Само пред неколку недели, никој не можеше да помисли за еден премиер Албанец во Северна Македонија, а сега целата земја зборува за ова, рече во своето обраќање Насер Зибери кандидатот кој го предложи ДУИ.
Како што истакна Зибери, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му објаснил дека имал консултации со многу почитувани луѓе на цивилното и академското општество и дека неговото име било меѓу предложените како надпартиски кандидат.
– Челикот се кали во оган и една личност се цени за одлуките кои ги зазема за општественото добро наспроти личниот комодитет и затоа реков „да“ – објаснува Зибери и додава дека за неговата одлука клучни биле неколку причини.
– Верувам во идејата за прв премиер Албанец и верувам дека не е само чест, туку и должност и обврска за да и служам на ова идеја и на нашата албанска заедница во нашата земја. Да, затоа што јас целиот живот го посветив во борбата за рамноправност на Албанците и другите граѓани, за подобар живот за Албанците како пратеник во Собранието од Партијата за Демократски Просперитет, како Министер за труд и социјална политика, како потпретседател на Владата, и како адвокат. Време е за последниот чекор, време е ги урнеме последните ѕидови кои го делат нашето општество во два дела Македонци и немакедонци – посочува Зибери.
Тој истакнува дека идејата за премиер Албанец е поголема од секоја личност и од секоја партија.
– Не би прифатил да бидам партиски кандидат. Ниту за ДУИ ниту за некоја друга партија. Бидејќи независноста секогаш беше моето начело како придонесувач во политиката, независноста ќе биде моето начело и како премиер. Еден премиер не треба да и служи на една партија. Тој треба да им служи на граѓаните – смета Зибери.
Додава дека пред да ја донесе конечната одлука со Ахмети се согласиле дека потребен е кандидат кој ќе ги обедини сите Албанци, но и повеќе, ќе ја обединува Северна Македонија.
Тој воедно порача дека ја бара и довербата на другите албански партии и е отворен за соработка.