„Емерџинг Јуроп“: Сега кога веќе се реши еден од најглупавите меѓународни спорови во изминатите неколку децении, Грција повеќе нема да става вето за членството на Македонија (официјално Северна Македонија) во меѓународните организации. Но иако релативно брзо би станала членка на НАТО, сепак никој не треба да очекува дека наскоро ќе се случи и членство во ЕУ
НАТО кога сака знае многу брзо да реагира. За помалку од една недела откако грчкиот парламент го ратификува договорот со кој Република Македонија официјално стана Република Северна Македонија, НАТО го одобри Протоколот за пристапување на новоименуваната држава. Додека трае процесот на потпишување на протоколот кај постојаните 29 членки на НАТО, Северна Македонија ќе може да се вклучи во активностите на организацијата како гостин. Целосното членство ќе почне да важи на крајот на 2020 година. И уште нешто, заради ова, веќе имаше и реакции на пазарот. Обврзниците на Северна Македонија за 2025 година достигнаа највисоко ниво, кога генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го поздрави потпишувањето на таканаречениот Преспански договор како „важен придонес за стабилноста и просперитетот во целиот регион“.
Вака, во својата анализа угледниот медиум „Емерџинг Јуроп“ ја опишува состојбата на релацијата НАТО – Македонија, во непосредно пред ратификувањето на договорот од Преспа.
Во тој контекст, хроничарите на „Емерџинг Јуроп“ забележуваат и неколку факти од блиската историја врзана за Македонија, клучното непризнавање од меѓународните најрелевантни мултилатерални институции, но и амбивалентноста на граѓаните што се однесува до Преспанскиот договор.
Името Република Македонија веднаш беше прифатено откако државата прогласи независност од поранешната Југославија во 1991 година. Таа беше признаена од над 130 држави, но не и од ООН, НАТО или ЕУ, поради противењата на Грција, која тврдеше дека терминот „Македонија“ го узурпира нејзиното античко наследство и значеше територијални претензии кон нејзината северна провинција што го носи истото име, наедно и родното место на Александар Велики. Лани во јуни „конечно се реши“ 27-годишниот спор по неколкумесечните и честопати деликатни преговори, кога грчкиот премиер Алексис Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев го потпишаа договорот во Преспа, тој ќе рече: „Договорот ги зачувува македонскиот етнички и културен идентитет. Нашиот јазик и нашиот народ и понатаму остануваат македонски“.
Но, во својата хроника на настаните за Македонија „Емерџинг Јуроп“ го истакнува и фактот дека од „Преспанскиот договор, сепак не беа сите задоволни. Противниците на договорот ги предводеше претседателот Ѓорге Иванов, кој отиде дотаму што апелира за бојкот на референдумот за договорот од говорницата во Генералното собрание на ООН во Њујорк, тврдејќи дека е „флагрантно кршење на суверенитетот“. На меѓународен план „Емерџинг Јуроп“ тврди дека „Русија исто така не беше воопшто задоволна“. Во таа насока, „Емерџинг Јуроп“ тврди дека токму Преспанскиот договор несомнено ги зголеми тензиите меѓу Русија и Западот, кои веќе се влошија кога Црна Гора влезе во НАТО во 2017 година и засекогаш ја напушти сферата на влијание на Русија.
– Москва сега смета дека Македонија е од клучна важност – изјави Блерим Река, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ).
Има една многу интересна информација, која ја лиферува „Емерџинг Јуроп“ во својата хроника, односно анализа. Тие го цитираат професорот Блерим Река, кој децидно тврди дека Русија „многу вложила во референдумот и дека руската пропагандна машина тогаш работела со полна пареа, особено преку српските медиуми, вклучувајќи го и белградските ограноци на новинската агенција ’Спутник‘ и на телевизиската мрежа ’РТ‘ (поранешна ’Русија денес‘)“. Исто така професорот тврди дека „се појавиле стотици антиреферендумски портали и почнале да шират дезинформации“. Во истиот контекст, тој тврди дека американскиот Конгрес, пак, наменил „осум милиони долари за Македонија да се бори против руските дезинформациски кампањи“.
Исклучително е интересен приодот на „Емерџинг Јуроп“ во врска со референдумот каде што претседателот Иванов и Русија ги става во еден кош. Имено, тие пишуваат дека токму „апелите на Иванов за бојкот и руското мешање во референдумот на крајот не успеаја“. Сепак, во анализата тие издвојуваат дека „одзивот беше низок, под границата за резултатите да бидат важечки“, а потоа дека „Заев во периодот по референдумот се залагаше за промена на името во силно поделениот парламент и покрај противењето на националистичките партии и на претседателот“.
Во анализата на „Емерџинг Јуроп“ се осврнува и Максимилијан Ламберстон, водечки аналитичар во истражувачката единица на „Економист“. Тој отвора неколку прашања и се обидува да даде реален одговор, низ неговата аналитичко-синтетичка диоптрија.
Најголемото прашање што сега се поставува е по која цена е сторено тоа?
– За членството во ЕУ на Северна Македонија ќе ѝ биде потребно повеќе време отколку за членството во НАТО. Иако Грција го повлече ветото во почетните преговори за влез, сепак сè уште постои ризик дека Европската комисија нема да даде препораки за започнување на преговори со Северна Македонија во јуни годинава. Ова би можело да се должи на актуелните гледишта против проширувањето на Унијата што ги поттикнаа евроскептичните партии, кои забележаа добар успех на мајските избори во Европскиот парламент и поради загриженоста дека Северна Македонија не постигна доволен напредок во подобрување на владеењето на правото. Парадоксално, политичките пазарења вклучуваа и воведување уставни амандмани за промена на името на Македонија (со што се отвори патот кон ЕУ), вклучувајќи амнестирање на опозициски пратеници, кои се соочуваа со обвиненија за што критичарите сметаат дека се нарушува владеењето на правото и независноста на судовите што се клучни предуслови за членството во ЕУ. Сепак Заев може да се соочи со тежок удар ако ЕУ бара повеќе реформи уште пред започнувањето на преговорите, со оглед на политичкиот капитал, кој премиерот го вложи во промената на името на неговата држава – изјави аналитичарот на „Економист“, Максимилијан Ламбертсон.
Во секој случај, „Емерџинг Јуроп“ тврди дека во моментот постојат две тежишни точки на кои треба да се обрне внимание. Прво, дека всушност целиот процес е и голема победа за Западот. А второ, дека кај менторите (на процесот) на Западот, „постои загриженост дека Русија, која е против членството на Македонија во НАТО, може да направи последен обид да ги изјалови плановите на Северна Македонија со тоа што би го искористила нејзиното право на вето во Советот за безбедност на ООН за да го блокира признавањето на новото име. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека има намера да го стори тоа кратко по одржувањето на ланскиот референдум, кога изјави дека новото име ќе треба да се разгледа од страна на Советот за безбедност во согласност со на Регулативата 845. И грчкото гласање ќе биде разгледано, но како што американскиот аналитичар Јануш Бугајски истакна, „Москва ја гледа Македонија како свое упориште (во контекст) на борбата против ЕУ и НАТО“ и сака да ја претвори во „уште еден ентитет како Република Српска“, односно полуавтономниот, проруски регион во Босна и Херцеговина, кој ја спречува државата да влезе во евроатлантските структури.
На крајот, за издвојување е тоа што „Емерџинг Јуроп“ се осврнува и на тоа што треба да очекува и Македонија од сето ова, а не само опонентните големи сили! Имено, „Емерџинг Јуроп“ апелира „Северна Македонија мора да добие повеќе од само нејасни ветувања од своите сојузници во текот на наредните неколку месеци“.
Исто така, на крајот е споменат и извештајот на фондацијата „Отворено општество“ објавен кратко по грчкото гласање, каде што „особено беше истакната можноста за катастрофа според која „ако ЕУ не сака да го одблокира патот на Македонија за влез дури и со Преспанскиот договор, тогаш ќе следува враќање на состојбата од пред повторното воведување на европските политики од 2017 година и во која Кремљ слободно ќе може да го шири неговото влијание во Западен Балкан“.
„Емерџинг Јуроп“ на крајот заклучува дека „во Македонија ќе се одржат претседателските избори во април, а предвремени парламентарни избори речиси со сигурност ќе следуваат при крајот на летото. Ако обичните Македонци набрзо не видат корист од промената на името, кое многумина го поддржува со тешко срце, тие можат масовно да се свртат против Заев и неговата проевропска агенда со што би се отворила вратата за националистичка влада, која би можела да го спречи напредокот на државата кон ЕУ пред самиот тој да започне“.
Дали освртот и анализата ќе се покажат како точни, останува да се види. Во секој случај, Македонија сѐ уште е многу актуелна во анализите на професори, аналитичари, експертски групи и истражувачки институции од странство, при што може само да се насетува дека повторно Балканот, поради некоја причина е во центарот на вниманието, барем за овој дел на светот. С.Н.М.