Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.
ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (6)
Логиката на мотото „И по Тито – Тито“ доведува до тоа полицијата да води политика, а политичарите да вршат полициска работа. Од каде правото членови на Претседателството на ЦК да испитуваат и да сослушуваат дали има криминал? Стево Георгиевски и Драган Захариевски работеле по заклучок на Претседателството на ЦК СКМ, а истовремено нив ги гонеше Комисијата ни Фана Кочовска Цветковиќ од Собранието во испитувањето за нивната улога во ФЕНИ, каде што не се знаеше кој кого и зошто гони во периодот кога е внесен страв меѓу луѓето и охрабрување кај поткажувачите.
Кога Драгица почнала да му наведува аргументи на Милан Панчевски, податоци за неоснованоста нејзиниот сопруг Панче Насев да биде во притвор и инсистирала одговор од Панчевски за секое од прашањата, тој ѝ одговорил: „Јас сум геодет. Од ова што ми го пишувате и објаснувате, јас ништо не знам и не можам да ви кажам дали треба да биде вашиот сопруг во притвор или да го пуштат. За одговор на тоа прашање многу е покомпетентна Партијата, а не јас лично. Во Партијата овластени се да го решаваат тоа прашање двајцата членови на Претседателството на Партијата: Драган Захариевски и Стево Георгиевски. Како ќе кажат тие, така ќе биде.“ Драгица му одговорила: „Токму тука е проблемот, што тие луѓе треба да знаат и да ги разбираат фактите за кои е осомничен и притворен Панче Насев. Но, во разговорите со нив и со партиската организација на ’Астибо‘ во Штип тие покажуваат дека помалку знаат од вас. Зошто така се однесуваат тие луѓе, зошто не ми даваат одговори за фактите и одлучуваат сосема спротивно? Затоа Вам Ви се обраќам, Вие сте им шеф и Вие сте одговорни за таквото нивно однесување.“ Според зборовите на Драгица, Панчевски комплетно си ги измил рацете. Рекол: „Да, во право сте, ама ја како што кажав сум геодет, а од друга страна не сум Претседател на ЦК СКМ. Претседател е Крсте Марковски, одете кај него.“ Драгица му одговорила: „Со недели барам прием кај Марковски, но ми одговараат дека за тоа се овластени двајца: Захариевски и Георгиевски, а Секретарот на Партијата сте вие. А каде сега да одам?“ Тој мавнал со раката: „Навистина не знам, не се разбирам, не можам ништо, јас сум геодет техничар.“
Панче одлежа осум месеци во притвор. Подоцна, кога судски се разјаснија работите и беше пуштен на слобода Панче, стана јасно дека не е ова единствен случај и дека во Штип имало и други случаи што му претходеле, а и потоа имало и други.
А сега за случајот со Али Беговски од Штип. Али беше роден во Кавадарци, во турско семејство на угледни луѓе, кое со векови живеело во Кавадарци. Неговото семејство, вклучувајќи го и неговиот помал брат Кемал, кој учеше со мене некаде до 1953 година, се исели во Турција. Меѓутоа, Али остана во Штип. Таму и се ожени за Македонка. Во својот развој, се покажа како добар стопанственик. Всушност, тој го создаде штипскиот земјоделски комбинат „Црвена ѕвезда“. Вообичаена појава беше и му се случи и на Али, откако некој ќе покаже голем углед, да се најдат завидливци кои сакаат да му го земат успехот, а не се ни прашува дали може да го зачуваат и развијат. Така беше и со Али, ја разви „Црвена ѕвезда“ и се јавија такви што сакаа да го исфрлат од Штип и резултатите да приграбат за себе.
Бидејќи беше успешен стопанственик, во републичката концепција за развој на лозарството и винарството беше решено да се направи централен подрум, каде што ќе се складира и ќе се доработува виното од најголемиот дел од Македонија. Тој централен подрум требаше да се направи во Кавадарци, бидејќи Тиквешијата е подрачје кое има најголемо производство на грозје и вино во Македонија. За остварување на оваа цел, се формира претпријатие, со дирекција во Скопје. Директор на тоа претпријатие беше Али Беговски, а негов заменик или, пак, комерцијален директор беше Душко Маркудов од Гевгелија. Откако завршија градежните работи на подрумот, дојде на ред увозот на потребната опрема. Тоа претпријатие ја увезе опремата за централниот подрум. Најголем дел од опремата беше од СР Германија и Франција. Наеднаш падна сомневање дека при увозот на опремата бил извршен и криминал. Се нашле луѓе што во целата таа работа не ги гледале резултатите, туку виделе криминал и почнаа поткажувања.
Му реков на Варошлија да внимаваат да не дозволи да го заведат поткажувачи, а тој едноставно само ми го затвори телефонот. По овој разговор, кај мене влезе мојата секретарка Наде и ми кажа дека овде пред мојата влезна врата по цел ден седи на едно столче Роман Лечевски. Тој беше поранешен удбаш
Бидејќи Али го знаев лично, тие озборувања во Скопје и во Македонија ме изненадија и ме загрижија, но тогаш бев на работа во Белград и не можев да се мешам во настаните во РМ. Беа осомничени и двајцата раководители, а потоа обвинети и притворени. Али во притвор мина 21 месец, а Маркудов веројатно и подолго. Потоа, еден период се бранеа од слобода и многу подоцна, веројатно по повеќе од 10 години од притворот, судски беа ослободени како невини. Тоа беше период кога многу лесно успешни стопанственици беа прогласувани како технократи и со недокажана аргументација беа притворани, судени, а меѓу нив се случи и една комерцијална или техничка директорка на едно претпријатие во Кичево со месеци да биде во притвор, иако беше бремена. Подоцна весниците во цела Југославија пишуваа за нејзиниот пример како единствен случај во СФРЈ – бремена жена без основа да е во притвор. Многу подоцна, судски се докажа дека немала вина. Овие прогони беа поттикнувани од ЦК СКМ, од ГК СК на Скопје и од општинските комитети на СКМ. Но, во таа активност учествуваше и широката мрежа од тајни соработници на полицијата речиси во сите средини.
Не само случајот со подрумот во Кавадарци и ФЕНИ, туку по еден друг повод изби уште еден посебен случај во Кавадарци, со трговското претпријатие „Метал промет“. Тоа претпријатие работеше со набавка и продажба на производи од Железарницата во Скопје. Работеше многу успешно. Кога почна аферата со ФЕНИ, пет-шест месеци подоцна, одеднаш беше објавено дека директорот на тоа претпријатие, Ѓорѓи Коцев, е притворен. Некоја инспекција му нашла кусок и веднаш бил притворен. Ѓорѓи, како успешен деловен човек, уживаше висок углед во Кавадарци и многу од оние што ги немаа тие вредности му завидуваа, а му завидуваа и некои соработници на полицијата.
Претпоставувам дека тоа била причината да се измисли вина и да биде притворен. Еден ден од рецепцијата во Владата ми рекоа дека кај мене сака да дојде сопругата на Ѓорѓи. Тој ми беше колега и од Факултет, а заедно бевме и во Средното училиште во Кавадарци. Го познавав и семејството на неговата сопруга, таа се викаше Нада. Им реков веднаш да ја пуштат да дојде кај мене. Откако ми ја раскажа целата приказна, јас ѝ советував веднаш да најде адвокат и што побргу да се направи судски случај, зашто ако не направи така – којзнае колку време ќе го држат во притвор, а таа ќе се матка низ разни канцеларии. Ѝ реков дека верувам оти Ѓорѓи нема вина. Дојде такво време – човек сам да си бара чаре. Друго не може. По два дена ми се јави по телефон министерот за внатрешни работи, Љубиша Варошлија. Ме праша дали кај мене била сопругата на Ѓорѓи. Му одговорив дека беше. Притоа му реков дека луѓето ги познавам, и Ѓорѓи и Нада, и немам причини да не ја примам. Тогаш по телефон ме праша каков човек е тој Ѓорѓи. „Според податоците што ние ги имаме, бил голем арамија. А ти што мислиш за него?“, ме праша. Му реков дека Ѓорѓи го познавам уште од гимназија, а и од факултет, дека ми е помлад колега.
Од моите сознанија сум уверен дека тој Ѓорѓи е чесен човек, со граѓанска свест и вистински домаќин што внимава на секоја пара. И дека сето ова обвинение е нечија конструкција. Му реков на Варошлија да внимаваат да не дозволи да го заведат поткажувачи, а тој едноставно само ми го затвори телефонот. По овој разговор, кај мене влезе мојата секретарка Наде и ми кажа дека овде пред мојата влезна врата по цел ден седи на едно столче Роман Лечевски. Тој беше поранешен удбаш, којшто во времето на пресметката со Александар Ранковиќ беше отстранет од службата и пензиониран, а во ова време за кое зборувам вратен на работа како советник во Републичката влада. Наде ми вели дека седел пред вратата на нејзината канцеларија за да гледа кој влегува кај мене, колку останува и по колку време излегува. И навистина, излегов и видов дека седи Роман Лечевски. Го прашав: „Што е ова, зошто си тука, да не сакаш да дојдеш до кај мене?“ Тој се збуни и ми одговори: „Не, не, само седам овде и пушам, за да не пушам в канцеларија.“ Му реков, „Романе, и твојата канцеларија има влезна врата, пуши си пред твојата канцеларија. Не сакам вакво надгледување.“ Се посрами малку и си отиде в канцеларија. Повеќе не доаѓаше на „пушење“.
(В понеделник: „И по Тито – Тито“ во уметноста, науката и новинарството)