За власта, предлог-буџетот има силна развојна компонента и е во насока на подобрување на секојдневното живеење на граѓаните во услови на здравствена и енергетска криза, додека опозицијата смета дека станува збор за мегаломански буџет во кој фиктивно се предвидени голем број капитални инвестиции, во рамки на продолжувањето на собраниската расправа за дополнетниот предлог-буџет за 2022 година, кој е проектиран на 4,4 милијарди евра. Предвидено е расправата да продолжи во 15.30 часот, по редовната едночасовна пауза.
По десетдневната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, предлог-буџетот беше вратен во Владата која прифати 23 амандмани во вкупна вредност од околу 382 милиони денари. Потоа како дополнет предлог-буџет повторно беше вратен во Собранието на усвојување.
Главните цели на предлог-буџетот се продолжување на грижата за заштита на јавното здравје на населението, економско заздравување, непречено функционирање на основните функции на државата, забрзување на растот, зголемување на инвестициите при спроведување на фискална консолидација и поддршка за реформските процеси во правосудството и евроинтеграциските процеси.