Прочитта на поезијата на Конески во годината на одбележување на 100-годишнината од неговото раѓање претставува исклучителен предизвик, особено од аспект на одекот во денешните македонски состојби.
Тоа изискува преиспитување преку внатрешниот дијалог со себеси, со земјаците, со својата земја – за минатото, за себесоздавањето, за непризнавањето, за зреењето, за државотворноста. Тоа претставува историски дијалог со македонската земја, oд чиишто длабоки и црни корени и пролеана крв, Конески го испреплетува црвено-црниот вез на вечната борба на својот македонски народ.
Извадоците од песните на Конески, вткаени во хронолошка низа, независно од времето на настанување, ги покажуваат сета негова душевна експресија за минатото и неисцрпната жед со збор и љубов да ја напои својата земја. За неговиот народ да не стане суво дрво, без корен!
За Конески, земјата:
Е Македонска – сѐ дотаму до каде држи татковината („Караорман“).
Татковина е – до каде допира неговата омеѓена безгранична љубов („Татковина“).
Taткова е – кога е слободна, кога е на народот („Пролетна песна“).
Неговата земја – крепела – многумина, познати и непознати („Послание“).
Доживувала униженија – за да ја достигне државотворната зрелост („Послание“).
Која единствено останува – исто како и народот, кој иако го ништат, пак се збира купче („Послание“).
На која и без Тира и Сидона – се живеело со илјадници години („Послание“).
Земја – од каде што тргнал Александровиот поход до Инд („Послание“).
Низ којашто – Цицерон поминал во прогонство во Солун („Послание“).
Каде, Цезар му се јавил на Брута спроти решителната битка („Послание“).
Земја од која се посветиле – Петнаесетте Тивериополски маченици („Послание“).
На чијшто брег кај Белото Езеро – Наум соградил манастир („Послание“).
Нејзината планина Беласица – каде што неименуваниот јунак персонифициран со цар Самуил – грчевито ликувал пред својот неизбежен крај, знаејќи дека неговиот очајнички замав – „нема да се загуби, туку ќе влијае на исходот на сите битки што идат“ („Беласица“).
Земја која се затресувала и потресувала – заедно со целиот свет, од копјето на Крале Марко, поради што престрашениот Господ му одзел третина од силата („Одземање на силата“).
Земјата на Марко силниот, кој му пркосел на Господа, бидејќи го направил прв во царштина што пропаѓа, каде Марко изградил бело Кале со јаки ѕидишта и вити кули, со стерната под нив и биел бој со душманот и лошотијата, сѐ дур не бил урнат, а со тоа и гордата замисла на народот негов („Стерна“; „Кале“).
Земја, разбунтувана oд Карпоша – кога јуначка песна се пеела за земја да се ослободи и да се земе на крала кралство и на цара царство („Буната Карпошова“).
Земја, гробна, туѓа и притеснета – за вечниот патник Григор Прличев, поради ропската потиштеност и народните страдања, сè дур новото племе не дојде, кое ќе го сака и прославува („Григор Прличев“).
Земја на Гоце војвода – синот народен – кој го повел народот за полињата да се наши, а селата мили („Илинденски мелодии“). Делчев кој повторно гине, крвави во село Баница, преку гласот на Божиков, за да се гласи како орел што клика („Ѓорѓи Божиков“)
Земја на аскетите преки – девствениците Гоце, Пере, Даме – кои не сетиле да стане дребен векот, само сенка бесплотна од знаме и колан од студена пушка, до задниот екот од куршумот в срце („Девственици“).
Земја на Сирма Војвода, родена за слободата („Сирма Војвода“).
Земја, мачна, разнесена од оган и пустош – кога е окупирана од Тиранот („Мoст“).
Која лудува – кога народот полетно се бори со Немците („Мост“).
Ладна и Лека – кога хероите паѓаат во бој за нејзината слобода („Сказната на стариот мајстор“).
Земја, која е делена, како Езерото на граница – чијшто нескротлив бурен бран, не успеал да го сплоти поделениот народ („На Граница“).
Koja се завртува и е наша – oд народното оро, кое го корне стресениот век („Teшкото“).
Која дише – со пролетна ситост и запален здив од звуците и татнежите на Тешкото („Teшкото“).
Земја, која со Конески заживува преку човечките ликови на Караорман и Славеј Планина. Браќа лути ајдути – за кои народот славна и јуначка песна пее – сè до кај држи земја македонска, а тие тажат за загубените невести во турско и за „младите партизанки“ паднати во крвав бој („Караорман“).
Земја на поетите Неделковски и Рацин, кои заживуваат преку дијалогот на Конески, со што родината станува врсница нивна. Тие ја растат земјата во себе, за слобода се борат. Тие се смртни, но државата вечно треба да ја биде („Ракување“).
Тоа е заедничката борба на „потиснато племе“ за татковината, што смисла и облик ѝ дава, вера и генерациска верност. Исто како што Прличевиот издив „да видам Охрид, Струга да видам“, преку Конески се разлева низ душите на Коле и Рацин. Прличевиот призрак, со кој Коле го искусува последното ракување, пред – како доследен на гемиџиите – со крв да го испише вечниот издив на душите на својот народ („Ракување“).
Конески стапува и во долг дијалог со Жинзифов, „земјакот стар и добер“, стемнет во мракот гробен („Средба со Жинзифов“). Конески е негов следбеник – гласник на народниот глас, од дома, од родниот крај – кој преку Жинзифов го заживува орачот на браздите на земјата родна, кој во народот гори, ко љубов живот.
Конески ја оживува и жртвата на Вапцаров, кој со смртен вик пред окрвавено зло, нечуен в темнина загинува („Вапцаров“), но со Рацин сè уште судбински како бор шуми („Македонски поети“).
Константниот дијалог на Конески со земјата и со природата, значи негов непосреден спој со татковината, со своите земјаци, со предците. Неговиот живот плодно се слева со татковата земја, вбраздена в гради, од кое никнува семето, полето родно, слободната земја. Неговата песна зрее, како и народот свој кому тој му ја изречува и посветува („Пролетна песна“).
Оттаму, Конески ја бере и поезијата од дрвото на животот („Поетика“), за на крајот како земјанин со земјата да се стопи („Живот“; „Опит“).
Дрвото и корењата, кои се напојувани од неговата земја, за Конески се синоними за луѓето, за својот народ, за историјата, преданијата, спомените.
Земјата е таа која дава сок на корењата – спречувајќи да се „вклешти камниот заборав“ („Круша дивјачка“).
Дрвото, како и човекот, конечно умира само кога ќе се загуби живиот спомен за него („Дабот“).
Затоа, Конески повикува на мудрост, да не се заборават корените. Во спротивно човекот – односно македонскиот народ – ќе стане суво дрво, само навидум пречекливо („Суво дрво“), ќе мисли дека и натаму шуми и од корен јача, а всушност привиди го мачат! („Суво дрво“).
Оттаму, за Конески, македонската земја, станува кал – кога народот како црв понизно се витка, прифаќајќи дека е јаден и лит. Тој всушност им порачува на своите земјаци – да го направат внатрешниот дијалог со самите себе и да не се помират со наметната бесмислена ништожност. Само така тие ќе станат чувари на својата гордост, а со тоа и на гордоста на народот и државата („Внатрешен дијалог“).
Внатрешниот дијалог во песните на Конески го рефлектира и неговиот младешки рик, како израз на генерациската мака на своето смачкано племе, манифестирајќи ја со тоа горчливата реалност од оспорувањата и непризнавањата на македонскиот народ. Тоа е рикот на Конески од загриженоста за судбината на својот народ и посветеноста да се служи на македонската идеја, како на нешто свето и светло.
Внатрешниот дијалог значи преиспитување и пред смртта, околу истрајноста, непредавството, вербата во македонската идеја, што Конески го преточува во увереноста дека не бил „сејач на глуво семе“ и „дека не е туку така / што бил подложен на таков искус / и на таква една мака …“ („Една ситуација и едно лично становиште“).
Патриотскиот порив за државата и за својот народ е тоа што Конески „пак љубов го враќа кај својата земја песочлива“ („Спомен“).
Затоа, тој изразува тага и гнев кога гледа „што е нашево сега“ – умој исчукани и глави ничкум наведени. За тоа ли во „нашето минато“ децата на света борба ветени, поттурнати, поплукани, крваво умирале ужасени, како метеори угасени?! („Спомен“).
Затоа, Конески гневно извикува „А Вие еј!, на што сте смислиле да ја сведете“ татковината, на која тој својата љубов ширум ја разнесува („Татковина“).
За Конески, себесоздавањето не подразбира ситни притворства за да се покажеме, потребно е да се гради ден за ден, подобриот дел од себеси, личната зграда на секој поединец, со што се гради државата. Бидејќи урнат е привидот, доцна е да се измислуваме наново („Себесоздавање“).
За Конески самата древност не го прави вреден градот, бидејќи бедна е сета археологија без таа да допре до слоевите во душата („Град“). Вредноста на земјата извира од нејзината историја, слоевито вбраздена во народните души.
Историјата за Конески е и семејството, што се раскрилува над нашите внуци („Семејна историја“), кога генерациски се слави Св. Никола и се „плоди нашето племе“ („Св. Никола“).
Историја се и вечно недочитаните иконостаси во Св. Спас, Бигорски, Лесново („Читач“). Историја е и ангелот на Света Софија, кој се крие под малтерот на неговите гради („Ангелот на Св. Софија“), како и раздвижените ѕидови на Марковиот манастир, кој тој в гроб го носи („Марков манастир“).
Историјата за Конески, меѓутоа, е и маглата во есенското утро, која се спушта, не дозволувајќи ниту прст да се гледа („Историја“).
Затоа, Конески пишува за потајните презирачи на неговата историска свест и сè што се изведува од неа, кои ги негираат неговите сфаќања („Жед“). Затоа, тој го моли Бога да го спаси од болните луѓе („Молитва“), а народот од лажните пороци („Лажни пороци“).
Затоа Конески крева клетва против копачењето на корените најдлабоки, кога се руши црквата во Небрегово, темелот што го крепел неговиот народ и бил храмот на нивните души („Црква“).
Затоа, тој го расклатува ѕвоното на камбаната на непризнаената црква Св. Димитрија, со нејзиниот одек да го опее непризнаениот светител Мошин, бидејќи дошол во неговата земја и дејствувал за неговиот народ, презирајќи ги фарисеите („Владимир Мошин“).
Затоа, Конески со силината на зборот се спротивставува на негирањата и непризнавањето на јазикот на неговиот народ. Тој одбира звуци на македонската лира, барајќи созвучја или тајновито име, како облог во морничавата игра. Македонскиот збор на Конески станува штит против силата на силниците, отпор против оспорувачите на македонскиот јазик („Отпор“).
Конески ја раѓа простата и строга македонска песна, од неговото срце, од судбинското нешто што се плело – двете шарки црвена и црна, за навек („Везилка“).
За него, вистинската и неминлива убавина се народните преданија. Тоа е историјата – семката од која сè произлегува, длабината на црните корења на дрвото кое го крепи неговиот народ („Пеперутка“).
Оттаму, надежта на Конески, безрасудно пак изртува, без оглед на поразите, срамовите, поругите, кои народот морал да ги издржи, за да преживее, од кои умот му се свртува („Преживување“).
Преку песните на Конески одекнува милениумскиот историски крич на грчовитото ликување на Самуил од исходот на константната битка за државата, која „трае отсекогаш и ќе трае довека“, за да се одбрани („Беласица“). Грчевита битка, водена и на соколските крилја на Марко, како и со ѕунот на пушките немирници на Карпош („Буната Карпошова“), на Гоце, Пере, Даме. На крилата на младите соколи илинденци, чиишто срца не истрпуваат „ропство да ги јади“ („Илинденски мелодии“). Со песните на Орлите – новите илинденци партизани – од кои горите ѕвонат и изгрева сонцето на слободата („Сончева колона“).
Слобода, извојувана со острите пера ко копја на Григор, Рајко, Коле, Никола, Коста. Со поезијата на Блаже, која како жива струја тече од срце до срце „колку што срца народот го чинат“ („Ракување“).
Конески е самиот македонска историја, затоа што сега го нема, но бил, штом го снема („Тема“).
И е! Наш! Tука и денес со нас, со збор да ја прегрнува и со љубов да ја закрилува својата земја.
А ние, негувајќи го неговиот збор оставен како завет за навек, ја одржуваме вечната битка за неговата и наша македонска земја!
За народот македонски да не стане суво дрво, без корен, кое само привиди го мачат!
(Од моето читање на Конески на меѓународниот собир „Филолошки читања: Јазикот и стилот на Блаже Конески).
Проф. д-р Митко Б. Панов
Авторот е редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје