Македонија и Молдавија се две пријателски земји, меѓу кои постојат потенцијали за соработка, кои за жал не се доволно искористени. Потребно е интензивирање на политичкиот дијалог и на соработката меѓу институциите од двете земји, со цел зголемување на економската соработка и трговската размена, е пораката што ја упатија претседателите на Република Македонија, Ѓорге Иванов и на Република Молдавија, Игор Додон, по нивната денешна средба во Кишињев.
– Во овој контекст, особено ме радува што Молдавија ја поддржува нашата иницијатива за склучување на договор за економска соработка, за пренесување на нашите искуства од областа на привлекување на странски инвестиции и ме радува што ова наше искуство може да го споделиме затоа што очигледно е дека на Молдавија и требаат и другите искуства во оваа сфера, рече претседателот Иванов, кој престојува во дводневна официјална посета на Молдавија.
Трговската размена меѓу двете земји е симболична, потенцира Иванов, но со затворањето на правната рамка и потпишувањето на договорите кои се неопходни, се надеваме дека ќе изнајдеме можност да ја подигнеме трговската размена, затоа што имаме слично производство, особено во производството на вино и на храна, и можеме заедно да настапуваме на трети пазари, односно да поттикнеме што поголема размена меѓу нашите сродни економии.
Според молдавскиот претседател Додон, постои неискористен потенцијал во однос на економската соработка меѓу двете земји, и понуди чекори што, според него, треба да бидат направени во блиска иднина.
– Најпрво да биде создадена меѓувладината комисија за економска соработка. Вообичаено тој механизам дава дополнителна мотивација за решавање на различни проблеми во трговската област. Второ потребно е да се потпишат дополнителни договори особено она што го споменав, околу заемната заштита на инвестиции. Молдавија може да биде интересна земја за западни инвеститори, коишто ќе ги продаваат нивните производи, меѓутоа треба да постои сигурност за инвестиции. И трето да се зајакне соработката и дијалогот помеѓу бизнис заедницата, а тоа го спомена и господинот претседател. Се на се се сведува на добра соработка меѓу коморите за трговија и индустрија. Доколку го направиме првиот и вториот чекор мислам дека третиот ќе биде многу поедноставно да се реализира, рече молдавскиот претседател Додон.
За време на официјалната посета на Молдавија, претседателот Иванов ќе оствари средба со Премиерот на Република Молдавија, Павел Филип и со претседателот на Парламентот на Република Молдавија, Андриан Канду.