Кои се мотивите за формирање филијали на странските политички центри на територија на нашата држава, особено за формирање партиски клонови на партии од регионот? Дали има ограничувачки фактори да се спречат појавите што се генерирани од ваквите политичко-партиски клонови за кои постојат индиции дека работат против уставниот поредок на земјава и за загрозување на суверенитетот, државниот интегритет и безбедноста?
По најавите дека косовското движење Самоопределување на Албин Курти ќе формира партиска филијала во земјава
Нема ништо ново во констатацијата дека политички партии од соседството формираат свои филијали во Македонија. Бездруго со своја агенда, политички мотиви и остварување на тие цели. И досега, по осамостојувањето, низа политички субјекти од странство управувани од надворешни политички центри на моќ регистрирале свои претставништва во облик на хуманитарни организации, фирми, па дури и политички партии. Кои се мотивите за формирање вакви филијали на странските политички центри на територијата на нашата држава, особено за формирање партиски клонови на одредени партии од регионот? Дали кај нас има ограничувачки фактори со кои ќе се спречат ваквите појави кога ќе се констатира дека тие странски партиски претставништва работат против уставниот поредок на земјава и загрозување на безбедноста?
Овие дилеми и многу слични ним станаа актуелни во домашната јавност откога медиумите од соседството најавија дека косовското движење Самоопределување (ВВ) на Албин Курти, територијално го проширува својот политички делокруг на работа и во Македонија.
Приштинскиот весник „Газета експрес“ изминатава неделава информира дека откога движењето Самоопределување добило свој разгранок во Албанија, најавило дека ќе се шири и во Македонија. Таквиот став од високи партиски претставници претходно беше соопштен и на собирот на 12 јуни во центарот на косовскиот главен град по повод 21-годишнината од ослободувањето на земјата и 15-годишнината од основањето на партијата.
Во приштинското јавно гласило, кое се повикува на високи партиски извори, е проследена и информацијата дека во партискиот клон што ќе биде формиран во Македонија би влегле „поранешни и сегашни политичари, градоначалници и пратеници од повеќе партии од албанскиот блок партии“ во земјата.
Сепак ова не е првпат да се спомене име на партија од соседна држава, со намера да оформи партиски клон во Македонија и тоа со идентично име. Такви примери во земјава имало повеќе, како на пример партиите што се активни во Србија, а ги има во земјава како Српска напредна странка, Српска радикална странка (партија). Друг пример е партијата што е активна во Бугарија, како ВМРО БНД, како и партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, односно Партијата на правдата и развојот (АКП), која исто така најави формирање свој разгранок во Македонија.
Има ли „сива зона“ Законот за политички партии?
За обележување е фактот дека во јавноста беа регистрирани одредени примери во кои партиите и политичарите меѓу себе се обвинуваат дека се финансирани од странски држави или од опскурни политички центри на моќ. Што, всушност, значат ваквите обвинувања?
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека во Македонија со закон строго е забрането странска држава или странски политички субјект да формира партија во нашата земја.
– Сепак, сведоци сме дека во практика во минатото имало обиди каде што, користејќи ги дупките во законот, се регистрирале партии што носат именски предзнак на некој странски политички субјект. Овие партии се формираат на начин што не се формалноправно филијали од странство, туку тие се регистрираат во Македонија со истото име на странската партија. Тоа е дозволено бидејќи партии со такво име не постојат во државниот регистар кај нас – вели Трајанов.
Тој додава дека, сепак, државата има свои механизми како да го превенира ова дејствување, кое често може да биде штетно по уставниот и политичкиот поредок на Македонија.
– Судот и обвинителството натаму ги проучуваат политичките програми, статутите и финансирањето на овие партии. Па по таква една сериозна истрага, доколку се заклучи дека тие по која било основа ја загрозуваат државата, пример прокламираат отцепување територии, прокламираат насилство или одредени штетни политики, тогаш ним може да им се забрани основање во земјата. Пример партијата на Самоопределување од Косово, која има име што симболизира отцепување, во Македонија не би смеела да има политичка програма што ќе иницира таква политика и затоа обвинителите треба да го истражат тој чин – вели Трајанов.
Тој подвлекува дека како примерот со оваа партија од Косово, имало слични обиди за формирање и други партии со идентично име во земјава. Тие партии иако биле релевантен политички субјект во други држави како Турција, Бугарија или Србија, овие партиски клонови згаснале бидејќи реално не нашле соодветна поддршка од домицилното население во Македонија. Но дали тие си ја завршиле „работата“ односно политичката агенда за која (ад хок) биле регистрирани?
– Сепак има и практика на формирање партии чии имиња се интернационални и нема никаква логика државата да го забрани нивното формирање. Како за споредба, такви се имињата на партиите со социјалдемократската провиниенција, која ја има насекаде во светот или, пак, демохристијанската партија, социјалистичката, работничката и слично. Тие имиња се идентични со партиите од странство, но имаат идеолошки предзнак, па овие партии не можат да се споредат со оние како Самоопределување и државата го нема истиот пристап кон нивното формирање и дејствување – резимира поранешниот министер.
Странското финансирање на политичките партии е забрането
Мијалче Дургутов од Државниот завод за ревизија во своја изјава на оваа тема вели дека Законот за финансирање на политичките партии во членот 15 став 6, но и во членот 20, точно и децидно забранува странско финансирање политички партии.
– Доколку ДЗР при вршењето ревизија на работењето на политичките партии утврди дека имало незаконско финансирање на партијата, истото тоа се пишува во ревизорскиот извештај како ревизорски наод и се дава ревизорска препорака како да се постапи во конкретната ситуација – вели Дургутов.
Политикологот Синиша Пекевски, во своја оцена на настаните, вели дека евидентно е дека одвреме-навреме во земјава има тренд партии од соседството да се обидат да се „инфилтрираат“ на нашата политичка сцена и во одреден регионален политички момент да генерираат точно одредена политичка агенда. Таа агенда може да биде исклучително штетна за домашниот политички амбиент и односи, но, за среќа, таквите обиди на странските политички клонови кај нас, на долг план, никогаш не фаќаат корени.
– Дополнително на македонската политичка сцена има и партии за кои се тврди по медиумите дека се финансирани од странство, но и тие исто така, како оние со идентични имиња на политички субјекти од регионот, имаат многу слаб или никаков ефект и влијание во политиката. Таква на пример е партијата на Јанко Бачев за која најчесто во јавноста кружат секакви гласини во овој контекст, но таа на последните избори освои околу 5.000 гласа што е рамно на нула – вели Пекевски.
Тој додава дека овие филијали што се формираат во земјава како онаа најновата на Самоопределување од Косово, секогаш имаат национален предзнак бидејќи честопати се дел од некои пошироки интереси за претензии врз Македонија.
– Иако овие партии немаат голем успех во државата, сепак, мислам дека властите во земјата треба посериозно да им пристапат и навремено да го анулираат потенцијалниот ризик од странско недемократско влијание во државата – резимира тој.
[email protected]