Во процесите за градење добрососедска политика, што како еден од приоритетите во меѓународните односи на Р Македонија ги практикува актуелната влада, преку потпишување на договори за добрососедство и соработка прво со Бугарија, а потоа и со Грција, како еден од условите се наметнуваат заедничките мултидисциплинарни меѓувладини комисии за ревизија на актуелните учебници што се користат во образовните системи на потписничките на договорите. Веќе се формирани и имаат одржано неколку состаноци, и македонско-бугарската и македонско-грчката комисија, а учебници што се предмет на ревизија има најмногу по историја, но во случајот со Грција, веројатно ќе се преиспитуваат и оние по географија, како и атласите, географските карти и другите прирачници, најмногу поради именувањето на одредени географски локалитети, кои имаат и грчки и македонски имиња. Работата на двете комисии е обременета со политичкиот притисок од сите страни, како и со очекувањата и критиките на јавноста. Додека претставниците на Македонија во двете комисии главно се воздржани во изјавите за разговорите на работните средби, како и за нивните забелешки во однос на содржината на учебниците, во грчката и во бугарската јавност често се скандализираат некакви наводни барања на македонската страна.
– Знаете дека во овој момент се основани две комисии, скопска и грчка, за преразгледување на учебниците. Видете што бараат скопјаните да се промени во грчките учебници по историја: повеќе да не се нарекува „бугароубиец“, византискиот император Василиј Втори. Бидејќи, реално, скопјаните се Бугари, бугаро-срби и не сакаат Василиј Втори да биде нарекуван „бугароубиец“. Скопјаните сакаат разграничување на Грција од древна Македонија во нашите учебници. Древните Македонци не се Грци! Ова го велат скопјаните. И бараат тоа да го извадиме од нашите книги. И ова треба да се направи до крајот на годинава. Ова треба да се предава од наредната година. Да се разграничи Византија од Македонија, да се признае словенското потекло на Кирил и Методиј, на двајцата грчки монаси, кои ја создале словенската азбука. Да се прифати дека во северна Грција, во 1821 година се случило т.н. Македонско востание и дека во Балканските војни не е ослободена грчката Македонија, но е направено протерување на Македонците. Ова го бараат! Во Министерството за образование владее паника, затоа што не знаат како да се справат со оваа состојба – се вели на снимката што ја сподели Павле Воскополос посочувајќи дека говорникот е грчки новинар на телевизијата Блу скај.
За разлика од информациите што допираат од грчката јавност, шефот на македонските преговарачи во комисијата со Грција, Виктор Габер, протоколарно кажува дека досега е одржана една заедничка работна средба во Солун, на која се утврдени правилата за постапување и разменети се учебниците што треба да се разгледуваат. Наредниот состанок треба да се одржи до крајот на годинава.
Од друга страна, македонско-бугарската интердисциплинарна комисија има остварено повеќе средби, а последната се одржа минатата седмица, на 29 и 30 ноември во Бугарија. Додека траеше комисиската средба во Бугарија, премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратенички прашања во Собранието на Македонија информира дека во декември македонската и бугарската влада ќе имаат седница во Бугарија, на која заедничката комисија ќе реферира за нејзините активности.
– Точно е дека дел од комисиите разговараат и за дел од учебниците, но веднаш штом ќе има нешто што ќе биде договорено пред институциите на системот, тоа ќе се сподели и ќе се соопшти во јавноста. Се зборува за одредени работи што стојат во учебниците, како „бугарски фашистички куршум“, што не се во духот на пријателството. Би сакал да испратам сериозна порака дека она што ќе се случува со промена на учебниците во Македонија и во Бугарија, или, и во Македонија и во Грција, ќе биде во духот на градење идно и трајно пријателство. Нема да биде во духот на нешто што дефинитивно ќе биде незгодно, чувствително или слично. Оттука некоректно е да се бара кои се тие 30 учебници, дали се предвидени средства за овие работи, кои се промените и слично – рече премиерот.
Претходно, шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, изјави дека забелешките на бугарската страна се доставени на 30 страници и дека иако бугарските претставници во комисијата констатирале сериозни забелешки, атмосферата била конструктивна.
За забелешките на бугарската страна на комисијата, шефот на македонскиот дел од неа, Драги Ѓоргиев, посочува дека тие се однесуваат на генералниот тон во македонските учебници, кој според бугарските членови на комисијата, е непријателски настроен кон Бугарија, а се наведува и забелешката за Самуиловото Царство, кое, вели, во нивната историографија е претставувано како бугарско, а кај нас или како Самуилово или како македонско царство.
Една од главните забелешки на македонската страна, пак, генерално е дека територијата на денешна Република Македонија се третира како неослободена бугарска територија, и тоа од средниот па до 20 век. Има и други забелешки, додава Ѓоргиев, кои се поконкретни и кои се поткрепени со примери од учебниците, меѓутоа тие ќе бидат тема на разговор, и доколку се дојде до решение за нив, тоа ќе биде образложено и презентирано пред јавноста.
На последната средба на македонско-бугарската комисија за надминување на историските разлики во Софија било договорено да им се предложи на владите на Македонија и на Бугарија да се прославуваат заеднички денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј и името и делото на Григор Прличев.