Фото: Игор Бансколиев

СЛУЧУВАЊАТА ОКОЛУ СЈО НЕ ДОПИРААТ ДО НАРОДНИТЕ ИЗБРАНИЦИ

Токму законодавниот дом е институцијата пред која специјалната обвинителка Катица Јанева единствено полага одговорност и од каде што таа беше и избрана. Досега за текот на своето работење СЈО, на одредени временски интервали, поднесуваше отчет токму пред Собранието и народните избраници, кои сега молчат и не се чувствуваат повикани да побараат објаснување од СЈО за најновите случувања и околности. Дали причина за тоа се годишните одмори, иако според Уставот Собранието е во постојано заседание, или во прашање е нешто друго?

Правниот и политички јазол околу одговорноста и иднината на СЈО, уште повеќе e затегнат по објавувањето на снимките поврзани со аферата „Рекет“, и покрај зголемената фреквентност на изјави во јавноста од политичарите и обвинителите со решителност „истрагата да се доведе докрај и никој што е виновен да не биде поштеден“, иако барем засега се чини дека нема некое суштинско придвижување кон разврска на случајот. На сите повици за согледување на сериозноста на состојбата предизвикана од аферата „Рекет“, обвинителствата и политичарите можеби се раздвижија, но од Собранието, кое е основач на СЈО и пред кое одговара специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, нема никакви одгласи, или, пак, иницијатива за прекин на колективниот годишен одмор, поттикнување расправа и барање одговорност за целиот случај. Навистина, пратениците заминаа на колективен одмор неколку дена пред објавувањето на снимките во италијанскиот медиум „Ла верита“, но спикерот Талат Џафери пред тоа изјави дека во случај на вонредни околности за кои треба да расправа, ќе се придржува до уставната одредба дека Собранието постојано заседава. Токму законодавниот дом е институцијата пред која специјалната обвинителка единствено полага одговорност и од каде што таа беше и избрана.

Досега за текот на своето работење СЈО, на одредени временски интервали, поднесуваше отчет пред Собранието и народните избраници, кои сега молчат и не се чувствуваат повикани да побараат објаснување од СЈО за најновите случувања и околности.

Уште повеќе зачудува нереагирањето на Собранието во врска со СЈО, со оглед на тоа што е познато дека веќе е влезен во процедура законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши судбината и на специјалното, а расправата за него е закажана дури на 27 август.

– Неоспорна е одговорноста на Собранието за случувањата со СЈО! Формално законски парламентот го конституира ова обвинителство (иако претходно беше постигнат меѓупартиски договор), со апсолутно мнозинство гласови ја назначи Катица Јанева и за својата работа СЈО директно му одговара на Собранието. Зошто Собранието се однесува игнорантски во однос на аферата „Рекет“, во која е несомнено вовлечено СЈО, постојат повеќе објаснувања. Едното од нив е дека во аферата се најдиректно инволвирани пратеници, дури и собраниски функционери од власта. Тоа ја компромитира и целата партија, па во нивни интерес е да се одолжува со собраниската расправа, и доколку е можно да се разводени. Не ми е јасно зошто не се појавува иницијатива за побрза расправа од опозициските пратеници, но во интерес на јавноста и гласачите е што поскоро да се реши аферата и да се укине институцијата СЈО, односно да премине во редовниот обвинителски систем. Покрај сѐ, не можеме да го избегнеме фактот дека пратениците во македонското собрание не се народни, туку партиски претставници и реагираат само кога партијата ќе им даде задача – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.

Фото: Игор Бансколиев

Од правно-политички аспект, адвокатот Александар Тортевски не очекува Собранието да преземе иницијатива во решување на судбината на СЈО, со спроведување на процедурите и расправа за законот за Јавно обвинителство, особено по аферата „Рекет“.

– Ситуацијата на СЈО беше многу специфична и правно, и политички, дури и без аферата „Рекет“. Уште при формирањето на СЈО, предупредував дека тоа е ад хок решение, а таквите решенија носат безброј непознаници. Факт е дека СЈО и неговата претседателка во оставка, одговараат пред Собранието, но одговараат и пред законите. И таа одговорност треба да им се побара што поскоро. Кога би биле нормална држава, Собранието би го прекинало годишниот одмор и би расправало за СЈО. Но кога би биле нормална држава, би немале ни СЈО. Кога многу ќе се заплеткаат политичките состојби, нашите политичари не се способни и не преземаат одговорност да ги решат, па излезот го бараат во меѓународна интервенција. А странците, пак, не ги познаваат доволно нашите состојби и нудат повторно ад хок решенија, кои создаваат нови проблеми… Не, не очекувам Собранието да го прекине одморот за да расправа за СЈО, како што не очекувам и брза разврска за случајот „Рекет“ и за судбината на СЈО – вели адвокатот Александар Тортевски.


Обвинителот од СЈО Рустеми даде исказ во Обвинителството

Обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми, вчера сведочеше пред обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска во корист на истрагата „Рекет“, притоа обелоденувајќи дека бил распрашуван во врска со истрагата по предметот на СЈО именуван „Поштенска банка“, чиј предметен обвинител е токму тој.
– Одговорив на сите прашања во врска со тоа како се водела истрагата „Поштенска банка“. Одговорив на сè што ме прашаа во ова обвинителство и сметам дека моите одговори ќе придонесат во правец на успешно водење на истрагата за „Рекет“ – рече Рустеми.