Седумдесетина пратеници најверојатно ќе бидат дел од јавната кампања за референдумот закажан за 30 септември. Собранието, најави дека, кампањата ќа ја води преку закупување медиумски простор, учество на дебатни емисии, пишани медиуми и интернет портали.
Извесно е дека во кампањата ќе се вклучат пратениците од СДСМ,нивните коалициски партнери и интегративците, а поддршка за референдумот и вклучување во кампањата во изјави за медиумите најавија и пратениците од Беса.
Христијан Мицкоски вчера преку Фејсбук соопшти дека ќе побара од пратеничката група делот од 80-те милиони денари за кампања за нив да биде пренасочен за изградба или доградба на средно училиште во Тетово. Засега не се знае како пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе одговорат на неговото барање имајќи го предвид веќе изнесениот бојкотирачки став на пратеникот Антонијо Милошоски и лидерот на ДПСМ Иван Стпоиљковиќ, исто така, за бојкот.
Иако секојдневно е произиван да го каже ставот на партијата за референдумот Мицкоски повторно и викендов ништо не соопшти, најавувајќи го 10 септември како рок до кога ќе калкулира. Единствено напиша дека партијата е против Договорот со Грција и оти тие од врата на врата ќе го објаснуваат својот став.
Претходно, во петокот, пратеникот Милошоски со писмо побара од претседателот на Собранието пари за кампања за бојкот на референдумот, како прв пратеник од опозицијата со јасен став за референдумот. Како одговор на ова негово барање, Парламентот посочи дека водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секој од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво.
Не е познат и ставот на пратениците на Алијансата за Албанците, додека ДПА се очекува да се вклучи во кампањата.
Претседателот на Собранието во четвртокот упати известување до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи, во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „ против“.
Врз основа на добиените податоци, пропорционално, Собранието ќе закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, пишани медиуми и интернет портали.