алтернатива на застојот на преговорите на Приштина со Европската Унија – информира „Евроњуз“.

Медиумот додава дека на обединувањето му се противат сите меѓународни сојузници на Косово, особено преставниците на САД и ЕУ, кои досега отворено се противат на можноста за референдум за обединување со Албанија.
Во меѓувреме, познавачите на регионалната политика со кои се консултиравме велат дека најавите од овој тип единствено може негативно да ги размрдаат духовите на Балканот и додаваат дека сето е продукт на една неодговорна политика, која не ги дели европските вредности. Според нив, идеите за формирање голема Албанија не може да се поврзуваат со разочарувањето од бавното зачленување во ЕУ.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека Македонија секојдневно на домашно и меѓународно поле живее од заканите за прекројување на границите и формирање голема Албанија.
– Тоа, за жал, е реалност, а нашата држава се обидува да балансира во политиките за да го зачува својот национален интерес во оваа голема негативна приказна што подолг период се одигрува на Балканот – вели Пекевски.
Според него, она што е несфатливо во моментов е како Брисел молчи на овие штетни импликации и како ЕУ е толерантна на самата вест каде што процесот за проширување на Унијата се контрира со штетен процес за формирање мегаломански држави.
– Европската Унија сега мижи на овие провокации, но и на слични од овој профил, кои добиваат динамика последнава година. Се добива впечаток дека политичарите од Брисел по навика ја вртат главата за да не го забележат албанскиот национализам, кој го дестабилизира целиот регион. Ако навистина се дозволи развојот на овие политики на Балканот, тогаш можеме да кажеме дека меѓународната заедница отворено допушта одвивање на процеси за мегалодржавни амбиции, кои излегуваат од границите на меѓународното право – заклучува аналитичарот.

Граѓанскиот активист Џабир Дерала во својот осврт на случувањата вели дека последниот чин за обединување на двете балкански држави е чекор што е спротивен на интересите на Македонија, но и на оние на НАТО и Европската Унија.
– Имено, кога се говори за политики од овој профил, мора да се разбере дека тие се продукт на класични популисти и националисти. Промената на границите и обединувањето на Косово и Албанија може да се теми на разговор на неодговорни луѓе во чајџилници и кафеани, од кои потоа Курти може да добива гласови, но тие никако не може да бидат концепт на дејствување во умовите на прогресивните граѓани на Балканот – вели Дерала.
Според него, секоја теза што ја прокламира сега Курти може да се сузбие со фактот дека Албанија нема да се придржува до неа.
Сепак, Дерала додава дека овие најави за промените на границите не треба да се игнорираат и да се заборават, туку да се документираат и длабоко да се анализираат од нашата земја, која и на домашен план се обидува да изгради праведни и избалансирани меѓуетнички релации.

Дерала истакнува дека се надева дека наскоро ќе дојде време кога национализмот и популизмот од овие димензии, кои освен кај Албанците се присутни и кај другите балкански народи, ќе исчезнат и нема да претставуваат никаков фактор.
– Времето на националистите и оружјето е во минатото, а сега се навестува прогресивен период, кој самиот ќе ги истисне од политиката лицата, но и тезите што заговараат големи балкански национални држави засекогаш – резимира Дерала.

[email protected]