Во нашата држава и на Балканот во последно време сѐ погласни стануваат идеите за поништување на веќе склучени и ратификувани меѓународни договори. Конкретно во Македонија најмногу бранување има за договорите со Грција и со Бугарија, како поради нивната асиметричност така и поради неисполнетите ветувања од страна на ЕУ. Што мислат дипломатите, правниците, аналитичарите и политиколозите во однос на поништувањето, но и почитувањето, односно непочитувањето на меѓународните договори? Дали е тоа еден мистериозен бермудски триаголник за Македонија од кој не може да се најде излез?
Актуелна дилема: ПОНИШТУВАЊЕ или не НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ДОГОВОРИ
Во Македонија и на Балканот сѐ погласни стануваат идеите за поништување на веќе склучени и ратификувани меѓународни договори меѓу државите од регионот. Конкретно во Македонија од огорченост и лутина поради неисполнетите ветувања на Европа за почеток на преговорите меѓу ЕУ и нашата земја, како и поради асиметричноста на постигнатите договори, политичарите одвреме-навреме ја навестуваат можноста за раскинување на договорите со Бугарија и со Грција.
Во регионот, пак, премиерот на соседно Косово, Албин Курти, неделава во тамошниот парламент најави можност за раскинување на договор со НАТО од 2013 година, со кој е воведено апсолутно вето над сите идни мисии на Косовските безбедносни сили (КБС) на северот на земјата. Понатаму, во Босна и Херцеговина по 26 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор, лидерите на Србите и на Хрватите, олицетворено и преку словенечкиот нонпејпер, најавуваат раскинување на договореното и припојување на делови од Република Српска кон Србија и на хрватските кантони кон Хрватска. Во регионот и пошироко има и редица други примери на незадоволство кај едната или другата страна со барања за поништување одредени договори.
Почитување и непочитување на договореното
Во контекст на актуелните случувања, интересен за опсервација е и феноменот на доследното почитување или непочитување на договореното во меѓународните договори. Од македонска гледна страна, впечатливо е дека соседите Грција и Бугарија речиси воопшто и да не ги почитуваат потпишаните договори, спогодби, конвенции и меѓународни правни акти, туку наметнуваат само нови и нови барања и услови кон нашата држава. За разлика од нив, Македонија промени и нешто што не се бараше од неа, па дури ги смени и ознаките на шахтите од канализациската мрежа. Натаму, Македонија во 2011 година пред Меѓународниот суд во Хаг ја доби Грција во меѓународен спор, во кој докажа дека соседот неправедно и незаконски нѐ блокирал во напредокот во евроатлантските процеси, но истовремено меѓународната заедница ништо не стори да ја казни Грција, која го изгуби спорот и го прекрши меѓународното право. Слично е и сега со Бугарија. Од Македонија се бара менување на историјата, учебниците и јазикот, а истовремено властите во Софија континуирано ги кршат малцинските права на Македонците во Бугарија и не ги почитуваат договорите и конвенциите. Дополнително, парламентарното собрание на Советот на Европа секоја година бара од Бугарија спроведување на Конвенцијата за заштита на националните малцинства во земјата, меѓу кои е и македонското, но оваа земја никогаш не се придржува до она што го потпишала со Брисел и во тој процес никогаш не е ниту казнета за непочитувањето на европските вредности.
Дипломатско-правни предизвици
Дипломатите и универзитетските професори со кои се консултиравме, во своето видување на овие состојби, велат дека пресметувањето која од страните навистина колку се придржува до договореното е навистина тешко. Според нив, најчесто посилните страни во споровите самоволно се однесуваат на договореното, а помалите држави се принудени да ги почитуваат сите одредби на меѓународниот документ.
Македонскиот дипломат Драган Јањатов вели дека вообичаена практика во меѓународните договори е да се почитува она што е договорено и она што е утврдено со одредена временска динамика на одредени прашања.
– Доколку не се почитуваат меѓународните договори, постои начин истите тие да се раскинат, дури и тоа се предвидува во обемните документи, кои регулираат одредени релации меѓу земјите – вели Јањатов.
Дипломатот цени дека ако некој договор не се почитува од одредена земја истиот тој може да заврши на Меѓународниот суд во Хаг или, пак, во некоја арбитражна постапка каде што ќе се бара виновникот за состојбите.
– Од наша перспектива на настаните, генерално е штетно да се откажеме од договорите, иако голем дел од нивните утврдени норми идат спротивно од нашата полза – вели дипломатот.
Јањатов објаснува дека на таков начин, Македонија на надворешен план хипотетички ќе го намали својот дигнитет во меѓународно поле, а на домашен план ќе ги зацврсти одредените визии како треба да се движи земјата.
Тој вели дека македонската политика пати од комплекс, во кој прво потпишува меѓународен договор без притоа правилно да го анализира секој сегмент, а потоа кога проблемите ќе испливаат на површина нагло се откажува од нив.
Дипломатот советува дека во овој момент нам ни се потребни мудрост и знаење како да го извадиме максимумот од одредени договори без притоа да се наруши националниот интерес на земјата.
– Проблемот во договорите со Бугарија и со Грција не е она што е впишано во нив, туку како го толкуваат тоа страните од договорот. По балканската логика на нештата секоја страна, тука вклучувајќи ја и нашата, има свое видување за одреден процес. Токму затоа во овој момент треба да преовладее разумот и толкувањата на договорите да се урамнотежат – вели Јањатов.
Универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески смета дека Македонија ги поседува кај себе сите механизми да раскине каков било договор ако за тоа процени одредена идна политичка гарнитура.
– Македонија кај себе ги има алатките и да раскине договор со одредена држава. Прашањето што треба да е високо на агендата е колку е тоа мудро и полезно за Македонија – вели Малески.
Според професорот, оние што раководат со земјата треба да имаат на ум дека ако го напуштиме договореното со соседите ние ризикуваме истовремено дека е возможно повторно да заглавиме со декади надвор од ЕУ како со спорот со Грција, кој 30 години нѐ држеше надвор од НАТО и од некои меѓународните организации.
Професорот вели дека она што е интересно од македонска перспектива на настаните е што земјите што не го почитуваат договореното со Македонија можат да се дадат во случаи пред меѓународни судови, на идентичен начин како што приватните лица можат да се тужат пред судовите во земјата.
– Проблемот настанува онаму, каде што иако аргументите би биле на нашата страна, меѓународното право нема строги механизми како домашното право да спроведе санкција и имплементација на пресудите од споровите што би се воделе пред меѓународните судски тела. Па оттука, Македонија би требало што поскоро, по што пократка процедура да го фати европскиот воз и со полна пареа да замине во некои подобри политички води, со кои би се заобиколиле ваквите можни развои на меѓународен план – резимира Малески.
Малите почитуваат, големите злоупотребуваат
Универзитетскиот професор по меѓународна политика и право Михал Вит вели дека Европа уште од 1990-тите години по падот на Берлинскиот ѕид, па досега, мака мачи со почитувањето на нормите што се договорени во голем број политички договори, кои во поновата историја ги регулираат релациите меѓу земјите од Стариот Континент.
– Општа констатација е дека по голем број прашања, одредени држави од Европа, малку или воопшто не се придржуваат до многубројните меѓународни договори или конвенции што ги потпишале на различни теми. Тоа е така бидејќи, по падот на комунизмот се промени и моќта во светот, па земјите од Западот започнаа да практикуваат своеволни политики за одредени прашања и со тоа да го почитуваат само она што ним им оди во прилог. Овој тренд потоа се пренесе и во Источна Европа и на Балканот, па сега имаме состојби во кои Македонија, на пример, и повеќе од што е потребно ги почитува договорите со Бугарија и со Грција на сопствена штета за членства во ЕУ и во НАТО, а од друга страна преостанатите земји на обврските се однесуваат маргинално – вели Вит.
Професорот вели дека проблемот во меѓународната политика, доколку правовремено не се реши, ќе продуцира голем број идни кризи, кои за самата ЕУ ќе прераснат во ненадминлива состојба.
Тој вели дека уште попроблематично во оваа корелација на односите се, условно кажано, помалите страни во договорите да ги прекинат обврските кон одреден чин, бидејќи на тој начин тие ќе се најдат на отстрел во дипломатијата на оние земји што ја злоупотребуваат моменталната меѓународна клима.
– Доколку на пример Македонија се реши да се откаже од намерите на почитување на договорите, таа може да се соочи со меѓународни санкции. Од друга страна, светот пак ништо не презема ако во истиот процес земјите како Бугарија и Грција, пак, не се трудат доволно да го испочитуваат договореното со Македонија – резимира професорот.