Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој по изборниот пораз најави оставка од функцијата, како и од функцијата претседател на Владата, со аплауз беше пречекан во партиското седиште.
Во СДСМ вечерва се одржуваат седници на Централниот и на Извршниот одбор. Според најавите од потпретседателот на партијата, Фатмир Битиќи раководството ќе се подготвува за четврток, за кога е најавено гласање доверба на Влада во Собранието. Тој рече дека оставката на Заев е демократски чин.
– Ние мора да се навикнеме на такви демократски чинови, но не значи дека премиерот Заев не ни треба. Сметам дека он во овој момент треба за општеството и треба за владеењето во државата и понатаму. Така што не знам дали денеска на дневен ред ќе расправаме за неговата оставка, но сметам дека има побитни теми. Енергетската криза, економската криза, пандемијата која што очигледно има нов бран и секако севкупниот предизвик во којшто државата се наоѓа – рече Битиќи.