Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во последниве две години, како резултат на социјалната изолација за време на пандемијата и преголемата изложеност на технолошки помагала, бројот на деца на кои им е потребна стимулација во развојот е двојно зголемен, меѓутоа со оглед на тоа дека не се официјално дијагностицирани, тие се невидливи за системот

ПОРАДИ МАСКИТЕ И СОЦИЈАЛНАТА ИЗОЛИРАНОСТ ДЕЦАТА СЀ ПОДОЦНА ПРОЗБОРУВААТ

Јована има три години. Јована не вели ниту „мама“, ниту „тато“, ниту „сакам вода“. Јована не реагира кога некој ќе ја повика по име, не реагира кога некој ја прашува нешто. Јована живее во свој свет. Јована е родена како здраво дете, со никакви фактори за ризик во развојот. Загрижувачки се бројките на деца како Јована што ги посочуваат дефектолозите и логопедите. Во последниве две години бројот на овие деца е двојно зголемен, меѓутоа со оглед на тоа дека не се официјално дијагностицирани, тие се невидливи за системот. Социјалната изолација за време на пандемија, како и преголемата изложеност на технолошки помагала, посочуваат дефектолозите, се клучните проблеми за застој во развојот.
– Моментално сите ние живееме во една пандемија на ковид-кризата и епидемија на електронски уреди. Од клучна важност е пристапот на родителите од најмала возраст, односно дали детето ќе почне да расте во околина на слободна игра, како со родителите така и со врсниците, или ќе биде опфатен светот на технологијата, кој, за жал, сѐ повеќе е присутен во развојот на едно дете, придружен со несакани дејства што влијаат врз развојот. Во нашиот центар најмалото детенце на кое му беше направена процена од страна на логопед и специјален едукатор и рехабилитатор беше на осуммесечна возраст. Моментално нашиот тим работи со детенце од една година и шест месеци, кое ни е најмладиот клиент. Прекумерното користење електронски уреди, како и поминувањето време во домашни услови за време на пандемијата, без социјални контакти, непосетувањето градинка, немањето доволна физичка активност како регулатор за нивото на стрес и енергија, неможноста да се гледа фацијалната експресија, како и нејасниот говор под маските, кои моментално ни се неопходни за наше добро, се неколку од причините за појава на несакани проблеми кај најголем процент од децата. Оттука децата се соочуваат со доцнење во прозборувањето, мал фонд зборови, недоволен фокус и концентрација – вели Стефанија Трајческа од центарот за рана интервенција и стимулација на деца и возрасни „Тимот А“.
Децата што во првите години од животот живеат во социјална изолација поради пандемијата, пред сè страдаат од немањето социјални вештини и социјална комуникација. Вештините што немале можности да ги вежбаат, се губат, односно не се развиваат. Оттука се јавуваат проблемите со фокусот и концентрација и децата се во постојано барање интензивни дразби што би им ја задоволиле таа потреба.

Говорот како вештина е ставен пред голем предизвик во однос на спонтаниот развој на детето. Кај голем дел од децата се забележува развој на говор на јазик што не е мајчин за нив, а доколку се развие мајчиниот јазик, тој често е неправилен. Децата поминуваат многу часови во седечка положба пред екраните и уредите, што е неприродна положба за нив, и на овој начин им се скратени многубројните можности за движење и развој на моториката, рамнотежата, координацијата. Овие вештини што се основа на развојот, не се развиваат во критичкиот период за нивниот развој и како последица се создава генерална незрелост, која особено ќе се забележи кога детето ќе се соочи со академските предизвици, објаснуваат дефектолозите.
– Модерниот начин на живеење и комуницирање има влијание, па кога на тоа влијание ќе се додаде новонастанатата реалност со ковид-19 во која живееме, влијанието е навистина големо врз тоа како се развиваат денешните генерации деца. Тоа што расте бројот на деца што имаат тешкотии во говорот и комуникацијата, социјалните вештини и социјалната интеракција е директно поврзано со начинот на живот во последните години. Сè повеќе семејствата се затворени како еден систем на индивидуи, семејствата се помали и помалобројни, намалени се контактите со пошироките семејства и сè помалку се чини дека се има време за слободна игра и дружење. Ние како родители на новото време, тука се вбројувам и себеси, сè повеќе сме фокусирани на електронските уреди и забавата што ја добиваме од нив за во голема мера да ја заборавиме забавата што ни ја нудат нашите деца и времето минато во игра и комуникација со нив. Од друга страна, овие претходно спомнати вештини најмногу се учат преку следење на модел и имитација, се учат во реални ситуации како што се случуваат, а ние несвесно кратиме голем број моменти на децата за ова учење. Ние сме модел и децата учат од нас како модел. Детето што поминува подолго време пред екраните на почетокот инстинктивно, можеби, ќе се обиде да креира интеракција со случувањата на екранот, да даде повратна информација, но кога по неколку обиди нема да добие ништо за возврат од екранот се откажува од таа интеракција и комуникација и се учи да биде само пасивен следач и примач на информации. На овој начин влегуваме во еден затворен круг во кој сите губиме, и ние како родители и нашите деца – вели Маја Трајчова од здружението за рана стимулација, развој и игра кај деца „Креатива Исток“.

Таа не ги обвинува родителите за ваквата ситуација, која се должи и на модерниот начин на живеење, односно на трката со времето и со обврските.
– Не би ги обвинувала родителите во никој случај бидејќи и јас, како и повеќето од нив, сме во трка со времето и обврските, и нашиот нервен систем на крајот на денот сака одмор, па некако полесно се чини таа оддишка да ја добиеме додека детето е следач на содржините од паметните уреди или екрани. Но ова во суштина е само кратка привремена оддишка, споредно со она што може да се добие како последица во развојот на децата на долгорочен план. Ќе кажам и дека не секое дете што поминува долго време пред екрани има вакви тешкотии. Има деца кај кои внатрешниот поттик за развој и игра, љубопитство и креативност е поголем и ја надминува желбата за следење екрани и тие деца брзо преминуваат преку тоа и се вклучуваат кон повеќе соодветни активности. Но има и деца кај кои тоа не е случај и кои застануваат пред уредите и екраните и на некој начин ставаат пауза на природниот развој за нив – смета Трајчова.
Често се случува родителите да не го детектираат проблемот, па тој да стане многу поголем и посериозен. Стручните лица апелираат до родителите да реагираат навреме затоа што раната интервенција е клучна во првите години од развојот.
– Ние во текот на секојдневието правиме многу жртви, но една од најважните жртви што како родители треба да ја направиме е на крајот од напорниот ден да одвоиме малку квалитетно време со нашите деца. Игра, приказна, заедничка активност и вклучување на детето во случувањата на денот, се навидум мали нешта што многу значат. Првите три години се навистина најважните години во кои треба безрезервно да се вложува кај децата. Влогот е нематеријален: нашето време, внимание и присутност. Да бидеме присутни, да ја направиме основата кај деца, а потоа верувам дека ќе биде полесно.

Присутноста ќе ни даде и алертност и свесност доколку нешто не се развива очекувано кај нашето дете, а со тоа и можност низ рана интервенција и стимулација да се надминат можните развојни тешкотии во период од развојот кога тоа е возможно. Понекогаш доволна е и само консултација со стручно лице и совет, кој ќе ни помогне да го смениме родителскиот пристап и стил и набрзо да забележиме позитивни промени кај децата – додава Трајчова.
Да се користи секоја можност за безбедно дружење, макар со дистанца на отворен простор, да се креираат можности за игра и имагинација во домот, да се биде модел за своите деца и да се побара помош ако таа е потребна, е апелот на стручните лица.