Чудно што спогодбата ниедно официјално лице, дури ниту еден медиум не ја нарекува или не се осмелува да ја нарече македонско-грчка или грчко-македонска спогодба. Не е познато дали е тоа некоја тивка, интерна насока од страна на Владата до политичарите и до нејзините блиски медиуми, дали е постигната премолчена согласност да не се крева многу прав со понагласена употреба на терминот „македонско“, или е некоја инструкција за да не се навредат Грците. Бегањето од ословувањето со „македонско-грчка спогодба“, особено од страна на потписниците, инспираторите и реализаторите на договорот, како и од страна на пратениците во Собранието, не ќе може да се толкува никако поинаку освен како своевидна забрана за употреба на придавките „македонски“, „македонска“, „македонско“. Што, всушност, е суштина на грчките барања
Во медиумите и меѓу политичарите потпишаната спогодба за името меѓу Македонија и Грција сѐ почесто се насловува како Преспански договор. Таквото ословување не е точно, во секоја смисла е погрешно. Погрешно е територијално, географски и политички. Официјалниот назив на таканаречениот договор не го содржи зборот договор. Тој документ, потпишан од двете страни, носи официјален наслов Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот на безбедност на Обединетите нации, за престанок на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните. Значи, не станува збор за договор, туку за спогодба. Навидум минимална разлика, можеби само формална, но при вакви спогодби, каква што е оваа, своја суштина, свое внатрешно толкување, своја динамика има секој збор, секоја точка и запирка може да предизвикаат недоразбирања. Почитувањето на документите не е само држење до формалноста, туку до фактите и вистината.
Сигурно дека кога ќе се пишува, дискутира, дебатира и слично, говорниците не ќе можат секогаш да го изговараат целосниот официјален назив на спогодбата, но ќе користат изведенки, додавки или кратенки за да се изразат полапидарно. И сигурно ќе го употребуваат (како што го употребуваат) погрешниот термин – Преспанскиот договор. Нормално е да се постави прашањето зошто спогодбата не може да се нарече Преспански договор или договорот од Преспа? Најпрвин, едноставно, не може затоа што тој не е потпишан во Преспа, барем не во онаа што го носи тоа име.
Преспа (наводно со значење „песочна преграда“ или „снежен навев“) како котлина, како област е компактно подрачје, но во територијален и државноправен и административен поглед е разбиена географски, етнички, говорно, писмено, економски, културно, фолклорно, на три нееднакви дела меѓу Република Македонија (идна Северна), Република Грција и Република Албанија. Секоја од овие области во трите држави си има свое административно име на јазикот на државата во која се наоѓа. Преспа како „чиста“ Преспа носи име само на територијата во Република Македонија. А тука, на таа територија, не е потпишана спогодбата. Во наше Отешево беше само ручекот, кој не е дел од спогодбата. Ако веќе сакаме да бидеме прецизни, според македонскиот јазик и македонската топонимија, може да се нарекува спогодба од Долна Преспа, од Мала Преспа или, што би било најточно, спогодба од грчка Преспа. Несомнено дека, ако се сака, може да се употребува и чистиот грчки назив за тој дел од Преспа.
Другото прашање што ќе се поставува (а веќе се поставува) е дали спогодбата ќе се именува по самото место на потпишувањето. Според медиумите, потпишувањето се одвивало во Нивици, според други во Псарадес. Нивици е име според македонската топонимија, име што го носело со векови, а Псарадес е грчкиот топоним. Селото е преименувано меѓу 1920 и 1930 година, кога грчката власт насилно ги смени имињата на сите села и градови во Егејска Македонија. Би било нормално македонската страна говорно да го употребува името Нивици, а доколку се работи за официјално обраќање кон и со Грција, може да се употребува грчкото име Псарадес. Но сигурно дека најдобра, компромисна и пријателска варијанта би било покрај Нивици во заграда да се става Псарадес или обратно. Се разбира, ако тоа некому му е важно или ако не сака да има одредени недоразбирања кога ќе се посочува локацијата на потпишувањето.
Интересно е што во самата спогодба се споменува само името на Грција, а никаде, низ целиот текст, го нема зборот Македонија, како ознака за држава што нешто потпишува. Првиот став, првата реченица од преамбулата гласи вака, цитирано: „Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации во согласност со резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна“), заедно именувани како ’Страните’“…
Значи договор потпишале Грција и некоја сега непостојна држава, но идна Република Северна Македонија. Можеби затоа е чудно што спогодбата ниедно официјално лице, дури ниту еден медиум не ја нарекува или не се осмелува да ја нарече македонско-грчка или грчко-македонска спогодба. Не е познато дали е тоа некоја тивка интерна директива од страна на Владата до политичарите и до нејзините блиски медиуми, дали е премолчена согласност да не се крева многу прав со понагласена употреба на терминот „македонско“, или е некоја наредба за да не се навредат Грците. Бегањето од ословувањето со „македонско-грчка спогодба“, особено од страна на потписниците, инспираторите и реализаторите на договорот, како и од страна на пратениците во Собранието не ќе може да се толкува никако поинаку освен како своевидна забрана за употреба на придавките „македонски“, „македонска“, „македонско“. Што, всушност, е суштина на грчките барања и што македонските власти упорно нѐ убедуваат дека такво нешто не постои.
Значи, како што има многу различни толкувања, а и контрадикторности во самиот текст на спогодбата, ќе има дилеми и за прашањата што ги поставува овој текст, иако, ако се чита како што пишува, што е основна норма на македонскиот јазик, сите недоразбирања набргу би се отстраниле. Ако се сака, лесно би било со помош на стручњаци, лингвисти и географи, да се унифицираат термините во согласност со македонскиот јазик и во согласност со географските одредници на териториите и локациите. Пред многу години во весникот „Нова Македонија“ беше родена рубриката „Јазично катче“ (возобновена со вториот серијал во 2008 година), во кое легендарните лингвисти Благоја Корубин и Тодор Димитровски ги третираа ваквите прашања и дилеми. Очигледно е дека е насушна потребата од почнување на третиот серијал на популарната рубрика. Денес има јазичари, македонисти, слависти од нивни или повисок ранг. Но тие или се плашат да учествуваат во јавни дебати или, пак, се уверени дека нивниот глас, нивната наука, не вреди ни пет пари пред мислењето на политичарите, дури и оние најбезначајните. Или можеби се мисли дека преведената верзија на македонски јазик на спогодбата не е релевантна затоа што единствено што се признава при кое било толкување или спорење е верзијата на англиски јазик.