Долго време од појавата на социјалните мрежи тие беа некако законски игнорирани како паралелен универзум на реалното општество, додека не стана јасно дека таквата вирална комуникација сериозно влијае и ги поткопува принципите за функционирање воспоставени во еден општествен систем. Една од негативните придружни манифестации од паралелниот свет на социјалните мрежи е феноменот наречен „говор на омраза“, кој според македонскиот Кривичен законик се санкционира од 2014 година, а со конечната верзија по неколку законски измени, тоа е регулирано со членот 394-г, насловен „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Сепак и покрај тоа што оваа сфера е законски регулирана и се предвидени санкции за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, судска и адвокатска практика со предмети за говор на омраза на социјалните мрежи речиси и да не постои. Освен некои медиумски „популарни“ случаи за поведување постапка против одредени познати личности за говор на омраза на социјалните мрежи (за кои брзо стивнува интересот), на овој член од Кривичниот законик ретко се повикуваат во судската практика.
– Социјалните мрежи се релативно нова тема во македонското законодавство и речиси да не постои некоја судска практика во таа насока – вели адвокатот Звонко Давидовиќ, што го потврдува и неговиот колега Јован Јоанидис, а и двајцата се со богато искуство во кривичното право.
Од друга страна, во МВР веќе е воспоставена практика за прием на пријави за делото, т.н. говор на омраза и дури и ги повикуваат граѓаните што се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, тоа да го пријават во најблиската полициска станица или на адресата [email protected].
– Во текот на 2018 година Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има примено 49 пријави за говор на омраза, односно во врска со основи на сомнение на сторено кривично дело според чл. 144 „Загрозување на сигурност“ и чл. 394-г „Ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем“ од Кривичниот закон на РМ. Некои од овие пријави се завршени, а по некои сѐ уште се постапува. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите за санкционирање на ваквите случаи – велат од МВР.
Бидејќи говорот на омраза е релативно ново искуство во македонската правосудна практика, во јавноста често се изедначува со делата клевета и навреда, како да се некакви законски синоними. Иако сѐ уште нема многу пријави во МВР, на форумите на социјалните мрежи, каде што најчесто се практикува овој феномен, постојат и дебати меѓу корисниците, во кои се разговара токму за начинот за поведување постапка против оваа појава, но притоа говорот на омраза често се изедначува со клевета и навреда.
– Законските дефиниции за говор на омраза и за клевета и навреда се различни, иако начинот и средствата со кои се манифестираат овие дела честопати се идентични. Говорот на омраза во основа е ширење расистички и ксенофобичен материјал што помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група… Додека клеветата и навредата се искажување на невистинити факти за одредена личност, неговиот карактер, работата… Иако во дефиницијата на престапот се слични и можеби навлегуваат едно во друго дело, сепак законски тие се регулирани со различни закони. Имено, клеветата и навредата веќе не се дел од Кривичниот законик и не претставуваат кривично дело, но се регулираат со Законот за граѓанска одговорност. Тоа во практиката значи дека оној што смета дека против него се изречени клевети или навреди треба самиот да поведе граѓанска постапка пред надлежниот суд. Од друга страна, говорот на омраза е дел од Кривичниот законик и за него може да поведе постапка Јавното обвинителство по службена должност, или тој што се чувствува загрозен – ја објаснува адвокатот Звонко Давидовиќ разликата во третманот на двете дела.
И покрај законската регулираност и правните можности за барање сатисфакција на оние што се почувствувале загрозени од говорот на омраза на социјалните мрежи, сепак оштетените тешко се одлучуваат за законска реакција. Некои велат дека со каква било пресуда не можат да ја неутрализираат веќе направената штета на социјалните мрежи, додека други сметаат дека законската регулатива не може да ги заштити реално од брзината на акциите и реакциите на оние од кои всушност се загрозени… Затоа, најчесто се откажуваат од идејата за законски прогон на говорот на омраза, кој реално е многу поинтензивно присутен на социјалните мрежи, отколку што тоа го покажува судската практика.