Планот за дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или се потенцијален ризик наскоро ќе биде промовиран, предупреди деновиве министерот за здравство Венко Филипче. Тој додаде и дека здравствениот систем се подготвува за сценарија со повеќе пациенти наесен, но се надева оти луѓето ќе се придржуваат до превентивните мерки. Според министерот, меѓу можните мерки би можеле да бидат враќањето на полицискиот час, затворањето на училиштата и угостителските објекти, како и забраната за собири, со што од голема важност во планот за рестрикции би бил регионалниот пристап.
Во однос на работа на 16 ковид-центри и монтажни болници истакна дека тие ќе бидат дел од постојаните болници.
Филипче се осврна и на организирањето на наставата во претстојната учебна година, при што укажа дека децата до трето одделение би требало да одат во училиште, додека другите би можеле да следат онлајн настава, според предлогот на Комисијата за заразни болести. Но додава дека треба да постои и онлајн модел, доколку има родители што не се согласуваат.
Од Министерството за здравство, пак, посочија дека во специјалната болница по гинекологија „Мајка Тереза“ во Чаир има раст на бројот на породувања.
Од почетокот на оваа година, до крајот на јули, годинава, се извршени 2.511 породувања, што е за речиси 300 породувања повеќе, во однос на овој период лани, кога биле реализирани 2.222 породувања. Исто така се посочува дека во болницата се преземаат мерки за заштита од ковид-19, задолжително е носењето маска, на пациентките им се мери температура на влез и дозволен е влез само на пациентката што е дојдена на преглед.