Од заклетвата на првата техничка влада предводена од Емил Димитриев

Овој модел на избор на влада беше вграден во измените на Законот за влада, кои предвидуваат 100 дена пред денот на одржување избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на премиерот, Собранието да избере нова, преодна влада за спроведување на парламентарните избори, предводена од нов премиер, кој го номинира владејачката партија. Каков е ставот на експертите во однос на потребата од едно вакво решение

Од 3 јануари 2020 година Македонија ќе ја добие втората техничка влада, во јавноста позната и како „пржинска влада“, која треба да ги подготви предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
Овој модел на избор на влада беше вграден во измените на Законот за влада, кои предвидуваат 100 дена пред денот на одржување избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на премиерот, Собранието да избере нова, преодна влада за спроведување на парламентарните избори, предводена од нов премиер, кој го номинира владејачката партија.
Покрај тоа, со овој модел е предвидено да се избере и нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог од опозицијата со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во републичкото собрание.
Оваа „пржинска влада“ предвидува и дополнителни заменик-министри за надворешни работи и за труд и социјална политика предложени од владејачката партија, додека опозицијата ќе има дополнителни заменик-министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество.

Но сега се наметнува прашањето дали на Македонија пред секои избори ѝ е потребна ваква техничка влада и дали недовербата во институциите е сè уште толку голема што мора да се презема ваков чекор.
Првиот човек на институцијата задолжена за спроведување на изборите смета дека е потребно време да се врати довербата во институциите.

– Добро е да се има ваква влада пред секои избори заради кревање на довербата во системот. Треба да правиме одредени чекори да ја креваме довербата во системот и институциите и еден ден нејзиното укинување ќе си дојде само по себе – смета Оливер Дерковски, претседател на Државната изборна комисија.

Тој додава дека формирањето техничка влада пред секои избори е предвидено во согласност со Законот за влада и нема ништо необично во тоа.
– Формирањето техничка влада не е ништо ново ниту за развиените земји. Конкретно, пред неколку месеци Австрија имаше техничка влада што функционираше до изборите што се одржаа таму – прецизира Дерковски.

Од друга страна, има размислувања и дека функционирањето на Пржинската влада се покажало како неефикасно и непотребно.
– Таа обврска за техничка влада, според пржинскиот терк, веќе еднаш била игнорирана делумно, нема простор, според нас, да се оди на такво искуство, кое за нас граѓаните беше многу мачно. Искуство што тотално ги блокира државата и самата влада, како и институциите – вели Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“.
Според него, потребно е да се зајакнат институциите за да се врати довербата во изборниот процес.

– Сметаме дека треба многу итно политичките партии да разговараат и да се договорат за еден сосема поинаков модел на обезбедување доверба во изборните процеси. Веруваме дека треба да се работи на јакнење на институциите, а не на меѓусебна партиска контрола внатре во институциите. Тоа на ништо не личи – додава Дерала.
Овој модел првпат беше применет пред последните парламентарни избори, кога технички премиер беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ, која тогаш беше во опозиција, меѓу другото, доби министри во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика.


Светски искуства со преодни влади

Под терминот „техничка влада“ се подразбира влада што има мандат за строго определена цел, односно влада што се поставува привремено, за да се подготви патот за постојана влада.
Оваа влада нема добиено мандат на избори, туку ја назначуваат главните политички партии во земјата.
Историјата на преодните влади потекнува уште од времето на револуциите во Европа од средината на 19 век, а биле нарекувани и либерални влади, формирани за да се подготви државата за избори.
Една од најпознатите преодни влади е руската привремена влада по Октомвриската револуција во 1917 година
Во поново време вакви преодни влади имало во Италија и во Грција, кои беа формирани за да ја пребродат економската криза. Неодамна ваква влада имаше и во Австрија, по избивање скандал што ја растури владејачката коалиција.
Во светот познати преодни влади имаше во Сомалија во 2012 година, која беше и меѓународно признаена, во Конго од 1998 до 2003 година, како и во Етиопија од 2012 година.