Долгогодишното одбегнување на соочувањето со пописот во себе вклучува, по линија на помал отпор, всушност, избегнување на исправањето пред можен проблем, тешкотија што може да биде очигледна, но може да биде и ирационална. Но како и да е, соочувањето со пописот значи соочување со вистината, прифаќање на реалноста и димензионирање на општествениот тек и развој според конкретни показатели, а не според претпоставки. Колку побрзо го совладаме стресот што го наметнува пописот, толку побрзо ќе ги дознаеме вистината и реалноста и може да зачекориме во длабоки системски промени, кои се основа на одржливиот развој за државата, нацијата и за сите граѓани
Спроведувањето попис на населението е неопходност за проектирање на општествениот развој
Секое потсетување дека Македонија како дел од семејството на Обединетите нации има обврска, но и сопствена општествена неопходност да спроведе попис на населението, домаќинствата и становите, секогаш кај нас некако ги сензибилизира политичките чувства, позиции и комбинации. Иако според дефинициите, пописот е најобемна статистичка операција потребна најмногу за планирање на општествениот развој, Македонија веќе две децении не успева да ја спроведе таа операција, најмногу поради политички калкулации, кои се чини дека се претворија во некаков „хроничен страв“.
Неодамна, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, упати апел колку што е можно побрзо да биде донесен законот за попис, уште во текот на октомври, зашто за дел од активностите неопходни за спроведување на оваа операција, е потребен е законски акт.
– Се по октомври нас нѐ става во страшен временски теснец – предупреди Симовски, кој овој пат не очекува политичкото мешање да биде пречка за одржување на пописот, како за оној во 2011 г. Тој уверува дека операцијата ќе биде спроведена според методологиите што ги користат сите во светот, меѓу кои Евростат како статистичка агенција на Европската Унија и Обединетите нации, а конечно нивни претставници го надгледуваат целиот процес.
Исто така и бизнисот во земјава веќе од поодамна бара да се направи попис на населението и со години се тврди дека тоа што немаме увид во реална ситуација ја поткопува и економијата.
– Пописот е важен бидејќи е подлога за секаков вид економска проекција. Од кога го немаме, прашање е дали тие проекции имаат реална основа – изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Но она што главно политички го проблематизира спроведувањето на пописот е претпоставката како резултатите евентуално би се одразиле на димензионираноста на избирачкиот список, односно на одредени политички права, кои на некој начин произлегуваат од декларираната бројност на одредни етнички малцинства.
– Пописот е статистичка операција што не се прави според Книгата на државјани, туку според затекнатите жители на територијата на државата во време на негово спроведување. Освен затекнатите жители, во вкупното население се сметаат и оние иселени што се помалку од 12 месеци надвор од државата. Категоријата вкупно население се разликува од вкупен број на државјани. А бидејќи избирачкото право извира од државјанството на една земја, во избирачкиот список по службеност се внесуваат сите државјани што се стекнале со право на глас, без оглед дали се во вкупното населени. Токму затоа во избирачките списоци и покрај сите прочистувања, имаме некаква привидна диспропорција, кога се зема предвид дека Македонија има вкупно население од 2 милиони жители, а со право на глас околу 1,8 милион, ценејќи дека според стандардните процени на ОН, околу 30 отсто од населението е до 18 години, и без право на глас.
Но во македонската Книга на државјани се заведени околу 2,6 милиони лица со македонско државјанство, кои секако не се сите во земјава, и тоа подолго од 12 месеци – објаснува Тодор Петров, пратеник од првиот парламентарен состав и добар познавач на статистичко-изборната проблематика. Освен неопходноста за спроведување попис според стандардите на Евростат и ОН, Петров упатува и на потребата да се направи и ревизија на книгата на државјани за вистинско прочистување на избирачкиот список.
Демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека пописот има особено влијание на димензионираноста на избирачкиот список кога треба да се овозможи гласање на дијаспората.
– Ние немаме релевантни податоци колку државјани имаме во странство подолго од 12 месеци, кои не влегуваат во вкупниот опфат на населението во земјата, но имаат право на глас. Тоа, секако, е потребен податок во случај на промена на изборниот модел со една изборна единица. Но имаме нерелевантни податоци неопходни и за актуелниот изборен модел со шест изборни единици, односно немаме точни податоци на населението по изборни единици. Всушност, не знаеме колку активно живеат и учествуваат на изборните процеси во тие изборни единици (а неодамна имавме и промена на територијалниот опфат на петтата и шестата изборна единица), а колку се иселени подолго од 12 месеци.
Па, така, имаме ситуации, кога се избори – нашите се во странство, кога е попис – сите се дома – вели Дончо Герасимовски.
Во поглед на диспропорционалноста на избирачкиот список во однос на вкупниот број на населението, Тодор Петров потсетува на бројка од 150.000 државјани, кои всушност живееле и живеат на Косово или се иселени на Запад, а во 1994 година имаат добиено македонски државјанства, иако не го исполнувале условот за 15-годишен регулиран престој во Македонија, пред осамостојувањето.
– Тие државјани, но и нивниот прираст во овие триесетина години ни се провлекуваат во нашата Книга на државјани, иако ниту живееле ниту живеат во Македонија. И според Уставот имаат право на глас и да бидат регистрирани во избирачкиот список. Што се однесува до пописните предизвици што претстојат, веројатно, на секој попис што ќе се спроведува во Македонија, би потсетил дека Државниот завод за статистика на Југославија, во 1981 година го поништи пописот на Косово, зашто беше констатирано дека многумина од тамошното население се попишувале повеќекратно како жители на повеќе места. И таквата состојба и „навика“ се пренесува и понатаму – потсетува Тодор Петров.
Предизвиците на претстојниот попис
Пописот, кој би требало да се спроведе во април 2021 година, ќе биде теренски, со комбинирано користење на податоците од регистри. Македонија не е сѐ уште подготвена, наместо со попис, сите релевантни податоци од државата да ги собира преку државните институции затоа што тие не се комплетно функционални. Таков систем прво вовела Данска, но бил прифатен и во Исланд, Италија, Финска, Холандија и во Шведска.
Но директорот на ДЗС, Апостол Симовски, вели дека и понатаму проблем претставува иселувањето. Но и за оние што се иселиле, а се македонски државјани не по потекло, имало апликација за самопопишување, која ќе биде ставена во функција од први март до 21 април наредната година, а ќе се користат и искази на луѓе што имаат сознанија дека некој е отсутен од земјава. Симовски информира кои нема да бидат попишани како жители односно резиденти.
Се очекува за пописот да бидат ангажирани неколку илјади лица. Тој ќе се врши директно во електронска форма достапна на јазиците на кои говорат сите етникуми во земјава. По оној во 2002 година, ова ќе биде прв попис.