Од Министерството за здравство деновиве за „Нова Македонија“ соопштија дека преку апликацијата вакцинација.мк се направени 81.850 пријави од заинтересирани за вакцинација. Од страна на матичните лекари се направени 57.898 анкети, а досега се вакцинирани вкупно 5.755 здравствени работници. Зошто граѓаните имаат отпор или многу мал број аплицираат за да се вакцинираат? Од каде е присутен тој феномен во нашето општество? На оваа тема разговаравме со епидемиолози, кои сметаат дека вакцинацијата е единствен спас од ковид-19, но и со социолози и психолози, кои го објаснуваат овој отпор меѓу граѓаните
Феноменот антивакцинација и ковид-19 во фокусот
Сериозен интерес за вакцинација или само декларативна заложба по социјалните медиуми? Зошто граѓаните постојано зборуваат за вакцина против ковид-19, а во практика многу малку се одлучуваат да аплицираат за да ја примат оваа вакцина. Во меѓувреме во земјата секојдневно има и по илјада нови позитивни случаи, како резултат на третиот бран од ковид-19, кој од изминатиот месец значително се шири. Најави за вакцинација на населението има, но сѐ уште нема вакцини, освен за здравствените работници.
Анализите покажуваат дека и од 7.000 лица од здравството што треба да се вакцинираат со пристигнатите дози вакцини од „Фајзер“ и од „Спутник“, сѐ уште не се искористени сите вакцини.
Од осумте илјади на „Фајзер“ требаше да се вакцинираат 4.000 лекари во две дози од првата линија, со трите илјади на „Спутник“ дополнителни 3.000 во една доза. Вкупниот број вакцинирани лекари сега е нешто над 5.000. Експертите велат дека постојат повеќе причини за слабиот интерес за вакцинација, меѓу кои и лажните вести.
Зошто луѓето не сакаат да се вакцинираат? Од каде е присутен тој феномен во нашето општество? На оваа тема разговаравме со епидемиолози, кои сметаат дека вакцинацијата е единствен спас од ковид-19, но и со социолози и психолози, кои го објаснуваат овој отпор меѓу граѓаните.
Од Министерството за здравство деновиве за „Нова Македонија“ соопштија дека преку апликацијата вакцинација.мк се направени 81.850 пријави од заинтересирани за вакцинација. Од страна на матичните лекари се направени 57.898 анкети, а досега се вакцинирани вкупно 5.755 здравствени работници.
Досега во земјава пристигнаа нешто над 8.000 дози на „Фајзер“, како донација од Србија, и 3.000 вакцини на „Спутник“. Иако беше најавено дека со последната пратка од Русија ќе започне имунизацијата на населението, засега со неа се вакцинираат само медицинските лица.
Во соседна Србија веќе одамна е започнат процесот на масовна имунизација, а има и доволно вакцини. Но бројот на заболени и таму постојано расте. Дури е воведен процес на вакцинација без претходна пријава, со намера процентот на вакцинација да се зголеми. Тамошните експерти велат дека милион и 290 граѓани колку што се пријавиле за вакцинација не е доволен број што ќе овозможи победа над ковид-19 во Србија. Најмногу вакцинирани има во Белград или 23 отсто од вкупниот број жители.
Во Украина има вакцини против ковид-19, но дури и меѓу медицинскиот персонал има слаб интерес за вакцинирање.
Слаб одзив и кај медицинарите
Епидемиологот Никола Пановски вели дека, според неговите процени, одзивот за вакцина против ковид-19 меѓу населението е мал, а смета дека истиот тој е мал и кај здравствените работници.
– Народот има избор дали да им верува на стручните лица или на некои квазидоктори чии изјави секојдневно се шират низ интернет-просторот. Очекувам на крајот фактите да победат. На пример, во Израел вчера имало пет починати и 700 позитивни лица, а станува збор за земја од девет милиони население. Но таму има висок процент на вакцинирани, иако третиот бран од ковид-19 секаде е присутен. За некое време ќе се видат и ефектите од вакцинацијата и во Србија. Така народот полека ќе почне да го менува ставот и повеќе ќе пристапува кон вакцинацијата – додава Пановски.
Несигурност и лажни вести
Социологот Илија Ацески вели дека феноменот на тоа што луѓето не сакаат да се вакцинираат може да се гледа од неколку социолошки аспекти.
– Граѓаните во земјата веќе подолг временски период се навлезени во една политичка ситуација што им создава невроза и несигурност. Има апатија кај народот. Тие политички пресметки кај еден човек создаваат револт, односно некој од мене бара нешто, но јас по секоја цена велам не. Тоа се случува и кога здравјето на поединецот е во прашање – објаснува тој.
Според него, граѓаните немаат верба во институциите на системот, кои се исполитизирани.
– Тоа го создава тој отпор, дури и на состојбата со вакцинирањето против ковид-19. Тоа се случува дури и кај оние што се доволно образовани да знаат дека вакцинирањето е единствениот излез од состојбата – додава Ацески.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановска вели дека граѓаните се малку збунети поради напливот на информации и немаат мера да видат што е вистина, а што не. Тие не знаат во што да веруваат.
– Младите немаат доволно авторитети во кого да веруваат, по толку многу превривања, неточни информации и лаги. На социјалните мрежи можат сѐ да видат, но тие не веруваат во оние што се избрани да нѐ предводат.
Тие не се мерата дека тоа што го кажуваат е вистина. Затоа некогаш луѓето се склони да веруваат во неточни информации. Тогаш народот останува сам и збунет и се потпира на секакви квазиавторитети или, пак, на сопственото искуство кому да му верува, а кому не. Затоа вакцинацијата го доживува ова – објаснува таа.
Филипче: Вакцините се безбедни
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека за вакцините против ковид-19 се води сметка дали се соодветно испитани, дали имаат соодветни сертификати за квалитет и дали се потврдени од регулативните тела за контрола на лекови.
– Водиме грижа, не само за овие вакцини туку за сите лекови и вакцини, прво да се соодветно испитани. Да ги имаат соодветните сертификати за квалитет, кои се издаваат од страна на производителот, секако потврдени од регулаторните тела на европската и американската агенција и секако водиме сметка посебно за оваа вакцина на тоа на што укажуваат националните агенции на овие земји во ЕУ, кои привремено го прекинаа вакцинирањето. Се сублимираат сите сознанија и публикации од сите оние што се занимаваат со оваа работа – рече Филипче.
Министерот истакна дека и самите производители се под голем притисок и навремено не може да испорачаат вакцини.
Според најавите од механизмот „Ковакс“, министерот рече дека две пратки на вакцини од „Астра Зенека“ треба да стигнат на 31 март и 15 април, но укажа дека може да има и каснење, истото тоа го истакна и за кинеските вакцини, кои исто според најавите на производителот се очекуваат да стигнат на крајот од месецот.
– Колкав е капацитетот на производителите и на овие колективни механизми така ние ќе ги добиеме и тие вакцини. Важно е дека системот е спремен, точно знаеме како ќе се спроведува вакцинацијата и сега вакцинацијата со здравствените работници тече без никаков застој што ни укажува дека системот е навистина подготвен – рече Филипче.
Според Националниот план за имунизација, по вакцинирањето на здравствените работници, во првата група треба да бидат опфатени и вработените во лаборатории за тестирање и дијагностика, како и сите граѓани над 70 години. Во втората фаза ќе се вакцинираат: лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 години, со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест. Во оваа група се и фармацевтите, стоматолозите, вработени во полиција, војска, парламент, Владата, новинари и сл. Во третата фаза ќе се вакцинираат сите граг?ани што сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години.