Повеќе од еден век по објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков и 75 години од македонската државност, како повторно да се ставаат на преиспитување истите прашања за кои пишува Мисирков во 1903 година, докажувајќи ги елементите што го издвојуваат македонскиот народ од другите соседни народи
Не е некој заокружен јубилеј, но се чини дека и 116 години по објавувањето на капиталното дело на Крсте Петков Мисирков, студијата „За македонцките работи“, како да ги детектира и анализира актуелните состојби и премрежиња на македонската политичка и општествена современост. На 25 декември 1903 година, во Софија е издадена книгата „За македонцките работи“, која до денес претставува капитално дело за афирмацијата на македонската национална свест, јазик, култура и религија. По своето објавување, книгата била забранувана во Бугарија, дури и палена, но и денес сѐ уште ја има вредноста на дело што јасно и систематично го артикулира концептот на македонизмот.
Тоа е всушност политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското националноослободително движење. Истовремено, книгата ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет. Во оваа книга Мисирков го прогласува централното македонско наречје за литературен македонски јазик и ја определува својата национална програма, во која главно место има прашањето за македонскиот литературен јазик. Според Мисирков, потребата од одделен македонски литературен јазик е национален интерес на македонскиот народ и успешно средство во национално-политичката борба против туѓите пропаганди и против употребата на туѓите соседни јазици.
Повеќе од еден век подоцна, 116 години по објавувањето на „За македонцките работи“ и 75 години од македонската државност, како повторно да се ставаат на преиспитување истите прашања за кои пишува Мисирков во 1903 година, докажувајќи ги елементите што го издвојуваат македонскиот народ од другите соседни народи. Актуелниот впечаток во општеството е дека одредени политички проекти и процеси, кои се одвиваат последниве две-три години во Македонија (билатералните договори со Грција и Бугарија и Законот за употреба на јазиците), сериозно ги загрозуваат постулатите на Мисирков за македонизмот, изложени токму во делото „За македонцките работи“. Како од соседите така и на внатрешнополитички план, продолжува политиката од пред повеќе од еден век, на негација на македонскиот народ, јазик, црква, историја…
– Ова е време кога се навршуваат 116 години, односно повеќе од еден век од појавувањето на капиталното дело „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков. Ако досега мислевме дека ова дело припаѓа на историјата, сега неговите тези повторно добиваат актуелност и тоа на повеќе рамништа во македонското општество. Мисирков зборуваше за повеќе елементи, кои ја докажуваат издвоеноста или посебноста на еден народ. Тој зборуваше и за името, за кое вели дека е првата одредница на еден народ и дека мора да се избориме да го зачуваме. За жал, денес не можеме да се пофалиме дека успеавме во таа борба. Актуелните политички состојби во Македонија повторно го ставија името како тема за дискусија како на внатрешен така и на надворешен политички план. Тоа значи дека името Македонија е актуелно дискутабилно (нерешено) прашање. Понатаму, Мисирков зборува за црквата, како еден од столбовите на посебноста на еден народ, а и тоа е прашање за кое сѐ уште се дискутира. Ниту посебноста на македонскиот јазик не се става надвор од дискусија, а Мисирков и него го истакнува како можеби најсилно обележје за еден народ. Ние како МАНУ издадовме декларација за македонскиот јазик, на што од Бугарската академија на науките повторно возвратија со негаторски тези. Нашиот одговор беше во духот на Мисирков, дека нашиот македонски јазик има своја посебност, историја и континуитет. Тоа е научно докажана реалност и немаме потреба да добиеме диплома за признание од БАН – вели академикот Витомир Митевски од МАНУ, говорејќи за современата актуелност на делото на Мисирков.
Академикот Митевски, сепак, изразува увереност дека Македонија и Македонците ќе опстанат, ќе ги надминат актуелните премрежиња и ќе останат она што се. Својата увереност ја темели повторно на уште еден елемент од книгата „За македонцките работи“.
– Сепак, Мисирков вели дека „за среќа, има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.“ Во овие 75 години државност, за среќа, создадовме уште повеќе релевантна македонска култура и тоа ми влева оправдана надеж дека по сите политички премрежиња, ние Македонците ќе останеме она што сме – вели академик Витомир Митевски.
Во контекст на актуелноста на делото на Мисирков, 116 години по објавувањето на „За македонцките работи“, односно дали денес може да се зборува дека се реализирани постулатите на Мисирков за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, пред сѐ на македонскиот јазик, лингвистката Елка Јачева-Улчар, од Институтот за македонски јазик, смета дека е непримерно што во 21 век не може да се затвори прашањето на „македонцките работи“.
– За жал, прашањето на „македонцките работи“ никако да се затвори, иако и самиот Мисирков во своето дело е дециден кога вели: „Не сме ни Бугари, ни Грци, ни Срби, туку сме Македонци кои зборуваат македонски јазик.“ Она што тој го зацртал во „За македонцките работи“ се остварува четириесетина години подоцна, на Првото заседание на АСНОМ. Од тој момент македонскиот јазик, чија норма е заснована врз централномакедонските говори – на што упатува и самиот Мисирков, станува официјален јазик на Македонците во македонската држава, во тоа време една од шесте републики во федеративната држава Југославија. Оттогаш до денес, македонскиот јазик ги развива сите функционални стилови што ги има секој современ стандарден јазик во светот: на македонски се напишани илјадници страници убава литература, публицистика, научни трудови… Во овие, речиси, 80 години од нормирањето на македонскиот јазик, илјадници Македонци го стекнале своето образование на сите нивоа од образовниот процес. Оттука, нападите за непостоење македонски јазик и македонската нација, кои упорно во последниве неколку месеци доаѓаат од нашиот источен сосед, се трагикомични и непримерни за високоцивилизираниот 21 век. Зашто, каков е тој народ и тој јазик што, според нив, „не постојат“, а не исчезнале за речиси 120 години!? Потврдите за посебноста на македонскиот јазик се многубројни, но, еве, ќе укажам на најочигледната: Ако нашиот јазик беше ист со бугарскиот, чуму превод на книги, на стихови, на филмови и серии од македонски јазик на бугарски?! – вели Елка Јачева-Улчар.