Пратеникот Арбен Зибери, кој вчера не присуствуваше на седницата, но дојде само за гласањето и гласаше во изолирана кабина, не бил ниту во изолација ниту, пак, бил тестиран за ковид-19, велат од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Претседателот и вчера уверуваше дека нема опасност за здравјето на останатите пратеници оти за гласањето на Зибери биле преземени сите мерки предвидени во протоколот доставен од Комисијата за заразни болести.
– Пратеникот не беше на седница воопшто. Тој не се чувствувал добро. Не е ни изолиран ни тестиран за ковид-19. Тој лично не се чувствувал добро и од колегијален аспект го информирал претседателот на Собранието дека не се чувствува добро. Оттука, по протокол од Комисијата за заразни болести што ни беше доставен преку препораките (во случај некој да се двоуми, односно субјективно да сугерира дека не се чувствува добро) подготви посебен простор за гласање. На горниот кат постои кабината за превод определена за таа намена. Кабината беше дезинфицирана и пратеникот дојде само во моментот на гласање. Директно од автомобил се качи во лифт па во просторијата за гласање. По завршување на гласањето тој се врати со лифтот и влезе директно во автомобил, немаше контакт со никого – објаснуваат од кабинетот на Џафери.
По гласањето на Зибери, лифтот не бил во функција до моментот на дезинфицирање.
Арбен Зибери беше директор на Центарот за јавно здравје Скопје кого министерот Венко Филипче го разреши со објаснување дека пласирал неточни изјави во јавноста со што директно наштетил на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот.